Online Bible

- Reklamy -

Матеј 6 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Продолжение од беседата на гората: за милостињата, молитвата и постот. Не е потребно грижење за она што е земно.

1 »Гледајте да не ја покажувате својата праведност пред луѓето, за да ве видат; инаку нема да имате награда од вашиот Отец небесен.

2 И така, кога даваш милостина, не разгласувај, како што прават лицемерите по синагогите и по улиците, за да ги фалат луѓето. Навистина ви велам, тие веќе ја добиле својата награда.

3 А ти, кога даваш милостина, да не знае твојата лева рака што прави десната,

4 за да биде твојата милостина тајна; и тогаш, твојот небесен Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно.

5 И кога се молиш, не биди како лицемерите, што сакаат да стојат по синагогите и раскрсниците за да се молат и да се покажуваат пред луѓето. Вистина ви велам дека тие веќе си ја добиле својата награда.

6 Но ти, кога се молиш, влези во својата скришна соба и, откако ќе ја затвориш вратата, помоли Му се на твојот Отец, Кој е во тајност; и Он, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно.

7 Кога се молите, не говорете многу како незнабошците, зашто тие мислат дека за своите многу зборови ќе бидат услишени;

8 вие, пак, немојте да бидете како тие, оти вашиот Отец небесен знае од што имате нужда уште пред да сте Го помолиле.

9 Туку молете се вака: Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое;

10 да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата;

11 лебот наш насушен дај ни го денес;

12 и прости ни ги долговите наши, како што им ги проштаваме и ние на нашите должници;

13 и не нѐ воведи во искушение, но избави нѐ од лукавиот, зашто Твое е царството, и силата, и славата во сите векови. Амин!

14 Бидејќи, ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен;

15 ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето, и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите.

16 Кога постите, не бидете жалосни како лицемерите; зашто тие си ги прават лицата мрачни, за да се покажат пред луѓето дека постат. Вистина ви велам, оти тие ја добиле веќе својата награда.

17 А ти, кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое,

18 па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред својот Отец, Кој е во тајност; и твојот Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно.

19 Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и 'рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат;

20 но собирајте си богатства на небото, каде што ни молец, ниту 'рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат;

21 зашто, каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше.

22 Светило за телото е окото. И така, ако твоето око биде чисто и целото твое тело ќе биде светло;

23 ако, пак, твоето око биде лошо, целото тело ќе ти биде темно. И така, ако светлината, што е во тебе, е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината?

24 Никој не може да им слугува на двајца господари: оти, или едниот ќе го замрази, а другиот засака; или кон едниот ќе се приврзе, а другиот ќе го презре. Не можете да им служите на Бога и на Мамона.

25 Затоа ви велам: немојте да се грижите за душата – што ќе јадете или што ќе пиете; ниту за телото, во што ќе се облечете. Зар не чини душата повеќе од храната, и телото – од облеклото?

26 Погледајте ги птиците небески; тие ни сеат, ни жнеат, ниту во амбар собираат; но вашиот Отец ги храни. Зар не сте вие многу поскапи од нив?

27 А кој од вас, грижејќи се, може на својот раст да му придаде макар еден лакот?

28 Зошто се грижите и за облеката? Погледајте ги полските кринови како растат: не се трудат, ниту предат;

29 но ви велам дека ни Соломон, во целата своја слава, не се облече така, како еден од нив;

30 па, ако полската трева, што денеска постои, а утре во оган се фрла, Бог така ја облекува, а колку повеќе вас, маловерни!?

31 Па затоа не грижете се и не говорете: што да јадеме, или што да пиеме, или во што да се облечеме?

32 Зашто сето тоа го бараат незнабошците, а вашиот Отец небесен знае дека за сето ова имате потреба.

33 Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придаде.

34 И така, немојте да се грижите за утре, зашто утрешниот ден ќе се грижи за своето; на секој ден доста му е неговото зло.«

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy