Матеј 28 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Исусовото воскресение. Воскреснатиот Исус им се јавува на учениците. Заповед за крштавањето на сите народи. 1 Кога измина саботата, на осамнување во првиот ден на седмицата, дојдоа Марија Магдалина и другата Марија да го видат гробот. 2 И ете, стана голем потрес: ангел Господов слезе од небото, пристапи, го отстрани каменот од гробната врата и седна на него; 3 лицето му беше како молња, а алиштата – бели како снег; 4 а стражарите, уплашени од него, трепереа и беа како мртви. 5 Ангелот се обрна кон жените и им рече: »Не бојте се; знам дека Го барате Исуса распнатиот; 6 не е овде, воскресна, како што беше рекол; дојдете и видете го местото, каде што лежел Господ, 7 па отидете бргу и кажете им на учениците Негови, дека Он воскресна од мртвите. И ете, ќе отиде пред вас во Галилеја; таму ќе Го видите. Ете, ви кажав.« 8 И како излегоа брзо од гробот, тие со страв и голема радост отрчаа да им соопштат на учениците Негови. 9 Кога одеа да им јават на Неговите ученици, Исус ги пресретна и рече: »Радувајте се!« А тие се приближија, ги опфатија нозете Негови и Му се поклонија. 10 Тогаш Исус им кажа: »Не бојте се; одете и соопштете им на браќата Мои, да отидат во Галилеја, и таму ќе Ме видат.« 11 Кога одеа тие, ете, некои од стражарите, влегувајќи в град, им кажаа на првосвештениците за сето она што беше станало. 12 И тие, кога се собраа со старешините и направија совет, им дадоа многу пари на војниците, 13 велејќи: »Кажете, дека учениците Негови дојдоа и Го украдоа, кога ние спиевме; 14 и, ако за тоа чуе управникот, ние ќе го смириме и ќе направиме и вам ништо да не ви се случи.« 15 А тие ги зедоа парите и направија, како што беа научени. И тој глас се пренесува меѓу Јудејците и до денес. 16 А единаесетте ученици отидоа во Галилеја, во гората, каде што им беше заповедал Исус; 17 па, штом Го видоа, Му се поклонија; а некои се сомневаа. 18 А Исус, кога се приближи, проговори и рече: »Ми се даде секаква власт на небото и на земјата. 19 Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, 20 и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот. Амин!« |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society