Проповедник 9 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Мудроста царува. 1 И сево ова го ставив во срцето свое, за да испитам, дека праведниците и мудреците и нивните дела се во рацете Божји, и дека човекот не знае ни за љубов, ни за омраза во сето тоа, што е пред него. 2 За секој и за сите е едно: една судбина за праведен и неправеден, за добар и лош, за чист и нечист, како и оној кој принесува жртви и за оној кој не принесува; како и за добар, така и за грешник; како и за оној што се колне, така и за оној што се бои од клетва. 3 Токму тоа е најлошо од сѐ, што се врши под сонцето, дека еден е крајот за сите, па затоа срцето на синовите човечки е полно со зло, и безумие има во срцето нивно додека се живи; а потоа тие умираат. 4 Кој е меѓу живите, има уште надеж, бидејќи и куче живо е подобро, отколку мртов лав. 5 Живите знаат, дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат, и веќе за нив нема награда, зашто и споменот за нив е предаден на заборавот, 6 и љубовта нивна, и омразата нивна и љубомората нивна веќе исчезнале, и ќе немаат дел довека во ништо, што станува под сонцето. 7 И така, оди, јади го радосно лебот свој и пиј го со радосно срце виното свое, што Бог има наклоност кон твоите дела. 8 Во секое време облеката да ти биде светла, и секогаш да има елеј на главата твоја. 9 Во сите дни на својот суетен живот насладувај се од животот заедно со жената, која ја сакаш, и кој ти ја дал Бог под сонцето за сите твои суетни дни; зашто, тоа е твој дел во животот и во твоите трудови, со кое се трудиш под сонцето. 10 Сѐ, што може да врши раката твоја, според силите свои, врши; зашто во гробот, каде што ќе појдеш, нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост. 11 И пак видов под сонцето дека на брзите не им е до трчање, ниту на храбрите до борба, ниту на мудрите до леб, ниту на разумните – богатство, ниту на искусните благонаклоност, но времето и прликите им помагаат на сите нив. 12 Зашто човекот не си го знае времето. Како што рибите налетуваат во погубна мрежа, и како што птиците се заплеткуваат во примки, така и синовите човечки се уловуваат во тешко време, кога тоа неочекувано ќе дојде за нив. 13 Еве уште каква мудрост видов под сонцето, и таа ми се причини голема: 14 мал град и во него малку луѓе; дојде против него голем цар, го опколи и почна против него да прави голем окопи; 15 но во него се најде човек сиромав, но умен, и тој со својата мудрост го спаси тој град; и при сето тоа никој не се сети за тој сиромав. 16 И јас си реков: мудроста е подобра од силата, и при сето тоа што мудроста на сиромавиот се пренебрегнува, и зборовите негови не се слушаат. 17 Зборовите на мудреци, искажани спокојно, се ислушуваат подобро, отколку викањето на оној што заповеда. 18 Мудроста е подобра од воено оружје; но оној којшто ќе згреши, расипува многу добри работи. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society