Online Bible

- Reklamy -

Матеј 10 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Исус ги праќа дванаесетте Свои ученици, ги овластува и ги упатува.

1 И кога ги повика Своите дванаесет ученици, им даде власт над нечистите духови, да ги изгонуваат и да лекуваат секаква болест и секаква немоќ.

2 А имињата на дванаесетте апостоли се овие: првиот Симон, наречен Петар, и Андреј, брат негов; Јаков Зеведеев и Јован, братот негов;

3 Филип и Вартоломеј, Тома и Матеј митникот, Јаков Алфеев и Левиј, наречен Тадеј,

4 Симон Кананит и Јуда Искариот, кој и Го предаде.

5 Тие дванаесет души ги испрати Исус и им заповеда, говорејќи: »По пат кон незнабошци не одете и во самарјански град не влегувајте;

6 а одете највеќе при загубените овци на Израилевиот дом;

7 И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно;

8 болни лекувајте, лепрозни очистувајте, мртви воскреснувајте, бесови изгонувајте! Бесплатно добивте, бесплатно давајте!

9 Не носете во појасите ваши ни злато, ни сребро, ниту бакар,

10 ни торба за пат, ни двојни алишта, ниту обувки, ниту стап; зашто работникот ја заслужува својата награда!

11 А штом влезете во некој град или село, распрашајте кој е во него достоен и таму останете, додека не си отидете.

12 И кога ќе влезете во некоја куќа, поздравете ја говорејќи: ‚Нека е мир на таа куќа!‘

13 И ако куќата биде достојна, вашиот мир нека дојде на неа; ако ли не е достојна, тогаш вашиот мир нека се врати при вас!

14 Ако, пак, негде не ве примат и не ги послушаат зборовите ваши, излезете од таа куќа или од тој град и истресете го правот од нозете ваши!

15 Вистина ви велам: полесно ќе ѝ биде на земјата Содомска и Гоморска во судниот ден отколку на тој град.

16 Ете, Јас ве праќам како овци меѓу волци: бидете мудри како змии и незлобни како гулаби.

17 Пазете се од луѓето, зашто тие ќе ве предадат на судовите, и по синагогите нивни ќе ве бијат.

18 И ќе ве одведат пред управници и цареви заради Мене, за да сведочите пред нив и пред незнабошците.

19 Кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате, зашто во тој час ќе ви биде дадено што да кажете;

20 бидејќи не сте вие што ќе говорите, а Духот на вашиот Отец ќе говори во вас.

21 И ќе предаде брат брата си на смрт, и татко чедото свое; и ќе станат деца против родителите и ќе ги убијат;

22 и ќе бидете намразени од сите заради Моето име, но, кој претрпи до крај, ќе биде спасен.

23 Ако ве падат од еден град, бегајте во друг. Зашто, вистина, ви велам: нема да ги обиколите Израилевите градови, додека дојде Синот Човечки.

24 Нема ученик поголем од својот учител, ниту слуга – поголем од својот господар;

25 доста е за ученикот да биде како неговиот учител и на слугата да биде како неговиот господар. Ако стопанот на куќата го нарекле Велзевул, тогаш колку повеќе неговите домашни?

26 И така, не плашете се од нив; зашто нема ништо сокриено, што не ќе се открие, или тајно, а да не се узнае.

27 Тоа што ви го говорам во темнина, кажете го на видело; и она што го слушате на увото, разгласувајте го од покривите!

28 И не бојте се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат; туку бојте се повеќе од Оној, Кој може и душата и телото да ги погуби во пеколот!

29 Не се продаваат ли две врапчиња за еден асариј? И ни едно од нив нема да падне на земја без волјата на вашиот Отец.

30 А вам и влакната на главата ви се изброени.

31 Но не плашете се: вие сте поскапи од многу врапчиња.

32 И така, секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Отец небесен.

33 А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен.

34 Немојте да мислите дека дојдов да донесам мир на земјата; не дојдов да донесам мир, туку меч.

35 Зашто дојдов да разделам човек од татка си, и ќерка од мајка си, и снаа од свекрвата нејзина.

36 И непријатели на човека ќе бидат неговите домашни.

37 Кој милува татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој милува син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене;

38 и кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене.

39 Кој ќе ја запази душата своја, ќе ја загуби, а кој ќе ја загуби душата своја заради Мене, ќе ја зачува.

40 Кој ве прима вас, Ме прима Мене; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил.

41 Кој прима пророк во пророчко име, ќе добие пророчка награда; и кој прима праведник во праведничко име, ќе добие праведничка награда.

42 И кој напои еден од овие мали само со чаша студена вода како Мој ученик, вистина ви велам, нема да ја загуби својата награда.«

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy