Матеј 15 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Исус ги отфрлува човечките обичаи. Услишената жена Хананејка. Лекување на болни. Нахранува четири илјади луѓе. 1 Тогаш, пристапија кон Исуса ерусалимските книжници и фарисеи, велејќи: 2 Зошто учениците Твои не го запазуваат преданието на старите? Оти не си ги мијат рацете, кога јадат леб? 3 А Он им одговори и рече: »Па зошто и вие ја престапувате Божјата заповед заради вашето предание? 4 Зашто Бог заповедал и рекол: ‚почитувај ги татка си и мајка си‘ и ‚кој го злослови таткото свој или мајка си, со смрт да се казни‘. 5 А вие велите: ако некој му рече на татка си или на мајка си: она, со што би можел да се ползуваш од мене, дар е; 6 значи, тој може да не го почитува својот татко или својата мајка. Така ја нарушивте заповедта Божја заради вашето предание. 7 Лицемери, добро пророкувал за вас Исаија, велејќи: 8 ‚Овој народ се приближува до Мене со устата своја и со усните Ме почитува, а срцето негово стои далеку од Мене; 9 но напразно Ме почитува, оти проповеда човечки повелби‘.« 10 И како ги повика луѓето, им рече: »Слушајте и разберете: 11 не она, што влегува во устата, го осквернува човекот, а она што излегува од устата, тоа го осквернува човекот.« 12 Тогаш Неговите ученици Му се приближија и рекоа: »Знаеш ли дека фарисеите, штом го чуја тој збор, се соблазнија?« 13 А Он, одговарајќи им, рече: »Секоја садница, што не ја насадил Мојот Отец небесен, ќе се искорне; 14 оставете ги: тие се слепи водачи на слепци: а кога слепец води слепец, обата ќе паднат во јама.« 15 Петар, пак, Му одговори и рече: »Објасни ни ја оваа парабола.« 16 А Исус им рече: »Ама вие, уште ли не сфаќате? 17 Уште ли не разбирате дека сѐ што влегува во устата, минува преку стомакот и се исфрлува надвор? 18 А она, што излегува од устата, иде од срцето и тоа е што го осквернува човекот; 19 Оти од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули; 20 тоа го осквернува човекот. А јадењето со неизмиени раце не го осквернува човекот.« 21 И кога излезе оттаму Исус, замина во земјата Тирска и Сидонска. 22 И ете, една жена Хананејка, како излезе од оние краишта, повика кон Него, велејќи: »Помилуј ме, Господи, Сине Давидов! Ќерка ми жестоко се мачи од бес.« 23 Но Он не ѝ одврати ниту збор. И пристапувајќи до Него, учениците Негови Го молеа и велеа: »Отпушти ја, оти вика по нас.« 24 А Он одговори и рече: »Јас сум пратен само при загубените овци на домот Израилев.« 25 Но таа, кога пристапи, Му се клањаше и велеше: »Господи, помогни ми!« 26 А Он, одговарајќи ѝ рече: »Не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата.« 27 Но таа Му рече: »Да, Господи, но и кучињата јадат од трошките, што паѓаат од трпезата на нивните господари.« 28 Тогаш Исус одговори и рече: »О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде по желбата твоја!« И во тој час оздраве ќерката нејзина. 29 Штом замина оттаму, дојде Исус при морето Галилејско, се искачи во гората и седна таму. 30 И дојде при Него многу народ, кој имаше со себе хроми, слепи, неми, фатени и многу други, и ги положија пред нозете на Исуса, и Он ги исцели 31 така, што народот се восхитуваше, гледајќи како неми зборуваат, фатени оздравуваат, хроми се движат и слепи прогледуваат и Го прославуваше Бога Израилев. 32 А Исус, кога ги повика учениците Свои, рече: »Жал ми е за луѓето, оти три дена веќе стојат при Мене и немаат што да јадат; да ги распуштам гладни, не би сакал, за да не премалеат по патот.« 33 Но учениците Негови Му рекоа: »Каде ќе земеме толку леб во пустинава, за да нахраниме толку народ?« 34 Исус ги праша: »Колку лебови имате?« А тие одговорија: »Седум и неколку риби.« 35 Тогаш му заповеда Исус на народот да поседне по земјата. 36 И како ги зеде седумте лебови и рибите, благодари, ги прекрши и им ги даде на учениците Свои, а учениците – на народот. 37 И јадеа сите и се наситија; и кренаа останати парчиња седум полни кошници. 38 А оние што јадеа, беа четири илјади души, освен жените и децата. 39 Па, штом го распушти народот, влезе во кораб и пристигна во пределите Магдалски. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society