Online Bible

- Reklamy -

Матеј 16 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Фарисеите бараат знак. За квасот. Петровото сведоштво и клучевите. Првото претскажување за страдањата. Христовите следбеници.

1 Тогаш, пристапија кон Исуса фарисеите и садукеите и, искушувајќи Го, побараа да им покаже чудо од небото.

2 Он, одговарајќи им, рече: »Навечер, велите: ќе биде ведро, оти небото е црвено;

3 а наутро: денес ќе има невреме, зашто небото е матно. Лицемери, изгледот на небото можете да го распознавате, а знаците на времињата не можете?

4 Род лукав и прељуботворен бара знак, но знак нема да му се даде освен знакот на пророкот Јона.« Па како ги остави, си замина.

5 И преоѓајќи на спротивната страна, учениците Негови заборавија да земат леб.

6 Исус им рече: »Внимавајте и чувајте се од квасот фарисејски и садукејски!«

7 А тие помислија во себе и си рекоа: »Тоа е што не зедовме леб?«

8 Но Исус ги разбра и им рече: »Маловерни, зошто мислите во себе дека не сте зеле леб?

9 Уште ли не разбирате и не помните ли за петте лебови на пет илјади души, и колку кошеви собравте?

10 Ниту за седумте лебови на четири илјади души, и колку кошници собравте?

11 Како не разбирате дека не за леб ви реков: ‚Чувајте се од квасот фарисејски и садукејски!‘«

12 Тогаш разбраа дека Он им беше рекол да се пазат не од лебниот квас, туку од учењето фарисејско и садукејско.

13 И кога дојде Исус во земјата на Ќесарија Филипова, ги праша учениците Свои и рече: »За кого Ме мислат луѓето – Мене, Синот Човечки?«

14 Тие одговорија: »Едни за Јована Крстител, други за Илија, а некои за Јеремија или за еден од пророците.«

15 А Он им рече: »А вие, за кого Ме мислите?«

16 Симон Петар одговори и рече: »Ти си Христос, Синот на живиот Бог.«

17 Тогаш Исус му одговори и рече: »Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, оти тело и крв не ти го открија тоа, а Мојот Отец, Кој е на небесата.

18 А Јас тебе ти велам: ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат.

19 И ќе ти ги дадам клучевите од небесното царство, и што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небесата; а што ќе разврзеш на земјата, ќе биде разврзано и на небесата.«

20 Тогаш Исус им заповеда на учениците Свои да не кажуваат никому, оти е Он Исус Христос.

21 Оттогаш почна Исус на Своите ученици да им открива дека Он треба да отиде во Ерусалим и да пострада многу од старешините, првосвештениците и книжниците и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне.

22 А Петар, како Го повлече настрана, почна да Му говори, зборувајќи: »Биди милостив кон Себе, Господи; тоа со Тебе нема да се случи!«

23 Но Он се заврте и му рече на Петра: »Бегај од Мене, сатано! Ти си ми соблазан, оти мислиш не за она, што е Божјо, а за она, што е човечко!«

24 Тогаш Исус им рече на учениците Свои: »Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст и да оди по Мене;

25 зашто, кој сака да ја спаси душата своја, ќе ја загуби; а кој ќе ја загуби својата душа заради Мене, ќе ја најде:

26 оти каква полза е за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа?

27 Зашто Синот Човечки ќе дојде во славата на Својот Отец, со ангелите Свои, и тогаш ќе му даде на секој според делата негови.

28 Вистина ви велам: тука стојат некои, што нема да вкусат смрт дури не Го видат Синот Човечки како оди во царството Свое.«

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy