Марко 5 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Исусовото чудо над човек со нечист дух. Чудо со жената што болувала од крвотечение и чудо со Јаировата ќерка. 1 Премина отаде море, во страната Гадаринска. 2 И кога излезе Он од коработ, веднаш Го сретна еден човек од гробиштата со нечист дух. 3 Тој живееше во гробовите, и дури со вериги никој не можеше да го врзе; 4 оти многупати беше во окови и во вериги врзан, ама ги кршеше веригите и ги раскинуваше оковите, и никој не можеше да го скроти; 5 и секогаш, ноќе и дење, по гробиштата и по ридиштата викаше и се удираше со камења. 6 Штом Го виде Исуса оддалеку, притрча и Му се поклони. 7 Па, како извика со висок глас, рече: »Што имаш, Ти, со мене, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те заколнувам во Бога, не мачи ме!« 8 Зашто му беше рекол: »Дух нечисти, излези од човекот!« 9 И го праша: »Како те викаат?« А тој одговори и рече: »Легион ми е името, оти сме многу.« 10 И Го молеа многу да не ги пади од тој крај. 11 А таму, по ридот пасеше голем број свињи. 12 И сите бесови Го молеа и велеа: »Прати нѐ во свињине, да влеземе во нив.« 13 И Исус веднаш им позволи. Па, како излегоа, нечистите духови – влегоа во свињите; и се гргнаа свињите по стрмнината во морето, а беа околу две илјади; и се издавија во морето. 14 А оние, што ги пасеа свињите, побегнаа и известија во градот и по околијата. И мнозина излегоа да видат што станало. 15 И дојдоа при Исуса, и го видоа бесниот како седи облечен, и со здрав ум, во кого имаше легион, и се уплашија. 16 А оние, кои беа виделе, раскажуваа што стана со бесниот и со свињите. 17 И почнаа да Го молат да си отиде од нивните краишта. 18 А кога влезе во коработ, оној, што беше порано бесен, Го помоли да биде со Него. 19 Исус не му позволи, но му рече: »Оди дома при своите, па раскажи им што ти направи Господ и како те помилува.« 20 Си отиде, и почна да раскажува по Десеттоградието што му направи Исус. И сите се чудеа. 21 А кога премина Исус со коработ пак на другата страна, при Него со собра многу народ. И беше покрај морето. 22 И ете, дојде еден од началниците на синагогата, по име Јаир; па, штом Го виде, падна пред нозете Негови 23 и Го молеше многу, говорејќи: »Ќерка ми е на умирање; дојди и положи ги рацете над неа, за да оздрави и биде жива!« 24 И појде со него. А по Него врвеше многу народ и Го притискаа. 25 Една жена, што страдаше од крвотечение дванаесет години, 26 и големи маки беше претрпела од мнозина лекари, потрошила сѐ што имала и никаква полза не видела, а ѝ станало дури уште полошо, 27 штом чу за Исуса, се приближи одзади меѓу народот и се допре до облеката Негова; 28 оти си велеше: »Само ако се допрам до облеката Негова, ќе оздравам!« 29 И веднаш престана крвотечението, и таа осети во телото свое дека е излекувана од болеста. 30 А Исус одеднаш почувствува во Себе како излезе сила од Него и се сврте кон народот па рече: »Кој се допре до облеката Моја?« 31 Учениците Негови Му рекоа: »Гледаш дека народот Те притиска, а прашуваш: Кој се допре до Мене?« 32 Но Он гледаше наоколу, за да ја види онаа, што го направи тоа. 33 Жената, пак, се уплаши и трепереше; па, знаејќи што стана со неа, се приближи, падна пред Него и Му ја кажа целата вистина. 34 А Он ѝ рече: »Ќерко, верата твоја те спаси; оди си со мир и биди здрава од болеста своја!« 35 Додека Он уште зборуваше, дојдоа од кај началникот на синагогата и рекоа: »Ќерка ти умре; што Му создаваш уште труд на Учителот?« 36 Но Исус, откако ги чу тие зборови, му рече: »Не бој се, а само верувај!« 37 И никому не му позволи да оди со Него, освен на Петра, на Јакова и на Јована, братот на Јакова. 38 Дојде во куќата на началникот на синагогата и виде смут, плачење и силно врискање. 39 И кога влезе, им рече: »Што сте се развикале и расплакале? Детето не е умрено, туку спие.« 40 А тие Му се потсмеваа. Он, пак, откако ги истера сите, ги зеде таткото и мајката на девојчето и оние што беа со Него, и влезе каде што лежеше девојчето. 41 И, кога ја фати раката на девојчето, рече: »Талита, куми!« – што значи: »Девојко, тебе ти велам, стани!« 42 И девојката одеднаш стана, и почна да оди, бидејќи имаше дванаесет години. И сите се зачудија многу. 43 А Он строго им заповеда, никој да не разбере за тоа, и рече: »Дајте ѝ да јаде!« |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society