Online Bible

- Reklamy -

Матеј 20 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Парабола за работниците во лозјето. Третото кажување за страдањата. Синовите Заведееви. Борбата за првенство. Двајца слепци.

1 »Зашто царството небесно прилега на домаќин, кој излегол наутро рано да најми работници за своето лозје.

2 Па, штом се погоди со работниците по динариј на ден, ги прати во лозјето свое.

3 Потоа, кога излезе околу третиот час и виде други како стојат на пазариштето без работа,

4 им рече: ‚Одете и вие во моето лозје, па што е право, ќе ви дадам.‘ И тие отидоа.

5 Пак излезе околу шестиот и деветтиот час и направи исто.

6 А околу единаесеттиот час одново излезе и најде други, како стојат без работа, и им рече: ‚Зошто стоите тука цел ден без работа?‘

7 Тие му одговорија: ‚Никој не нѐ повика.‘ А тој им рече: ‚Одете во моето лозје и, што е право, ќе добиете.‘

8 А кога се стемни, господарот на лозјето му рече на својот настојник: ‚Повикај ги работниците и плати им, почнувајќи од последните па до првите.‘

9 И дојдените околу единаесеттиот час добија по динариј.

10 А кога дојдоа првите, помислија дека ќе примат повеќе; но и тие добија по динариј;

11 и штом добија, негодуваа против господарот

12 и велеа: ‚Оние последните работеа еден час, а ти ги изедначи со нас, што ја претрпевме тегобата на денот и жегата.‘

13 А тој им одговори и му рече на еден од нив: ‚Пријателе, не те онеправдувам: нели се погоди со мене за динариј?

14 Земи си го своето и оди си; и на овој, последниов сакам да му дадам колку и на тебе;

15 зар немам право да чинам со своето, што сакам? Или ти е окото завидливо, оти сум добар?‘

16 Така ќе бидат последните први, а првите – последни; зашто мнозина се повикани, а малцина избрани.«

17 И кога се искачуваше Исус кон Ерусалим, ги зеде насамо дванаесетте ученици и по патот им рече:

18 »Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт,

19 и ќе Го предадат на незнабошците за да биде исмеан, и биен, и распнат; и на третиот ден ќе воскресне.«

20 Тогаш пристапи до Него мајката на Заведеевите синови, заедно со своите синови, и клањајќи Му се, Го молеше нешто.

21 А Он ѝ рече: »Што бараш?« Таа Му одговори: »Заповедај овие мои два сина да седнат при Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево во Твоето царство!«

22 Исус одговори и им рече: »Не знаете што барате. Можете ли да ја пиете чашата, што ќе ја пијам Јас; или да се крстите со крштавањето, со кое се крштавам Јас?« Тие Му одговорија: »Можеме.«

23 И им рече: »Чашата Моја ќе ја пиете, и со крштавањето, со кое се крштавам Јас, ќе се крстите; но да се седи од Мојата десна или лева страна, тоа не зависи од Мене; таму ќе седнат оние за кои е приготвено од Мојот Отец.«

24 И десетте, штом чуја, негодуваа против двајцата браќа.

25 Но Исус, кога ги повика, им рече: »Знаете дека кнезовите народни владеат над народите, и управниците господарат над нив;

26 меѓу вас, пак, нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга;

27 и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде слуга;

28 како што и Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина.«

29 И кога излегуваше од Ерихон, по Него врвеше многу народ.

30 И ете, двајца слепи, седнати покрај патот, штом чуја дека минува Исус, извикаа и рекоа: »Помилуј нѐ, Господи, Сине Давидов!«

31 А народот им заповеда да молчат; но тие уште посилно викаа и велеа: »Помилуј нѐ, Господи, Сине Давидов!«

32 Исус застана, ги повика и рече: »Што сакате да ви направам?«

33 Тие Му одговорија: »Да ни се отворат очите наши.«

34 И Исус се смилува и се допре до нивните очи, и веднаш им прогледаа очите нивни; и тие тргнаа по Него.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy