Матеј 4 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Исуса Го искушува сатаната; почнува да учи, ги повикува првите ученици и лекува секаква болест. 1 Тогаш Духот Го одведе Исуса во пустината за да биде искушуван од ѓаволот. 2 И како постеше четириесет дни и четириесет ноќи, најпосле огладне. 3 А кога се приближи до Него, искушувачот Му рече: »Ако си Син Божји, кажи овие камења да станат лебови.« 4 А Он му одговори и рече: »Напишано е – ‚Не само од леб ќе живее човекот, а од секој збор што излегува од устата на Бога.‘« 5 Тогаш ѓаволот Го одведе во Светиот град и Го постави на храмовата стреа, 6 и Му рече: »Ако си син Божји, скокни долу, зашто во Писмото стои: ‚На ангелите Свои ќе заповеда за Тебе да Те запазат и на раце ќе Те земат за да не Си ја сопнеш некако ногата од камен.‘« 7 А Исус му рече: »Напишано е исто така – ‚Не искушувај Го Господа, Твојот Бог‘.« 8 Го одведе ѓаволот потоа на многу висока планина, и Му ги покажа сите царства на светот и нивната слава, 9 и Му рече: »Сето ова ќе Ти го дадам, ако паднеш и ми се поклониш.« 10 Но Исус му рече: »Бегај од Мене, сатано, зашто е напишано: ‚На Господа, твојот Бог, да Му се поклонуваш и само Нему да Му служиш!‘« 11 Тогаш ѓаволот Го остави и ете дојдоа ангели и Му служеа. 12 А кога чу Исус дека Јован е предаден, отиде во Галилеја; 13 И кога го остави Назарет, дојде и се насели во Капернаум приморски, во пределите Завулонови и Нефталимови, 14 за да се исполни реченото преку пророкот Исаија, кој вели: 15 Земјата Завулонова и земјата Нефталимова, на пат кон морето, отаде Јордан, е незнабожечка Галилеја. 16 »Народот, што седеше во мрак, виде голема светлина и на оние, што седеа во место на сенка смртна, им изгреа светлина.« 17 Оттогаш почна Исус да проповеда и да говори: »Покајте се, зашто се приближи царството небесно!« 18 И одејќи покрај Галилејското море, ги виде двајцата браќа, Симона, наречен Петар, и брата му Андреја, како фрлаат мрежа во морето, бидејќи беа рибари, 19 и им рече: »Појдете по Мене, и Јас ќе ве направам ловци на луѓе.« 20 И ете, тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него. 21 Потоа, одејќи, понатаму виде други двајца браќа: Јакова Заведеев и брата му Јована, во Кораб со Заведеја, таткото нивни, кои си ги крпеа мрежите свои, и ги повика. 22 И тие наеднаш го оставија коработ и татка си и тргнаа по Него. 23 И одеше Исус по цела Галилеја и, кога поучуваше по синагогите, го проповедаше Евангелието на царството и лекуваше секаква болест и немоќ кај народот. 24 Па се разнесе глас за Него по цела Сирија и ги доведуваа при Него сите болни, нападнати од различни болести и страдања, и бесни, и месечари, и фатени – а Он ги лекуваше. 25 И по него одеше многу народ од Галилеја и од Десеттоградието, од Ерусалим и од Јудеја, отаде Јордан. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society