Матеј 3 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Јован го повикува народот на покајание и Го крштава Исуса. 1 Во тие дни дојде Јован Крстител и проповедаше во пустината Јудејска, 2 и говореше: »Покајте се, зашто се приближи царството небесно!« 3 Оти овој е, навистина оној за кого рекол пророкот Исаија: »Гласот на оној, што вика во пустината, вели: ‚Пригответе го патот на Господа и исправете ги патеките Негови!‘« 4 А сам Јован имаше облека од камилски влакна и појас од кожа околу слабините, а храната му се состоеше од скакулци и див мед. 5 Тогаш од Ерусалим и цела Јудеја и од целиот крај Јордански доаѓаа при него 6 и се крштаваа од него во реката Јордан, исповедувајќи ги своите гревови. 7 А штом виде Јован дека при него доаѓаат мнозина фарисеи и садукеи за да се крстат, им рече: »Породи змиини, кој ви кажа да бегате од гневот што иде? 8 Направете плод достоен за каење 9 и немојте да говорите во себе: ‚Наш татко е Авраам‘ зашто Бог може, ви велам, и од овие камења да му издигне чеда на Авраама. 10 Секирата веќе лежи при коренот на дрвото: зашто секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган. 11 Јас ве крштавам за покајание со вода, но Оној што иде по мене е посилен од мене; јас не сум достоен да Му ги понесам ни обувките; Он ќе ве крсти со Дух Свети и со оган. 12 Лопатата е во рацете Негови и Он ќе го очисти гумното Свое и ќе Си го прибере житото во амбар, а плевата ќе ја изгори со оган што не гасне.« 13 Тогаш дојде Исус од Галилеја на Јордан при Јована за да се крсти од него. 14 А Јован Го одвраќаше, велејќи: »Јас треба од Тебе да бидам крстен, а Ти при мене ли – доаѓаш?« 15 Но Исус му одговори и рече: »Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда.« Тогаш Јован Го остави. 16 И штом се крсти, Исус веднаш излезе од водата. Одеднаш Му се отворија небесата, и Го виде Духот Божји да слегува како гулаб и да се спушта над Него. 17 И ете, глас од небесата говореше: »Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!« |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society