Матеј 22 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Парабола за свадбата на царевиот син. Данокот ќесарски. Воскресението. Најголемата заповед. Христос како Давидов син и Господ. 1 И одговарајќи, Исус пак им говореше во параболи и рече: 2 »Царството небесно прилега на човек цар, кој направи свадба на сина си, 3 и ги испрати своите слуги да ги повикаат поканетите на свадба; а тие нејќеа да дојдат. 4 Потоа испрати други слуги и им рече: кажете им на поканетите: ‚Ете, приготвив јадење; јунците мои и сѐ што е угоено се заклани, и сѐ е готово; дојдете на свадба!‘ 5 Но тие не сакаа да знаат за тоа, а си отидоа: кој на нива, кој по трговија; 6 а некои, пак, ги фатија неговите слуги, ги исмеаја и ги убија. 7 Штом чу за тоа царот, се налути, испрати своја војска и ги погуби убијците и им го изгоре нивниот град. 8 Тогаш им рече на слугите свои: ‚Свадбата е готова, но поканетите не беа достојни. 9 Затоа одете по раскрсниците и, колку души ќе најдете, поканете ги на свадба!‘ 10 И како излегоа слугите на раскрсниците, ги собраа сите што ги најдоа – и лоши и добри; и се наполни свадбениот дом со гости. 11 Кога влезе, пак, царот да ги види гостите, забележа еден необлечен во свадбени алишта. 12 Па му рече: ‚Пријателе, како влезе овде, необлечен во свадбена руба?‘ А тој молчеше. 13 Тогаш царот им рече на слугите: ‚Врзете му ги рацете и нозете, земете го и фрлете го во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби; 14 зашто, мнозина се повикани, а малцина избрани‘.« 15 Тогаш фарисеите отидоа и се договорија како да Го фатат во некој збор. 16 И ги испраќаа при Него своите ученици, заедно со некои Иродовци, говорејќи: »Учителе, знаеме дека си правичен и навистина ги учиш луѓето на патот Божји, и не се боиш ни од кого, зашто не гледаш кој е кој; 17 затоа кажи ни, како Ти се чини: треба ли да се дава данок на царот или не?« 18 Но Исус го разбра лукавството нивно и рече: »Што Ме искушувате, лицемери? 19 Покажете Ми една даночна пара!« Тие Му донесоа еден динариј. 20 И им рече: »Чиј е овој лик и натпис?« 21 Тие одговорија: »На царот.« Тогаш им рече: »Подајте го царевото на царот, а Божјото на Бога!« 22 И штом го чуја тоа, тие се зачудија и, оставајќи Го, си отидоа. 23 Во истиот ден пристапија кон Него и садукеите, кои велат дека нема воскресение, и Го прашаа, говорејќи: 24 »Учителе, Мојсеј рече: ‚Ако умре некој без деца, тогаш брат му нека ја земе жената негова и нека го воздигне потомството на брата си!‘ 25 При нас беа седуммина браќа; првиот се ожени и умре; па, бидејќи немаше пород, ја остави жената своја на брата си; 26 исто така направи и вториот, и третиот, дури и седмиот; 27 а по сите нив умре и жената. 28 При воскресението, на кого од седуммината ќе биде таа жена, бидејќи со сите живеела?« 29 Исус им одговори: »Се лажете, оти не ги познавате Писмата, ниту силата Божја; 30 зашто при воскресението луѓето ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, а ќе живеат како ангели Божји на небесата. 31 А за воскресението на мртвите не сте ли читале, што ви рекол Бог, Кој вели: 32 ‚Јас сум Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов‘. Бог не е Бог на мртвите, туку на живите.« 33 И народот, слушајќи го тоа, се восхитуваше на неговата наука. 34 А фарисеите, кога чуја дека ги посрами садукеите, се здружија со нив. 35 И еден од нив, законик, искушувајќи Го, запраша и рече: 36 Учителе, која заповед е најголема во Законот? 37 А Исус му одговори: »Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум; 38 тоа е прва и најголема заповед; 39 а втората е слична на неа: Возљуби го својот ближен како себеси! 40 На тие две заповеди се крепат целиот Закон и Пророците.« 41 И кога се собраа фарисеите, Исус ги праша и рече: 42 Што мислите за Христа? Чиј е син? Му одговорија: Давидов. 43 Им рече: »Како тогаш Давид, надахнат од Духот, Го нарече Господ, велејќи: 44 ‚Му рече Господ на Мојот Господ: Седи од Мојата десна страна, додека не ги положам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои.‘ 45 И така, ако Давид Го нарече Господ, како тогаш да Му е Он син?« 46 И никој не можеше да му одговори ниту збор, и од тој ден никој веќе не се осмели да Го праша. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society