Online Bible

- Reklamy -

Матеј 8 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Христос го исцелува лепрозниот, слугата на стотникот, бабата на Петра и други болни, ги поучува Своите два ученика, ја стивнува бурата и им помага на двајца бесни луѓе.

1 А кога слегна од планината, по Него врвеше многу народ.

2 И ете, се приближи еден лепрозен. Му се клањаше и говореше: »Господе, ако сакаш, можеш да ме очистиш.«

3 А Исус, кога ја пружи раката, се допре до него и рече: »Сакам, очисти се!« И тој веднаш се очисти од лепрата.

4 И му рече Исус: »Гледај, никому не кажувај; а оди, покажи им се на свештениците и принеси дар, како што заповедал Мојсеј, ним за сведоштво.«

5 А кога влезе Исус во Капернаум, се приближи до Него еден стотник и Го молеше говорејќи:

6 Господи, слугата мој лежи дома фатен и многу страда.

7 Исус му рече: »Ќе дојдам и ќе го излекувам.«

8 А стотникот одговори и рече: »Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави;

9 зашто и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: ‚Оди!‘ и тој оди; на другиот: ‚Дојди!‘ и тој доаѓа; и на слугата: ‚Направи тоа!‘ и тој прави.«

10 Кога го чу тоа, Исус се зачуди и им рече на оние што врвеа по Него: »Вистина ви велам: ни во Израилот не најдов толку голема вера.

11 И ви велам дека мнозина ќе дојдат од Исток и од Запад и ќе седнат на трпеза со Авраама, Исака и Јакова во царството небесно,

12 а синовите на царството ќе бидат фрлени во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби.«

13 И му рече Исус на стотникот: »Оди си и, како што си поверувал, нека ти биде!« И слугата негов во истиот час оздраве.

14 Кога дојде во домот на Петра, Исус ја виде тештата негова како лежи болна од треска,

15 и се допре до раката нејзина, и треската ја остави; таа стана и им служеше.

16 А кога се стемни, доведоа при Него мнозина бесни, и Он со еден збор ги изгони духовите и ги излекува сите болни,

17 за да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели: »Он ги зеде на Себе нашите немоќи и ги понесе болестите.«

18 Кога виде околу Себе многу народ, им заповеда на учениците да минат на другата страна.

19 Тогаш се приближи до Исуса еден книжник и Му рече: »Учителе, ќе врвам по Тебе каде и да одиш.«

20 А Исус му рече: »Лисиците имаат легла и птиците небески – гнезда; а Синот Човечки нема каде глава да потслони.«

21 Друг, пак, од учениците Му рече: »Господи, позволи ми најнапред да отидам да го погребам татка си«

22 Но Исус му рече: »Врви по Мене, и остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци!«

23 И кога влезе во коработ, по Него влегоа и учениците Негови.

24 И ете, настана голема бура во морето, така што брановите го покриваа коработ, а Он спиеше.

25 Тогаш се приближија учениците до Него, Го разбудија и рекоа: »Господи, спаси нѐ, загинуваме!«

26 А Он им рече: »Зошто сте толку плашливи, маловерни?« Потоа стана, им заповеда на ветровите и на морето, и настана голема тишина.

27 А луѓето се зачудија и рекоа: »Кој е Овој, та и ветровите и морето Му се покоруваат?«

28 И кога пристигна на другата страна во земјата Гергесинска, Го сретнаа двајца бесни, излегле од гробиштата; беа толку лоши што не смееше никој да мине по тој пат.

29 И ете, извикаа и рекоа: »Што имаш со нас Ти, Исусе, Сине Божји! Зар си дошол тука предвреме да нѐ мачиш?«

30 А далеку од нив пасеше голем број свињи.

31 И бесовите Го молеа и говореа: »Ако нѐ изгониш, позволи ни да отидеме во свињине!«

32 И Он им рече: »Отидете!« И тие излегоа и отидоа во свињите. И одеднаш сите свињи се сурнаа низ стрмнината во морето и се издавија во водата.

33 А свињарите побегнаа и, штом дојдоа во градот, раскажаа за сето тоа и за она, што се беше случило со бесните.

34 И ете, излезе целиот град да Го пресретне Исуса и, кога Го видоа, Го замолија да си отиде од нивниот крај.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy