Online Bible

- Reklamy -

Матеј 23 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Исус ги укорува книжниците и фарисеите. Тешките гревови на Ерусалим. Пророкување за разурнувањето на храмот.

1 Тогаш Исус му проповедаше на народот и на учениците Свои,

2 говорејќи: »На Мојсеевото седиште седнаа книжниците и фарисеите.

3 Затоа, сѐ што ќе ви кажат да пазите, пазете и извршувајте; а според делата нивни не постапувајте, оти тие говорат, а не извршуваат;

4 врзуваат бремиња тешки и мачни за носење и ги клаваат врз плеќите на луѓето, а сами не сакаат ни со прст да ги помрднат;

5 и сите свои дела ги прават, за да ги видат луѓето; ги истакнуваат своите записи од законот и прават големи поли на својата облека;

6 сакаат прво место на гозбите и предни места во синагогите,

7 и поздрави по улиците, и да им велат луѓето ‚учителе, учителе!‘

8 А вие, немојте да се наречувате учители, зашто еден е вашиот Учител – Христос, а вие сте сите браќа;

9 и никого на земјата не викајте го свој татко, оти еден е вашиот Отец, Кој е на небесата;

10 и наставници немојте да се именувате зашто, еден е вашиот Наставник – Христос.

11 Но поголемиот меѓу вас да ви биде слуга;

12 зашто, кој се воздига, ќе биде понизен; а кој се понизува, ќе биде воздигнат.

13 Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, затоа што го затворате царството небесно пред луѓето; оти, нити вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние, што сакаат да влезат.

14 Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти ги подјадувате домовите на вдовиците и лицемерно долго се молите; заради тоа ќе добиете поголема осуда.

15 Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто обиколувате по море и по копно за да добиете еден последовател, и кога ќе успеете во тоа, тогаш го правите син на пеколот, двапати полош од вас.

16 Тешко вам, водачи слепи, кои велите: ‚Ако се заколне некој во храмот, не е ништо; но ако се заколне некој во црковното злато, виновен е.‘

17 Безумни и слепи! Што е поголемо, навистина: златото или црквата, која го осветува златото?

18 Исто така велите: ‚Ако некој се заколне во жртвеникот, ништо не е; но, ако некој се заколне во дарот што е на него, виновен е.‘

19 Безумни и слепи! Што е, навистина, посвето: дарот или жртвеникот, што го осветува дарот?

20 А кој се заколне во жртвеникот, се колне во него и во сѐ што е врз него;

21 и кој се заколне во црквата, се колне во неа и во Оној, Кој живее во неа;

22 и кој се заколне во небото, се колне во престолот Божји и во Оној, што седи на него.

23 Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти давате десеток од нане, копра и кимин, а сте го оставиле најважното во Законот: праведноста, милоста и верата; ова требаше да го правите, а и она да не го оставате.

24 Водачи слепи, вие комарецот го цедите, а камилата ја проголтувате.

25 Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто ја чистите чашата и чинијата однадвор, додека внатре тие се полни со грабеж и неправда.

26 Слепи фарисеју, очисти ја чашата и чинијата најнапред внатре, за да бидат чисти и однадвор.

27 Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти многу личите на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистотија;

28 така и вие, однадвор им се покажувате на луѓето како праведни, а внатре сте полни со лицемерност и беззаконие.

29 Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти ѕидате гробници за пророците и ги украсувате спомениците на праведните,

30 па велите: ‚Ако живеевме во дните на нашите татковци, немаше да станеме нивни соучесници во крвта на пророците‘.

31 А со тоа сведочите сами против себе, дека сте синови на оние, што ги убиле пророците.

32 Дополнете ја и вие мерата на татковците ваши.

33 Змии и породи аспидини, како ќе побегнете од пресудата за во пеколот?

34 Затоа, ете, Јас праќам при вас пророци и мудреци и книжници; едните ќе ги убиете и распнете, а другите ќе ги биете по синагогите и ќе ги прогонувате од град во град;

35 за да падне врз вас сета праведна крв што е пролеана на земјата, од крвта на праведниот Авел па до крвта на Захарија, синот Варахиин, кого го убивте меѓу храмот и жртвеникот.

36 Вистина, ви велам: сето тоа ќе падне врз овој род.

37 Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и со камења ги засипуваш испратените при тебе! Колкупати сакав да ги соберам чедата твои, како кокошка што ги собира пилињата свои под крилја, а вие нејќевте.

38 Ете, ви се остава вашиот дом пуст.

39 Оти, ви велам: нема да Ме видите отсега дури не кажете: ‚Благословен е Оној, Кој иде во името Господово!‘«

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy