Матеј 26 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Последното кажување за страдањата Исусови. Помазувањето во Витанија. Пасха и тајната вечера. Борбата во Гетсиманија. Јудиното предавство. Исуса го фаќаат. Сослушувањето пред свештеничкиот старешина. Петровото одречување. 1 И кога ги заврши Исус овие зборови, им рече на учениците Свои: 2 »Знаете дека по два дни ќе биде Пасха и Синот Човечки ќе биде предаден на распјатие.« 3 Тогаш првосвештениците и книжниците, и старешините народни се собраа во дворот на првосвештеникот, по име Кајафа, 4 и се советуваа како да Го фатат Исуса со измама и да Го убијат; 5 но рекоа: »Само не на празникот, за да не стане бунт во народот.« 6 А кога беше Исус во Витанија, во куќата на Симона Прокажениот, 7 се приближи до Него една жена, која носеше шише со скапоцено миро, и го изли врз главата Негова, кога Он седеше на трпезата. 8 И штом го видоа тоа учениците Негови, се расрдија и рекоа: »Какво е тоа растурање? 9 Оти тоа миро можеше да се продаде многу скапо и парите да се разделат на сиромаси.« 10 Но Исус, разбирајќи го тоа, им рече: »Зошто ја буните жената? Таа направи добро дело за Мене; 11 оти сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш; 12 таа, изливајќи го тоа миро врз телото Мое, Ме приготви за погребение. 13 Вистина, ви велам: каде и да биде проповедано ова Евангелие по цел свет ќе се прикажува за нејзин спомен и тоа што го направи таа.« 14 Тогаш еден од дванаесетте, по име Јуда Искариот, отиде при првосвештениците 15 и рече: »Што ќе ми дадете, па да ви Го предадам?« А тие му предложија триесет сребреници. 16 И оттогаш тој бараше погодно време да Го предаде. 17 А во првиот ден на празникот Бесквасници пристапија кон Исуса учениците и Му рекоа: »Каде сакаш да ти приготвиме да јадеш пасха?« 18 Он им рече: »Одете в град при тој и тој човек и кажете му: ‚Учителот вели: времето Ми наближи, при тебе ќе ја прославам Пасхата со учениците Свои.‘« 19 Учениците направија како што им заповеда Исус и ја приготвија пасхата. 20 Штом се стемни, Он седна на трпезата со дванаесетте. 21 И кога јадеа, им рече: »Вистина, ви велам: еден од вас ќе Ме предаде.« 22 Тие многу се нажалија и секој од нив почна да Го прашува: »Да не сум јас, Господи?« 23 А Он им одговори и рече: »Оној што ќе макне со Мене во чинијата, тој ќе Ме предаде. 24 Синот, пак, Човечки, вистина си оди, како што е напишано за Него; но тешко му на оној човек, преку кого Синот Човечки ќе се предаде; добро ќе беше за тој човек ако не беше се родил.« 25 А Јуда, што Го предаде, одговори и рече: »Да не сум јас, Рави?« Му одговори: »Ти рече.« 26 И кога јадеа, Исус зеде леб, го благослови и рече: »Земете, јадете, ова е Моето тело.« 27 И како ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: »Пијте од неа сите; 28 зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина, за опростување на гревовите. 29 И вам ви велам, оти отсега нема да пијам од овој лозов плод сѐ до оној ден, кога ќе пијам нов со вас, во царството на Мојот Отец.« 30 И откако испеаја благодарствена песна, се искачија во Елеонската Гора. 31 Тогаш им рече Исус: »Сите вие ќе се соблазните заради Мене уште во оваа ноќ; зашто е напишано: ‚Ќе Го поразам пастирот и овците од стадото ќе се разбегаат.‘ 32 А по воскресението Мое ќе отидам порано од вас во Галилеја.« 33 Тогаш Петар Му одговори и рече: »Дури и сите да се соблазнат заради Тебе, јас никогаш нема да се соблазнам.« 34 Исус му рече: »Вистина, ти велам: дека оваа ноќ, уште пред да пропее петел, трипати ќе се одречеш од Мене.« 35 Петар Му кажа: »Ако затреба дури и да умрам со Тебе, нема да се откажам од Тебе.« Истото го рекоа и сите ученици. 36 Потоа отиде Исус со нив на едно место, наречено Гетсиманија, и им рече на учениците: »Поседете тука, додека отидам онаму да се помолам.« 37 И кога ги поведе со Себе Петра и двајцата Зеведееви синови, се натажи и почна да тагува. 38 Тогаш им рече Исус: »Смртно е нажалена Мојата душа; останете тука и видете будни со Мене!« 39 И како се пооддалечи малку, падна ничкум; се молеше и говореше: »Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но не како Јас што сакам, туку како Ти.« 40 Па дојде при учениците и ги затече како спијат, и му рече на Петра: »Толку ли не можевте еден час да останете со Мене будни? 41 Бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо.« 42 Отиде пак, повторно, и се помоли, говорејќи: »Оче Мој, ако не може да одмине од Мене оваа чаша, да не ја испијам, тогаш нека биде волјата Твоја!« 43 И кога дојде, пак ги најде да спијат, оти очите им беа натежнале. 44 И кога ги остави, отиде и се помоли по третпат, изговарајќи ги истите зборови. 45 Потоа дојде при учениците Свои и им рече: »Сѐ уште спиете и почивате! Ете, наближи часот и Синот Човечки се предава во рацете на грешници. 46 Станете да одиме! Ете, наближи оној што Ме предава.« 47 Додека Он уште говореше, ете, Јуда, еден од дванаесетте, дојде, и со него многу луѓе со ножеви и колови, испратени од страна на првосвештениците и старешините народни. 48 А оној, што Го предаваше, им беше дал знак, велејќи: »Кого што ќе Го целивам, Он е, фатете Го!« 49 И веднаш се приближи до Исуса и Му рече: »Радуј се, Рави!« И Го целива. 50 А Исус му рече: »Пријателе, зошто си дошол?« Тогаш пристапија, положија раце на Исуса и Го фатија. 51 И ете, еден од оние што беа до Исуса, протегна рака и извади нож, па како го удри слугата на првосвештеникот, му го отсече увото. 52 Тогаш Исус му рече: »Врати го ножот на местото негово; зашто сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат; 53 или мислиш дека не можам да Го помолам сега Својот Отец, да Ми прати повеќе од дванаесет легиони ангели? 54 Но, како ќе се исполнат Писмата, ако ова не стане?« 55 Потоа Исус му рече на народот: »Како на разбојник сте излегле со ножеви и колови, за да Ме фатите. Секој ден седев со вас, поучувајќи во храмот, и не Ме фативте. 56 Но сето тоа стана, за да се исполнат пророчките писма.« Тогаш сите ученици Го оставија и се разбегаа. 57 А оние, што го фатија Исуса, Го одведоа при првосвештеникот Кајафа, каде што беа собрани книжниците и старешините. 58 Петар, пак, одеше по Него оддалеку, до дворот на првосвештеникот; и како влезе внатре, седна со слугите, за да го види крајот. 59 А првосвештениците и старешините, и целиот Синедрион бараа лажно сведоштво против Исуса, за да Го убијат, 60 и не наоѓаа; и, макар што пристапија многу лажни сведоци, не најдоа. Но најпосле дојдоа двајца лажни сведоци, 61 и рекоа: »Овој кажа: ‚Можам да го урнам Божјиот храм и за три дни да го соѕидам.‘« 62 И како стана првосвештеникот, Му рече: »Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?« 63 Но Исус молчеше. А првосвештеникот Му рече: »Те заколнувам во Живиот Бог да ни кажеш: Ти ли си Христос, Син Божји?« 64 Исус му одговори: »Ти рече! Ви велам пак: отсега ќе Го гледате Синот Човечки како седи оддесно на силата и како доаѓа по небеските облаци.« 65 Тогаш првосвештеникот ја раскина облеката своја и рече: »Овој хули на Бога! Каква потреба имаме повеќе од сведоци? Ете, сега го чувте Неговото хулење. 66 Како ви се чини?« А тие одговорија и рекоа: »Заслужува смрт!« 67 Тогаш Го плукаа в лице и Го удираа по образите, а други Го биеја 68 и говореа: »Проречи ни, Христе, кој Те удри?« 69 А Петар седеше надвор во дворот. И се приближи до него една слугинка и му рече: »И ти беше со Исуса Галилеецот.« 70 Но тој се одрече пред сите, велејќи: »Не знам што зборуваш.« 71 А кога одеше кон вратата, го виде друга и им рече на оние што беа таму: »И овој беше со Исуса Назареецот.« 72 И пак се одрече тој со клетва: »Не Го познавам Човекот.« 73 Малку потоа се приближија оние, што стоеја таму и му рекоа на Петра: »Навистина, и ти си од нив, зашто и говорот твој те издава.« 74 Тогаш тој почна да се колне, и се заколна: »Не Го познавам Човекот.« И веднаш запеа петел. 75 И се сети Петар на Исусовите зборови, што му ги рече: »Уште петел пред да пропее, трипати ќе се одречеш од Мене.« Па излезе надвор и плачеше горко. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society