Online Bible

- Reklamy -

Проповедник 8 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Послушност спрема властите.

1 Кој е како мудриот, и кој го разбира значењето на работите? Мудроста на човека му го просветлува лицето негово, и строгоста на лицето негово се изменува.

2 Јас ти велам: пази го царскиот збор, и тоа – поради клетвата пред Бога.

3 Не брзај да бегаш од лицето негово и не биди тврдоглав во лошите работи; зашто, тој што ќе посака, се може да направи.

4 Каде што е зборот на царот, таму е и власта; и кој ќе му каже: »Што правиш?«

5 Кој пази заповед, тој не доживува никакво зло: срцето на мудриот знае и време и наредба;

6 зашто за секоја работа има свое време и свој суд; а човека го обвинува неговото недело,

7 зашто не знае, што ќе биде и како ќе биде тоа – кој ќе му каже?

8 Ниеден човек нема власт над духот, за да го подржи духот, и нема власт над смртниот ден, нема избавување во таа работа, ни нечесноста нема да го спаси нечесниот.

9 Сето тоа го видов, и го свртувам срцето свое кон секоја работа, што се врши под сонцето. Понекогаш човекот господари над човек на своја штета.

10 Видов тогаш како погребуваат нечесни, и оние што доаѓаа од своето место беа пофалени во градот, што така постапија. И тоа е суета!

11 Бидејќи не се врши суд над лоши работи, затоа не се плаши срцето на синовите човечки од прави зло.

12 Иако некој грешник врши стопати зло, судот му се одолжува; но јас знам, дека ќе им биде добро само на оние, што се бојат од Бога, кои имаат страв пред лицето Негово;

13 а за нечесниот нема да има добро, и како сенка, само кратко време, ќе преуспее оној, кој не се плаши пред Бога.

14 Има и таква суета на земјата: праведните ги постигнува она, што би ги заслужиле делата на нечесните, а со нечесните станува она, што би го заслужиле делата на праведните. А јас си реков: и тоа е суета!

15 И ја пофалив јас веселбата; зашто нема подобро за човекот под сонцето, освен да јаде, да пие и да се весели: тоа го придружува човекот во трудовите негови преку дните на животот негов, што му го дал Бог под сонцето.

16 Кога го управив срцето свое кон тоа, да постигнам мудрост и да ги разгледам работите, што се вршат на земјата, така што на човекот да не му доаѓа сон ни дење ни ноќе, –

17 тогаш ги видов сите дела Божји и најдов, оти човекот не може да ги сфати работите, што се вршат под сонцето. Колку и да се труди човекот да ги испитува, пак нема да го постигне тоа.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy