Матеј 11 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Прашањето на Јован Крстител и Исусовото сведоштво за него. Тешко на градовите што не се покајале. Благодарност на отецот. Христос ги повикува изморените. 1 И кога ги заврши Исус овие заповеди кон дванаесетте Свои ученици, замина оттаму за да поучува и да проповеда по нивните градови. 2 А Јован штом чу во затворот за Христовите дела, испрати двајца свои ученици, 3 и Му рече: »Ти ли си Оној што треба да дојде или да чекаме друг?« 4 Исус им одговори и рече: »Одете и кажете му на Јована што слушате и што гледате: 5 слепи прогледуваат и сакати проодуваат; лепрозни се очистуваат и глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат и на бедните им се проповеда Евангелието; 6 и блажен е оној, што не се соблазнува заради Мене.« 7 А кога си отидоа овие, Исус почна да му зборува на народот за Јована: »Што сте излегле да видите во пустината? Трска ли, што се лулее од ветрот? 8 Но, што излеговте да видите? Човек ли, облечен во меки алишта? Ете, оние што носат меки алишта, по царски палати се. 9 Па, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, ви велам, и повеќе од пророк. 10 Зашто тој е за кого е напишано: ‚Ете, Јас го праќам Мојот ангел пред лицето Твое; тој ќе го приготви патот Твој пред Тебе‘. 11 Вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јована Крстител; но најмалиот во царството небесно е поголем од него. 12 А од деновите на Јована Крстител па досега, царството небесно насила се зема и силните го грабаат, 13 зашто сите Пророци и Законот беа пророкувале до Јована. 14 И, ако сакате да примите, тој е Илија, кој што ќе дојде. 15 Кој има уши да слуша, нека чуе!« 16 »А со кого да го споредам овој род? Тој личи на деца што седат по пазариштата, па им викаат на своите другари 17 и велат: ‚Ви свиревме и не игравте; ви пеевме жални песни и не плачевте.‘ 18 Оти дојде Јован, кој не јаде, ниту пие, а велат: ‚Бес има.‘ 19 Дојде Синот Човечки, Кој и јаде и пие, и велат: ‚Еве човек ненаситен и пијаница, пријател на митниците и грешниците.‘ И се оправда Премудроста со своите дела.« 20 Тогаш почна Исус да ги укорува градовите, во кои се извршија Негови чудеса најмногу, бидејќи не се покааја. 21 »Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Витсаидо! Ако во Тир и Сидон беа чудесата, што станаа при вас, тие одамна би се покајале во кострет и пепел; 22 но ви велам: на Тир и на Сидон ќе им биде полесно во судниот ден отколку вам. 23 И ти, Капернауме, што си се воздигнал до небото, до пеколот ќе слезеш; зашто, ако во Содом се беа извршиле чудесата што станаа во тебе, тој и до ден денес ќе останеше. 24 Но ви велам, дека на земјата Содомска ќе ѝ биде полесно на страшниот суд, отколку тебе.« 25 Во тоа време, откако продолжи Исус, рече: »Те прославувам, Оче, Господи на небото и на земјата, оти си го сокрил тоа од мудрите и разумните, и си го открил на младенците. 26 Да, Оче, зашто таква беше волјата Твоја. 27 Сѐ ми е предадено од Мојот Отец и никој не Го познава Синот, освен Отецот; ниту Отецот Го познава некој освен Синот, и кому што сака Синот да Го открие. 28 Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; 29 земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; 30 зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно.« |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society