Марко 3 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Исус исцелува во сабота сува рака, изгонува нечисти духови. Избор на дванаесетте. Ги казнува фарисеите што хулат на Духот Свети. Укажува кои се Неговите вистински роднини. 1 И влезе пак во синагогата, а таму имаше еден човек со исушена рака. 2 И пазеа на Него, дали ќе го исцели во саботен ден, за да Го обвинат. 3 А Он му рече на човекот со исушената рака: »Застани насреде!« 4 Ним, пак, им кажа: »Во сабота позволено ли е да прави човек добро, или зло; да спаси една душа, или да ја погуби?« 5 Па, кога ги изгледа со гнев, зашто Му беше тешко поради нивните скаменети срца, му рече на човекот: »Протегни ја раката своја!« Тој ја протегна, и таа му стана здрава, како и другата. 6 Фарисеите, штом излегоа, веднаш се собраа со иродовците на совет против Него, како да Го погубат. 7 Исус, пак, отиде со Своите ученици кон морето, и по Него одеше многу народ од Галилеја, и од Јудеја, 8 од Ерусалим, и од Идумеја и отаде Јордан. Па и од Тир и Сидон, откако чуја какви дела врши, во голем број дојдоа кај Него. 9 И им порача на учениците Свои да Му приготват кораб, поради народот, за да не Му додева; 10 зашто мнозина беше излекувал, така што сите, кои беа болни, навалуваа на Него за да се доближат до Него. 11 И нечистите духови, штом ќе Го видеа, паѓаа пред Него, викаа и говореа: »Ти си Син Божји!« 12 Но он строго им забрануваше да разгласуваат за Него. 13 Потоа се искачи на гората и ги повика при Себе оние, кои Сам ги одбра, и тие дојдоа при Него. 14 Избра дванаесетмина да бидат со Него, и да ги праќа да проповедаат; 15 и да имаат власт да лекуваат болести и да изгонуваат бесови: 16 првиот Симон, кого го нарече Петар; 17 па Јаков Зеведеев и брат му Јован, на кои им даде име Воанергес, што значи: синови на громот; 18 потоа Андреј, Филип, Вартоломеј, Матеј, Тома, Јаков Алфеев, Тадеј, Симон Кананит 19 и Јуда Искариотски, кој и Го предаде. 20 И дојдоа во една куќа; и пак се собра народ – така што и тие не можеа ни леб да јадат. 21 И кога чуја Неговите домашни, отидоа да Го приберат, оти се говореше дека не бил на Себеси. 22 А книжниците, што беа слегнале од Ерусалим, велеа дека во Него е Велзевул и дека бесовите ги истерува со силата на кнезот демонски. 23 И кога ги повика, им говореше во параболи: »Како може сатаната да изгонува сатана? 24 Ако едно царство се раздели на делови, еден против друг, тоа царство не може да се одржи; 25 и, ако еден дом се раздели на делови, еден против друг, тој дом не може да опстане; 26 ако и сатаната се дигнал против себеси, и се разделил, не ќе може да се одржи; му дошол крајот и нему. 27 Никој не може, кога ќе влезе во куќата на силен човек, да му ја ограби покуќнината, ако најнапред не го врзе силниот; и тогаш ќе му ја земе покуќнината. 28 Вистина, ви велам: на човечките синови ќе им се простат сите гревови и хули, какви и да бидат тие; 29 но, кој похули на Светиот Дух, нему нема да му се прости никогаш, а ќе биде виновен пред вечниот суд.« 30 Тоа го рече, оти велеа: »Нечист дух е во Него.« 31 И дојдоа мајка Му и браќата Негови, па, стоејќи надвор, порачаа да Го викнат. 32 А околу Него седеше народ. И Му рекоа: »Ете, мајка Ти и браќата Твои, и сестрите Твои, надвор се и Те бараат.« 33 А Он им одговори, велејќи: »Која е мојата мајка, или кои се браќата Мои?« 34 Па, како ги погледна оние што седеа околу Него, рече: »Еве ги Мојата мајка и Моите браќа. 35 Зашто оној, кој ја исполнува волјата Божја, тој Ми е брат, и сестра, и мајка.« |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society