Марко 9 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Христовото преображение. Исцелување на човек со нечист дух. Второто пророкување за страдањата. Борба за првенство. Понизените ќе се возвишат. Потребно е чување од соблазни. 1 И им рече: »Вистина, ви велам: тука стојат некои, што нема да вкусат смрт, дури не го видат царството Божјо, дојдено во сила.« 2 А по шест дни, Исус ги зеде со Себе Петра, Јакова и Јована и ги одведе сами во висока гора, насамо, и се преобрази пред нив. 3 Алиштата Му станаа светли, многу бели, како снег, какви што белилка на земјата не може да избели. 4 И им се јави Илија со Мојсеја, и разговараа со Исуса. 5 Тогаш проговори Петар и Му рече на Исуса: »Рави, добро ни е да бидеме овде; да направиме три сеници: една за Тебе, една за Мојсеја и една за Илија.« 6 Зашто не знаеше што да каже, оти беа многу уплашени. 7 И се појави облак, па ги засени; и од облакот дојде глас, кој велеше: »Овој е Мојот возљубен Син. Него слушајте Го!« 8 И одеднаш, кога погледнаа наоколу, никого веќе не видоа покрај себе, освен само Исуса. 9 А кога слегуваа од гората, им заповеда Он – никому да не кажуваат што виделе, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите. 10 И го задржаа тој збор во себе, прашувајќи се еден со друг што значи тоа: »да воскресне од мртвите?« 11 И Го прашаа, велејќи: »А зошто книжниците велат – дека најнапред треба да дојде Илија?« 12 А Он, пак, одговори и рече: »Илија ќе дојде порано и ќе уреди сѐ, а Синот Човечки, како што е напишано за Него, треба да пострада многу и да биде понизен. 13 Но ви велам: дека и Илија дојде, како што е напишано за него, и му направија што сакаа.« 14 И кога дојде при учениците Свои, виде многу народ околу нив и книжници, кои се препираа со нив. 15 И штом Го виде, сиот народ се исплаши; а кога се приближија, Го поздравуваа. 16 Ги праша книжниците: »Зошто се препирате со нив?« 17 Тогаш еден од народот одговори и рече: »Учителе, го доведов при Тебе сина ми, во кого има нем дух; 18 и секогаш, каде и да го фати, го кутнува, и тој се запенува, и крцка со забите, и се здрвува. И им кажав на учениците Твои да го изгонат, но тие не можеа.« 19 А Исус одговори и рече: »О, роде неверен, до кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете го при Мене!« 20 И кога го доведоа кај Него – штом го виде, веднаш духот го стресе; и тој падна наземи и се валкаше запенет. 21 Го праша Исус татка му: »Колку време има откако станува тоа со него?« Тој одговори: »Од детинство; 22 и многупати духот го фрлал во оган, и во вода, за да го погуби; но, ако можеш, смили се над нас и помогни ни!« 23 А Исус му рече: »Ако можеш да поверуваш? Сѐ е можно за оној што верува!« 24 И одеднаш таткото на момчето извика и со солзи рече: »Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!« 25 А Исус, штом виде дека се собра многу народ, му забрани на нечистиот дух и му рече: »Дух нем и глув, Јас ти заповедам: излези од него, и не влегувај веќе во него!« 26 И кога извика, силно го стресе и излезе; а момчето беше како мртво – така што мнозина велеа дека умрело. 27 Исус, пак, откако го фати за рака, го исправи; и тоа стана. 28 И кога влезе Исус во една куќа, учениците Негови Го прашаа насамо: »Зошто ние не можевме да го истераме?« 29 Им одговори: »Тој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост.« 30 И кога излегоа оттаму, минеа преку Галилеја; и Он не сакаше некој да разбере. 31 Оти ги учеше учениците Свои и им велеше дека Синот Човечки ќе биде предаден во човечки раце, и ќе Го убијат, и на третиот ден по убивањето ќе воскресне. 32 Но тие не ги разбираа овие зборови и се плашеа да Го прашаат. 33 И дојде во Капернаум; и кога беше дома, ги праша: »Што размислувавте меѓу себе патем?« 34 Тие молчеа, зашто патем се препираа помеѓу себе, кој е поголем. 35 Па, како седна, ги повика дванаесетте и им рече: »Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите, и на сите – слуга!« 36 И кога зеде едно дете, го постави меѓу нив, го прегрна и им рече: 37 Кој прими едно такво дете во Мое име, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, не Мене Ме прима, туку Оној, Кој Ме пратил. 38 Тогаш Јован Му одговори и рече: »Учителе, видовме еден, кој во Твое име изгонува бесови, а не врви по нас; и му забранивме, оти не оди по нас.« 39 А Исус рече: »Не бранете му, зашто никој, што прави чудо во Мое име, не ќе може наскоро да говори зло за Мене. 40 Зашто, кој не е против вас, тој е со вас. 41 И кој ве напои со чаша вода во Мое име, дека сте Христови, вистина ви велам, нема да ја загуби својата награда. 42 А кој соблазни едно од овие мали, што веруваат во Мене, за него е подобро да му обесат воденички камен на вратот и да го фрлат в море. 43 И ако те соблазнува раката твоја, отсечи ја; подобро е за тебе без рака да влезеш во животот, отколку да имаш две раце и да отидеш во пеколот, во неизгасливиот оган, 44 каде што нивниот црв не гине, и огнот не изгаснува. 45 И, ако те соблазнува ногата твоја, отсечи ја; подобро е за тебе сакат да влезеш во животот, отколку да ги имаш двете нозе и да бидеш фрлен во геената, во неизгасливиот оган, 46 каде што нивниот црв не гине ни огнот се изгаснува. 47 И, ако окото твое те соблазнува, извади го; подобро е за тебе со едно око да влезеш во царството Божјо отколку да имаш две очи и да бидеш фрлен во геената огнена, 48 каде што нивниот црв не гине, и огнот не изгаснува. 49 Зашто секој со оган ќе се посоли, и секоја жртва со сол ќе се осоли. 50 Солта е добра; но, ако солта биде несолена, со што ќе се осоли? Затоа имајте сол во себе, и мир имајте помеѓу себе!« |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society