Online Bible

- Reklamy -

Матеј 25 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Парабола за десетте девојки. Повереното богатство. За страшниот суд.

1 »Тогаш царството небесно ќе заприлега на десет девојки, кои ги зедоа своите светилници и излегоа да го пречекаат младоженецот.

2 Петте од нив беа мудри, а петте – неразумни.

3 Неразумните, како ги зедоа светилниците свои, не понесоа со себе елеј;

4 а мудрите, заедно со светилниците, зедоа во садовите свои и елеј;

5 и бидејќи младоженецот се забави, сите задремаа и заспаа.

6 А на полноќ се чу викање: ‚Ете, младоженецот иде, излезете да го пречекате!‘

7 Тогаш сите тие девојки станаа и ги приготвија своите светилници.

8 Неразумните, пак, им рекоа на мудрите: ‚Дајте ни од елејот ваш, зашто нашите светилници гаснат.‘

9 Мудрите им одговорија и рекоа: ‚Да не би да не ни стигне и нам, и вам: подобро отидете кај продавачите и купете си!‘

10 А кога отидоа тие да купат, пристигна младоженецот и спремните влегоа со него на свадбата, и вратите се затворија.

11 Потоа дојдоа и другите девојки и викаа: ‚Господаре, господаре, отвори ни!‘

12 А тој им одговори и рече: ‚Вистина, ви велам: не ве познавам!‘

13 И така, бидете будни, оти не го знаете ни денот, ни часот, кога ќе дојде Синот Човечки.

14 Зашто, Он ќе постапи како човек, кој тргнувајќи на пат, ги повика слугите свои и им го предаде својот имот;

15 и на едниот му даде пет таланти, на другиот два, на третиот еден; секому според силата негова; и веднаш замина.

16 Оној, што зеде пет таланти, отиде, ги употреби во работа и спечали други пет таланти;

17 исто така и оној што зеде два таланта, спечали други два;

18 а оној, што доби еден талант, отиде и го закопа в земја и така го сокри среброто на својот господар.

19 По долго време дојде господарот на тие слуги и им побара сметка.

20 И кога пристапи оној, што беше примил пет таланти, донесе уште други пет и рече: ‚Господаре, ти ми предаде пет таланти; ете, сум спечалил и други пет.‘

21 Господарот му рече: ‚Убаво, добри и верни слуго! Во малку си бил верен, над многу ќе те поставам; влези во радоста на својот господар!‘

22 Дојде, исто така, и оној што беше примил два таланта и рече: ‚Господаре, ти ми предаде два таланта; ете, со нив спечалив други два.‘

23 Господарот му рече: ‚Убаво, добри и верни слуго! Во малку си бил верен, над многу ќе те поставам; влези во радоста на својот господар!‘

24 Пристигна и оној што беше зел еден талант, и рече: ‚Господаре, те знаев дека си жесток човек: жнееш, каде што не си сеел, и собираш, каде што не си веел;

25 па се уплашив и отидов, та го сокрив твојот талант в земја; ете ти го твоето.‘

26 А господарот му одговори и рече: ‚Лукав и мрзлив слуго! Ти знаеш дека жнеам, каде што не сум сеел, и собирам, каде што не сум веел;

27 затоа требаше моето сребро да го дадеш на трговците, па јас, кога дојдам, ќе си го приберам своето, со добивка;

28 земете го од него талантот и дајте му го на оној, што има десет таланти;

29 зашто секому, што има, ќе му се даде и преумножи, а од оној, што нема, ќе му се одземе и она што го има;

30 а лошиот слуга фрлете го во крајна темнина: Таму ќе биде плач и крцкање со заби.‘« Откако го рече тоа, извика: »Кој има уши да слуша, нека чуе!«

31 »А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја,

32 и ќе се соберат пред Него сите народи; па ќе ги оддели едни од други, како што овчарот ги одделува овците од козите;

33 и ќе ги постави овците од Својата десна страна, а козите од левата.

34 Тогаш Царот ќе им каже на оние што Му се од десната страна: ‚Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот;

35 оти, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте;

36 необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене.‘

37 Тогаш праведниците ќе Му одговорат и речат: ‚Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме, или жеден и Те напоивме?

38 Кога Те видовме странец и Те прибравме, или необлечен и Те облековме?

39 Кога Те видовме болен, или во затвор, и Те посетивме?‘

40 А Царот ќе им одговори и рече: ‚Вистина, ви велам: доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле.‘

41 Тогаш ќе им каже и на оние што се од левата страна: ‚Одете од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и неговите ангели.

42 Зашто, гладен бев и не Ми дадовте да јадам; жеден бев и не Ме напоивте;

43 странец бев и не Ме прибравте; необлечен бев и не Ме облековте; болен и во затвор бев и не Ме посетивте.‘

44 Тогаш и тие ќе Му одговорат и речат: ‚Господи, кога Те видовме гладен, или жеден, или странец, или необлечен, или болен, или во затвор, и не Ти послуживме?‘

45 Тогаш ќе им одговори и рече: ‚Доколку не сте го направиле тоа на еден од овие најмали браќа и Мене не сте Ми го направиле.‘

46 И тие ќе отидат во вечна мака, а праведниците – во живот вечен.«

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy