Матеј 9 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Фатениот. Матеј и учениците Јованови. Ќерката на Јаира и жената што боледува од крвотечение. Двајца слепи и еден нем. 1 Тогаш Он влезе во еден кораб, се врати назад и пристигна, во својот град. 2 И ете, донесоа при Него еден фатен, положен на постела. Па кога ја виде Исус нивната вера, на фатениот му рече: »Не плаши се чедо! Ти се простуваат гревовите твои!« 3 Тогаш некои од книжниците рекоа во себе: »Овој богохулствува.« 4 А Исус, штом ги разбра мислите нивни, рече: »Зошто мислите лошо во срцата ваши? 5 Или, што е полесно? Да кажам: ‚Ти се простуваат гревовите твои!‘ или да кажам: ‚Стани и оди!‘? 6 Но за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да проштава гревови.« Тогаш му рече на фатениот: »Стани, земи си ја постелата и оди си дома!« 7 И тој стана, ја зеде постелата своја и си отиде дома. 8 А народот, кога го виде тоа, се зачуди и Го прослави Бога, Кој им дал таква власт на луѓето. 9 А кога си одеше оттаму, Исус виде еден човек, по име Матеј, како седи на митница, и му рече: »Врви по Мене!« И тој стана и тргна по Него. 10 И кога седеше Исус на трпеза дома, одеднаш мнозина митници и грешници дојдоа и седнаа до Него и до учениците Негови. 11 Но, штом го видоа тоа фарисеите, им рекоа на учениците Негови: »Зошто вашиот Учител јаде и пие со митници и грешници?« 12 А Исус, кога го чу тоа, им рече: »Здравите немаат нужда од лекар, а болните; 13 одете и научете се што значи: ‚Милост сакам, а не жртва‘. Зашто не сум дошол да ги повикам праведниците, туку грешниците, на покајание.« 14 Тогаш дојдоа при Него учениците Јованови и рекоа: »Зошто ние и фарисеите постиме многу, а Твоите ученици не постат!« 15 А Исус им рече: »Зар можат сватовите да бидат нажалени додека е со нив младоженецот? Но ќе дојдат дни, кога младоженецот ќе се оттргне од нив, па тогаш и тие ќе постат. 16 Зашто никој од нив не крпи стара облека со нова крпа, оти таа ќе се отшие од старото и отворот ќе биде поголем; 17 ниту, пак, се става ново вино во стари мевови; инаку, мевовите ќе напукаат, и виното ќе истече и мевовите ќе пропаднат; туку ново вино се става во нови мевови, па така ќе се запази и едното и другото.« 18 Додека Он им говореше за тоа, ете некаков началник се приближи до Него, Му се клањаше и велеше: »Ќерка ми умре сега; туку дојди, положи ја раката Своја над неа и таа ќе оживее.« 19 И како стана Исус, тргна по него, заедно со учениците свои. 20 И ете, една жена, која беше страдала дванаесет години од крвотечение, се приближи одзади и се допре до крајот на облеката Негова. 21 Зашто си велеше: »Само ако се допрам до облеката Негова, ќе оздравам.« 22 А Исус, штом се заврте и ја виде, рече: »Не плаши се, ќерко, верата твоја те спаси!« И оздраве жената во тој час. 23 И кога дојде Исус во куќата на началникот и ги виде свирачите и народот збунети, 24 им рече: »Излезете надвор, зашто девојката не е умрена, туку спие.« А тие Му се потсмеваа. 25 Но штом го истера народот, Он влезе, ја фати момата за рака и таа стана. 26 И се расчу тоа по целиот тој крај. 27 А кога Исус си одеше оттаму, тргнаа по Него двајца слепи и викаа: »Помилуј нѐ, Исусе, сине Давидов!« 28 А штом дојде в куќи, слепците се приближија до Него. И Исус им рече: »Верувате ли дека можам да го направам тоа?« Тие му рекоа: »Да, Господи!« 29 Тогаш се допре до очите нивни и рече: »Нека ви биде според верата ваша!« 30 И очите им се отворија; а Исус им заповеда строго: »Гледајте никој да не узнае!« 31 А тие, штом излегоа, разгласија за Него по целата таа земја. 32 Додека тие излегуваа, ете, доведоа при Него еден човек нем и бесен. 33 По изгонувањето на бесот, немиот проговори. А народот се чудеше и говореше: »Никогаш такво нешто не станало во Израилот!« 34 А фарисеите велеа: »Он ги изгонува бесовите со силата на началникот на ѓаволите.« 35 И одеше Исус по сите градови и села, и поучуваше по нивните синагоги, го проповедаше Евангелието на царството и лекуваше секаква болест и немоќ во народот. 36 А штом виде многу народ, се сожали, зашто беа изморени и прснати како овци без пастир. 37 Тогаш им рече на своите ученици: »Жетвата е голема, а работници малку; 38 затоа помолете Го Господарот на жетвата да испрати работници на својата жетва.« |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society