Матеј 2 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Мудреците од Исток. Бегањето Христово во Египет. Ирод ги убива децата. Христовото враќање и населување во Назарет. 1 А кога се роди Исус во Витлеем Јудејски, во дните на цар Ирода, ете, дојдоа во Ерусалим мудреци од Исток и рекоа: 2 Каде е новородениот Цар Јудејски? Ја видовме Неговата ѕвезда на Исток, па дојдовме да Му се поклониме. 3 Штом го чу тоа, цар Ирод се уплаши и целиот Ерусалим со него. 4 И кога ги собра сите првосвештеници и книжници народни, ги праша: »Каде треба да се роди Христос?« 5 А тие му одговорија: »Во Витлеем Јудејски; зашто така е напишано преку пророкот: 6 И ти, Витлееме, земјо Јудина, по ништо не си помал меѓу војводствата Јудини; оти од тебе ќе излезе Водач што ќе го пасе Мојот народ – Израилот.« 7 Тогаш Ирод тајно ги повика мудреците и дозна од нив точно за времето, кога се појавила ѕвездата, 8 па, испраќајќи ги во Витлеем, рече: »Отидете и распрашајте се добро за Младенецот и, штом ќе Го најдете, јавете ми за да отидам и јас да Му се поклонам.« 9 Тие, откако го ислушаа царот, си заминаа. И, ете, ѕвездата, што ја беа виделе на Исток, врвеше пред нив, додека не пристигна и се запре над местото, каде што беше Младенецот. 10 А кога ја видоа ѕвездата, тие се зарадуваа со многу голема радост. 11 И штом влегоа во куќата, Го видоа Младенецот со мајка Му Марија, и паднаа, па Му се поклонија; а кога ги отворија своите ковчежиња, Му принесоа дарови: злато, ливан и измирна. 12 И кога примија в сон вест, не се вратија веќе при Ирода, а си заминаа по друг пат за својата земја. 13 А штом си отидоа тие, ете, ангел Господов му се јави на Јосифа в сон, велејќи: »Стани, земи Го Младенецот и мајка Му, па бегај во Египет и остани таму дури не ти кажам, бидејќи Ирод ќе Го бара Младенецот за да Го погуби.« 14 И тој стана, Го зеде Младенецот и мајка Му ноќно време, па отиде во Египет. 15 И таму беше до смртта Иродова, за да се исполни реченото од Господа преку пророкот, кој вели: »Од Египет Го повикав Синот Свој.« 16 Тогаш Ирод, кога виде дека мудреците го измамија, се разгневи многу и прати, та ги уби сите младенци во Витлеем и по целата негова околина од две години и помали, според времето што точно го беше узнал од мудреците. 17 Тогаш се исполни кажаното преку пророкот Јеремија, кој говори: 18 Глас се слуша во Рама, плач и ридање, и пискот голем: Рахил плаче за своите деца и не сака да се утеши, зашто ги нема. 19 А по смртта Иродова му се јави на Јосифа насон во Египет ангел Господов 20 и му рече: »Стани, земи Го Младенецот и мајка Му, и отиди во земјата Израилева, зашто изумреа оние што ја бараа душата на Младенецот.« 21 Тој стана, Го зеде Младенецот и мајка Му, и дојде во земјата Израилева. 22 Но, кога чу дека во Јудеја царува Архелај, место татка си Ирода, се уплаши да отиде таму; и откако доби вест в сон, тој замина во пределите Галилејски. 23 А кога пристигна, се насели во градот наречен Назарет, за да се исполни кажаното преку пророците дека Он ќе се нарече Назареец. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society