Online Bible

- Reklamy -

Матеј 27 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Исус пред Пилата. Крајот на Јуда предавникот. Исус и Варава. Исуса го бијат и Му се смеат. Распнувањето и смртта.

1 А кога се раздени, сите првосвештеници и старешини народни направија совет против Исуса за да Го убијат;

2 и откако Го врзаа, Го одведоа, и Го предадоа на управникот Понтиј Пилат.

3 Тогаш Јуда, што го предаде, кога виде дека е Он осуден, се покаја и ги врати триесетте сребреници на првосвештениците и старешините,

4 велејќи им: »Згрешив, оти предадов невина крв.« А тие му одговорија: »Што ни е грижа нам за тоа? Мисли му ти.«

5 И како ги фрли сребрениците во храмот, излезе и отиде, та се обеси.

6 Првосвештениците ги прибраа сребрениците и рекоа: »Не чини да се оставаат во црковната каса, оти се цена за крв.«

7 И како се советуваа, ја купија со нив грнчаревата нива, за да погребуваат во неа луѓе од други места.

8 Затоа и до денес таа нива се вика Крвна нива.

9 Тогаш се исполни реченото преку пророкот Јеремија: »И ги зедоа триесетте сребреници, цената на Непроценливиот, Кого Го оценија синовите Израилеви,

10 и ги дадоа за грнчаревата нива, како што ми кажа Господ«.

11 И Исус застана пред управникот. И тој Го праша, велејќи: »Ти ли си Царот Јудејски?« Исус му одговори: »Ти велиш.«

12 И кога Го обвинуваа првосвештениците и старешините, Он ништо не одговараше.

13 Тогаш Му рече Пилат: »Не слушаш ли колку сведочат против Тебе?«

14 И не му одговори ниту на еден збор, така што управникот се чудеше многу.

15 А на секој празник Пасха управникот имаше обичај да му отпушта на народот по еден затвореник, кого што би го побарале.

16 Тогаш тие имаа еден прочуен затвореник, по име Варава.

17 И кога се собраа, Пилат им рече: »Кого сакате да ви го пуштам: Варава ли, или Исуса, наречен Христос?«

18 Оти знаеше дека Го беа предале од завист.

19 Во тоа време, кога тој седеше во судот, жена му порача да му кажат: »Не прави Му ништо на Тој Праведник, оти денеска многу пострадав насон, заради Него.«

20 Но првосвештениците и старешините го наговорија народот да го измоли Варава, а Исуса да Го погуби.

21 Тогаш управникот ги праша: »Кого од двајцата сакате да ви го пуштам?« Тие одговорија: »Варава!«

22 Пилат им рече: »А што да направам со Исуса, наречен Христос?« Му одговорија сите: »Да биде распнат!«

23 Управникот рече: »Па какво зло направил?« Но тие уште посилно извикаа и рекоа: »Да биде распнат!«

24 Пилат, штом виде дека ништо не помага, а буната се зголемува, зеде вода, ги изми рацете пред народот и рече: »Невин сум за крвта на Овој Праведник; мислете му вие!«

25 И одговарајќи целиот народ, рече: »Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца!«

26 Тогаш им го пушти Варава, а Исуса, откако Го бичуваа, Го предаде да биде распнат.

27 Потоа управниковите војници Го зедоа Исуса во судницата и ја собраа целата чета околу Него,

28 па, откако Го соблекоа, Му облекоа багреница;

29 исплетоа трнов венец, Му Го кладоа на главата и Му дадоа во десната рака трска; и паѓајќи на колена, Му се потсмеваа и велеа: »Радувај се, Царе Јудејски!«

30 И плукаа на Него и, како ја зедоа трската, Го удираа по главата.

31 А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ги облекоа Неговите алишта и Го поведоа на распнување.

32 На излегување сретнаа еден Киринеец, по име Симон; него го натераа да Му го носи крстот.

33 И кога дојдоа на местото, наречено Голгота, што значи: место на черепи,

34 Му дадоа да пие оцет, измешан со жолчка. Но Он вкуси и не сакаше да пие,

35 А штом Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждреб;

36 па седеа таму и Го чуваа;

37 и Му кладоа над главата натпис, со вината Негова: »Овој е Исус, Царот Јудејски.«

38 Тогаш распнаа со Него и двајца разбојници: едниот од десната страна, а другиот од левата.

39 А минувачите, вртејќи ги главите свои, Го хулеа

40 и велеа: »Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси! Ако си Син Божји слегни од крстот!«

41 Исто така и архијереите, заедно со книжниците и старешините, и фарисеите, потсмевајќи се говореа:

42 »Другите ги спаси, а Сам Себе не може да се спаси. Ако е Он Цар Јудејски, нека слезе сега од крстот, па ќе поверуваме во Него.

43 Се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако е по волјата Негова, оти беше рекол: ‚Син Божји Сум!‘«

44 И разбојниците, распнати со Него, Го хулеа исто така.

45 А од шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час;

46 а околу деветтиот час извика Исус со висок глас и рече: »Или! Или! Лама савахтани?« А тоа значи: »Боже Мој, Боже Мој, зошто Си Ме оставил?«

47 А некои од оние што стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: »Овој го вика Илија.«

48 И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во оцет и го надена на трска, па Му даваше да пие.

49 Другите, пак, велеа: »Чекајте, да видиме, дали ќе дојде Илија да Го спаси.«

50 А Исус, откако повторно извика со висок глас, го испушти духот.

51 И наеднаш се расцепи црковната завеса на два дела, од горниот крај до долниот; и земјата се затресе; и карпи паднаа;

52 и гробови се отворија; и многу тела на упокоени светии воскреснаа;

53 па како излегоа од гробовите, по воскресението Негово, влегоа во светиот град и се јавија на мнозина.

54 А стотникот и оние, што со него заедно Го чуваа Исуса, откако го видоа земјотресот и сѐ друго што стана, се уплашија многу и говореа: »Навистина Овој бил Син Божји!«

55 Таму беа и гледаа оддалеку, исто така, многу жени, што врвеа по Исуса од Галилеја и Му служеа.

56 Меѓу нив беа Марија Магдалина и Марија, мајка им на Јакова и Јосија, и мајката на Зеведеевите синови.

57 А кога се стемни, дојде еден богат човек од Ариматеја, по име Јосиф, кој Му беше исто така, ученик на Исуса;

58 тој отиде при Пилата и го побара телото Исусово. Тогаш Пилат нареди да го предадат телото.

59 А Јосиф, штом го зеде телото. Го обви во чиста плаштаница,

60 и Го положи во својот нов гроб, што го беше издлабил во карпа; па, откако постави голем камен над гробната врата, си отиде.

61 А таму беа Марија Магдалина и другата Марија, кои седеа спроти гробот.

62 На другиот ден, по петокот, се собраа првосвештениците и фарисеите при Пилата,

63 и му рекоа: »Господаре, се сетивме дека Оној измамник, уште дури беше жив, рече: ‚По три дни ќе воскреснам.‘

64 Затоа нареди да се причува гробот до третиот ден, за да не отидат учениците Негови ноќе и да Го украдат, па да му речат на народот: ‚Воскресна од мртвите!‘ Та последната измама ќе биде полоша од првата.«

65 Пилат им рече: »Имате стража; одете и направете како што знаете.«

66 Тие отидоа и со стража го осигураа гробот, и каменот го запечатија.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy