Online Bible

- Reklamy -

Матеј 14 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Отсекување главата на Јована Крстител. Исус нахранува пет илјади луѓе, оди по море и му помага на Петра кој тоне. Ги исцелува сите што се допираат до Него.

1 Во тоа време гласот за Исуса дојде и до Ирода, четворовласникот;

2 и им рече на своите потчинети: »Тоа е Јован Крстител; тој воскреснал, па затоа и стануваат чудеса преку него.«

3 Зашто Ирод, кога го фати Јована, го врза и го фрли во затвор заради Иродијада, жената на брата му Филипа;

4 бидејќи Јован му велеше: »Не бива да е твоја!«

5 И сакаше да го убие, но се боеше од народот, оти го сметаа за пророк.

6 И кога беше родениот ден на Ирода, ќерката Иродијадина играше пред гостите и му угоди на Ирода;

7 затоа, тој со клетва ѝ вети дека ќе ѝ даде што и да побара.

8 И таа, научена од мајка си, рече: »Дај ми ја овде на табла главата на Јована Крстител!«

9 И се загрижи царот; но заради клетвата и гостите свои, нареди да ѝ ја дадат.

10 Па прати, та ја отсекоа главата на Јована во затворот.

11 И ја донесоа главата негова на табла и ѝ ја дадоа на девојката, а таа ја однесе на мајка си.

12 Учениците, пак, негови, како дојдоа, го дигнаа неговото тело и го погребаа; па отидоа и Му јавија на Исуса.

13 Штом го чу тоа Исус, замина оттаму на кораб, во пусто место, Сам; а народот, штом узна за тоа, тргна по Него пеш од градовите.

14 И кога излезе Исус, виде многу свет; и се смили над нив и ги излекува нивните болни.

15 А на стемнување се приближија до Него учениците Негови и рекоа: »Овде е местово пусто, а и доцна е веќе; пушти го народот да отиде по селата и да си купи храна.«

16 Но Исус им рече: »Нема потреба да одат; дајте им вие да јадат!«

17 А тие Му рекоа: »Ние имаме само пет лебови и две риби.«

18 Он им рече: »Донесете Ми ги тука!«

19 И како му заповеда на народот да седне по тревата, ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото, ги благослови и како ги прекрши, ги даде лебовите на учениците, а учениците – на народот.

20 И јадеа сите и се наситија; и кренаа дванаесет кошеви полни со останати парчиња.

21 А оние што јадеа, беа околу пет илјади души, освен жените и децата.

22 И веднаш ги покани Исус учениците Свои да влезат во кораб и да минат на другата страна пред Него, дури да го распушти народот.

23 Па штом го распушти народот, Он се искачи на планината, за да се помоли насамо. И таа вечер остана таму Сам.

24 А коработ беше веќе на сред море и брановите го удираа, зашто ветрот беше спротивен.

25 Но на четвртата стража, преку ноќта, дојде Исус при нив, одејќи по морето.

26 А учениците, штом Го видоа како оди по морето, се уплашија и рекоа: »Тоа е привидение« и од страв извикаа.

27 Но Исус веднаш почна да зборува со нив и им рече: »Не бојте се! Јас сум, не плашете се!«

28 А Петар, одговарајќи Му, рече: »Господи, ако си Ти, позволи да дојдам при Тебе во водата!«

29 И Исус му рече: »Дојди!« Па штом излезе од коработ, Петар тргна по водата за да оди при Исуса;

30 но, кога го виде силниот ветар, се уплаши, почна да потонува и извика: »Господи, спаси ме!«

31 Исус веднаш му подаде рака, го фати и му рече: »Маловернику, зошто се посомнева?«

32 И кога влегоа во коработ, ветрот престана.

33 А оние, што беа во коработ, се приближија до Него, Му се поклонија и рекоа: »Навистина, Ти си Син Божји!«

34 Па откако преминаа, дојдоа во земјата Генисаретска.

35 Луѓето од тоа место, штом Го познаа, разгласија по целата таа околија и ги донесоа при Него сите болни.

36 И Го молеа да се допрат барем до крајот од Неговата облека; и тие, штом се допираа, се излекуваа.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy