Марко 16 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Христовото воскресение. Воскреснатиот им се јавува на учениците. Заповед за крштавањето на сиот свет. Вознесението. 1 Штом мина сабота, Марија Магдалина, Марија Јаковова и Саломија купија мириси, за да дојдат и Го помажат Исуса. 2 И во првиот ден од седмицата, дојдоа на гробот многу рано, кога изгреваше сонцето, 3 па си зборуваа помеѓу себе: »Кој ќе ни го одвали каменот од вратата на гробот?« 4 И кога погледнаа, видоа дека каменот е одвален, а тој беше многу голем. 5 Штом влегоа во гробот, видоа еден млад човек, облечен во бели алишта, како седи од десната страна; и се уплашија многу. 6 А тој им рече: »Не бојте се! Вие Го барате Исуса Назареецот, Распнатиот. Он воскресна, не е овде. Еве го местото каде што беше положен. 7 Но одете, кажете им на учениците Негови и на Петра, дека Он пред вас ќе отиде во Галилеја; таму ќе Го видите, како што ви беше рекол.« 8 Па, штом излегоа, побегнаа од гробот, зашто ги опфати страв и ужас, и никому ништо не рекоа, оти се боеја. 9 А Исус, кога воскресна во првиот ден од седмицата, ѝ се јави најнапред на Марија Магдалина, од која беше истерал седум демони. 10 Таа отиде и им јави на оние, што беа со Него и што плачеа и ридаа; 11 но тие, кога чуја дека е Он жив, и дека таа Го видела, не поверуваа. 12 Потоа се јави во друг вид на двајца од нив по пат, кога одеа в село. 13 И штом се вратија, тие им кажаа на другите; но и ним не им поверуваа. 14 Најпосле им се јави на единаесетте, кога беа на трпеза, и ги укори за нивното неверие и жестокосрдечност, зашто не им поверуваа на оние, кои Го видоа воскреснат. 15 Па им рече: »Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание. 16 Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен; а кој не поверува, ќе биде осуден. 17 А знаците, на оние што ќе поверуваат, ќе им бидат овие: со Моето име ќе истеруваат бесови; ќе говорат нови јазици; 18 ќе фаќаат змии и ако нешто смртоносно испијат, нема да им навреди; на болни ќе полагаат раце и тие ќе оздравуваат.« 19 А по разговорот со нив, Господ се вознесе на небо и седна од десната страна на Бога. 20 Тие, пак, отидоа и проповедаа насекаде; и Господ го поткрепуваше словото нивно со чудеса, што се јавуваа. Амин! |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society