Матеј 19 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990За бракот. Исус ги благословува децата. За богатиот младич. 1 Кога ги заврши Исус тие зборови, тргна од Галилеја и пристигна во пределите Јудејски, отаде Јордан. 2 По Него појде многу народ и Он ги исцели таму. 3 И дојдоа кај Него фарисеите што Го искушуваа, па Му рекоа: »Може ли човек да ја остави жената своја за каква и да било причина?« 4 Он им одговори и рече: »Не сте ли читале дека Оној што ги создаде во почетокот, ‚маж и жена ги создаде‘ и рече: 5 ‚Затоа ќе остави човек татко и мајка и ќе се прилепи до жената своја и ќе бидат обата едно тело.‘ 6 Па така, тие веќе не се двајца, а едно тело. А Бог што составил, човек да не разделува.« 7 Тие Му рекоа: »Зошто тогаш Мојсеј заповеда да ѝ даде мажот разводно писмо и да ја напушти?« 8 Он им одговори: »Заради вашите жестоки срца Мојсеј ви разрешил да ги оставате жените свои; но во почетокот не беше така. 9 Јас, пак, ви велам: оној што ќе ја остави својата жена, освен поради прељуба, и се ожени со друга, тој прави прељуба; и оној, што ќе се ожени со напуштена, прељубодејствува.« 10 А учениците Негови Му рекоа: »Ако е таков долгот на човекот кон жената, тогаш не треба ни да се жени?« 11 Но Он рече: »Не сите го примаат овој збор, а само оние, на кои им е дадено; 12 зашто има скопени, така родени од мајчината утроба; а има скопени и од луѓе, но има и такви што се скопени само заради царството небесно. Кој може да прими, нека прими.« 13 Тогаш доведоа при Него деца за да ги положи рацете над нив и да се помоли, а учениците им бранеа. 14 Но Исус рече: »Оставете ги децата и не пречете им да доаѓаат при Мене, зашто на такви е царството небесно.« 15 И кога ги положи рацете над нив, Исус си отиде оттаму. 16 И ете, еден човек, кога пристапи до Него, Му рече: »Учителе добар, какво добро треба да направам за да имам живот вечен?« 17 А Он му одговори: »Зошто Ме наречуваш добар? Никој не е добар освен единиот Бог. А ако сакаш да влезеш во животот, пази ги заповедите.« 18 Тој Му рече: »Кои?« А Исус одговори: »Не убивај, не прељубодејствувај, не кради, не сведочи лажно; 19 почитувај ги татка си и мајка си; сакај ги ближните свои како себеси!« 20 Младиот човек Му рече: »Сето тоа сум го запазил од младини; што ми е уште потребно?« 21 Исус му кажа: »Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; па дојди и врви по Мене!« 22 Штом ги чу младиот човек тие зборови, си отиде нажален, оти имаше голем имот. 23 А Исус им рече на учениците Свои: »Вистина, ви велам, богат мачно ќе влезе во царството небесно; 24 и уште ви велам: полесно ѝ е на камилата да мине низ иглени уши, отколку на богатиот да влезе во царството Божјо.« 25 Кога го чуја тоа учениците, многу се зачудија и рекоа: »Тогаш кој може да се спаси?« 26 А Исус, кога погледна на нив, им рече: »За луѓето тоа не е можно, но за Бога сѐ е можно.« 27 Тогаш Петар одговори и Му рече: »Ете, ние оставивме сѐ и по Тебе одиме: што ќе стане, пак, со нас?« 28 А Исус им рече: »Вистина, ви велам, дека вие што врвите по Мене, при повторното раѓање, кога Синот Човечки ќе седне на престолот на славата Своја ќе седнете и вие над дванаесет престоли и ќе судите над дванаесетте Израилеви колена; 29 и секој што остави куќа, или брат, или сестра, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви, заради Моето име ќе наследи стопати повеќе и ќе добие живот вечен. 30 И мнозина први ќе бидат последни, а последните први.« |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society