Матеј 13 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Седумте параболи за царството Божјо. Исус е презрен во својот роден крај. 1 И како излезе Исус тој ден од куќата, седна покрај морето. 2 И се собра околу Него многу народ, така што Он влезе во кораб и седна, а целиот народ стоеше на брегот. 3 И им говореше многу во параболи, велејќи: »Ете, излезе сејач да сее; 4 и кога сееше, едни зрна паднаа покрај патот, долетаа птици и ги исколваа. 5 Други паднаа на каменито место, каде што немаше многу земја, и набргу проникнаа, оти земјата не беше длабока. 6 Но, штом изгреа сонцето, тие свенаа, па, како да немаа корен, се исушија. 7 Некои паднаа во трње и израсна трњето и ги задуши. 8 Други паднаа на добра земја и дадоа добар плод: едно сто, друго шеесет, а друго триесет. 9 Кој има уши да слуша, нека чуе!« 10 И кога се приближија до Него учениците, Му рекоа: »Зошто во параболи им зборуваш?« 11 А Он им одговори и рече: »Зашто вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството небесно, а ним не им е дадено. 12 Оти, кој има ќе му се даде и ќе му се преумножи; а кој нема, ќе му се земе и она што го има; 13 Затоа им зборувам во параболи, оти гледаат и не виѓаваат; слушаат и не чујат, ниту, пак, разбираат; 14 и над нив се исполнува пророкувањето на Исаија, кое вели: ‚Со уши ќе чуете и нема да разберете, со очи ќе гледате и нема да видите; 15 срцето на овие луѓе закоравело, и со ушите тешко слушаат; и ги затвориле очите свои да не би некогаш со очите да видат и со ушите да чујат и со срцето да разберат, та да не се покајат и да не ги исцелам.‘ 16 Вашите, пак, очи се блажени, оти гледаат, и ушите ваши – бидејќи слушаат; 17 зашто, вистина, ви велам: многу пророци и праведници сакаа да видат што гледате вие, и не видоа, и да чујат што слушате вие, и не чуја. 18 Вие, пак, чујте ја параболата за сејачот: 19 при секого, што го слуша словото за царството и не го разбира, доаѓа лукавиот и го граби посеаното во срцето негово; ете, тоа означува посеаното покрај патот. 20 А посеаното на камен е оној, што го слуша словото и веднаш со радост го прима; 21 но нема во себе корен и е непостојан: настане ли жалост или гонење заради словото, веднаш се соблазнува. 22 Посеаното, пак, во трње е оној што го слуша словото, но грижите од овој свет и примамливото богатство го задушуваат словото и тоа останува без род. 23 А посеаното на добра земја е оној, што го слуша словото и го разбира, и дава плод: еден сто, друг шеесет, а друг триесет.« 24 И друга парабола им кажа, велејќи: »Царството небесно прилега на човек, што посеал добро семе на својата нива; 25 но, кога спиеја луѓето, дојде неговиот непријател и посеа меѓу житото какол, па си отиде. 26 А кога израсна растението и донесе плод, тогаш се појави и каколот. 27 И кога дојдоа слугите на стопанот, му рекоа: ‚Господаре, нели добро семе посеа на нивата своја? Од каде сега, пак, овој какол во неа?‘ 28 А он им рече: ‚Човек непријател го прави тоа.‘ Слугите, пак, му рекоа: ‚Сакаш ли да одиме и да го исплевиме?‘ 29 Но тој им рече: ‚Не, да не би, корнејќи го каколот, да искорнете заедно со него и жито; 30 оставете нека расте и едното и другото заедно, до жетвата; а по жетвата ќе им кажам на жетварите: соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови, за да се изгори; а житото приберете го во мојата житница‘.« 31 И друга парабола им кажа, кога рече: »Царството небесно прилега на зрно синапово, кое човек го зема и посеа на нивата своја; 32 тоа е најмало од сите семиња, но, кога ќе израсне, поголемо е од сите растенија, па станува дури и дрво – така што птиците небески долетуваат и застануваат на неговите гранки.« 33 И друга парабола им кажа: »Царството небесно прилега на квас, што го зема жена и го клава во три мери брашно, дури не скисне сето.« 34 Сето ова му го зборуваше Исус на народот во параболи и без приказни не им говореше ништо; 35 за да се исполни реченото преку пророкот кој вели: »Со параболи ќе ја отворам устата Своја; ќе ги искажам тајните од создавањето на светот«. 36 Тогаш Исус го остави народот и влезе во една куќа. А учениците се приближија до Него и Му рекоа: »Протолкувај ни ја параболата за каколот на нивата!« 37 А Он им одговори и рече: »Сејачот на доброто семе е Синот Човечки; 38 нивата е овој свет; доброто семе, тоа се синовите на царството, а каколот – синовите на лукавиот; 39 непријателот, пак, што го посеа, е ѓаволот; жетвата е свршетокот на светот, а жетварите се ангелите. 40 И така, како што се собира плевата и се гори во оган, така ќе биде и при свршетокот на овој свет; 41 ќе испрати Синот Човечки Свои ангели и ќе ги соберат сите соблазни од Неговото царство, и оние што вршат незаконски дела, 42 и ќе ги фрлат во жарена печка; таму ќе биде плач и крцкање со заби. 43 Тогаш праведниците ќе светнат како сонце во царството на нивниот Отец. Кој има уши да слуша, нека чуе! 44 Царството небесно прилега уште и на драгоценост, сокриена во нива, која ја нашол човек и прикрил, па, од радост за неа, отишол и продал сѐ што имал, и ја купил таа нива. 45 Царството небесно прилега и на трговец, кој бара убави бисери; 46 па, штом најде едно зрно скапоцен бисер, оди и продава сѐ што има и го купува. 47 Царството небесно прилега, исто така, и на мрежа, која се фрла во морето и уловува секакви риби: 48 и кога ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот и седнуваат, па добрите риби ги собираат во садови, а лошите ги фрлаат. 49 Така ќе биде и при свршетокот на светот: ќе излезат ангелите и ќе ги одделат лошите од праведните, 50 и ќе ги фрлат во вжарена печка: таму ќе биде плач и крцкање со заби.« 51 И ги праша Исус: »Дали го разбравте сево ова?« Тие Му одговорија: »Да, Господи!« 52 А Он им рече: »Затоа секој книжник, кој се научил за царството небесно, прилега на домаќин што изнесува од своето сокровиште ново и старо.« 53 И, откако ги кажа Исус овие параболи, си замина оттаму. 54 А штом дојде во својот роден крај, го поучуваше народот во синагогите нивни. И сите се чудеа и велеа: »Од каде при Него ваква премудрост и сили? 55 Не е ли Овој син на дрводелецот? Мајка Му не се ли вика Марија, и браќата негови – Јаков и Јосија, Симон и Јуда? 56 И сестрите Негови не се ли сите меѓу нас? Од каде, пак, сето тоа при Него?« 57 И се соблазнија заради Него. А Исус им рече: »Нема пророк без чест, освен во земјата негова и во домот негов.« 58 И не изврши таму многу чудеса заради нивното неверување. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society