Online Bible

- Reklamy -

Марко 14 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Христовото помазание во Витанија. Воскресното јагне. Тајната вечера. Борбата во Гетсиманија. Фаќањето. Сослушувањето, заповедта и страдањето пред Кајафа. Петровото одречување и каење.

1 По два дни беше Пасха и празникот Бесквасници; а првосвештениците и книжниците сакаа да Го фатат на измама и да Го убијат;

2 но велеа: »На празникот не, за да не стане бунт, меѓу луѓето.«

3 А кога беше Он во Витанија, во куќата на Симона Лепрозниот, и седеше на трпеза, дојде една жена со шишенце скапоцено и чисто нардово миро и, кога го искрши шишенцето, го изли мирото врз главата Негова.

4 А некои негодуваа во себе и говореа: »Зошто мирото да се растура така?

5 Тоа можеше да се продаде за повеќе од триста динарии, и да се раздадат на сиромасите.« И негодуваа против неа.

6 Но Исус рече: »Оставете ја неа; зошто се буните? Таа направи добро дело за Мене.

7 Сиромасите секогаш ги имате со вас, и кога сакате, можете да им направите добро; но Мене Ме немате секогаш.

8 Тоа што можеше, таа го направи: испревари да го помаже телото Мое за погребение.

9 Вистина ви велам: каде и да се проповеда ова Евангелие, по целиот свет ќе се прикажува за нејзин спомен и тоа, што го направи таа.«

10 Тогаш Јуда Искариотски, еден од дванаесетте, отиде кај првосвештениците, за да им Го предаде.

11 А тие, штом чуја, се зарадуваа и ветија да му дадат сребреници. И бараше погодно време, за да Го предаде.

12 Во првиот ден на Бесквасници, кога го колеа Пасхалното јагне, учениците Негови Му рекоа: »Каде сакаш да отидеме и да приготвиме, за да ја јадеш пасхата?«

13 И прати двајца од учениците Свои, па им рече: »Отидете в град; и ќе ве сретне еден човек, што ќе носи вода во стомна; одете по него.

14 И каде што ќе влезе тој, кажете му на домаќинот: ‚Учителот вели: каде е собата, во која ќе ја јадам пасхата со учениците Свои?‘

15 И тој ќе ви покаже голема соба, послана, приготвена; таму згответе ни.«

16 И излегоа учениците Негови и дојдоа во градот, и најдоа како што им беше рекол, па ја приготвија пасхата.

17 А кога се стемни, Он дојде со дванаесетте.

18 И кога седеа и јадеа, Исус им рече: »Вистина ви велам: еден од вас, што јаде со Мене, ќе Ме предаде.«

19 Тие се разжалостија и почнаа еден по друг да велат: »Да не сум јас?«

20 А Он им одговори и рече: »Еден од дванаесетте е, што мака со Мене во чинијата.

21 Но Синот Човечки иде, како што е напишано за Него. Само тешко му на оној човек, преку кого Синот Човечки ќе биде предаден; подобро ќе беше за тој човек, да не беше се родил!«

22 И кога јадеа, зеде Исус леб, го благослови, го прекрши, па им даде и рече: »Примете, јадете; тоа е Моето тело.«

23 Потоа ја зеде чашата, заблагодари и им ја даде; и се напија од неа сите.

24 И им рече: »Тоа е Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина.

25 Вистина ви велам: Јас нема да пијам веќе од лозовиот плод сѐ до оној ден, кога ќе пијам нов во царството Божјо.«

26 Па, откако испеаја благодарствена песна, отидоа во Елеонската Гора.

27 И им рече Исус: »Сите ќе се соблазните заради Мене во оваа ноќ; зашто е напишано: ‚Ќе го поразам пастирот и ќе се разбегаат овците‘.

28 Но после, кога ќе воскреснам, ќе отидам во Галилеја пред вас.«

29 А Петар Му рече: »Дури и сите да се соблазнат, јас не!«

30 Му рече Исус: »Вистина, ти велам: дека уште денес, во оваа ноќ, пред да запее петел двапати, ти трипати ќе се откажеш од Мене.«

31 Но тој уште повеќе тврдеше: »Ако треба дури и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе.« И сите така рекоа.

32 Пристигнаа во пределот, по име Гетсиманија; и им рече на учениците Свои: »Седете овде, додека отидам да се помолам!«

33 И ги зеде со Себе Петра, Јакова и Јована; се замисли и почна да тагува,

34 па им рече: »Душата Ми е смртно нажалена; останете тука и бидете будни!«

35 И штом се оддалечи малку, падна на земја и се молеше, за да Го одмине оној час, ако е можно;

36 и велеше: »Ава, Оче! Сѐ е можно за Тебе; отклони ја од Мене оваа чаша; но не како Јас што сакам, туку како – Ти.«

37 Па дојде и ги затече да спијат, и му рече на Петра: »Симоне, спиеш ли? Не можеш ли еден час да бидеш буден?

38 Бидете будни и молете се за да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо.«

39 И пак отиде и се помоли, изговарајќи ги истите зборови.

40 А кога се врати, ги најде пак како спијат, оти очите им беа натежнале; и не знаеја што да Му одговорат.

41 И по третпат дојде и им рече: »Спиете само и почивате! Свршено е, дојде часот; еве, се предава Синот Човечки во рацете на грешници.

42 Станете да одиме! Еве, наближи оној што Ме предава!«

43 И веднаш, дури Он уште говореше, Јуда, еден од дванаесетте, дојде, и со него многу народ со мечеви и со стапови, испратен од првосвештениците, книжниците и старешините.

44 А оној, што Го предаваше, им беше дал знак, велејќи: »Кого ќе Го целивам, Он е: фатете Го и водете Го претпазливо!«

45 Па, кога дојде, веднаш се приближи до Него и рече: »Радувај се, Рави!« И Го целива.

46 А тие ги кладоа рацете свои на Него и Го фатија.

47 Еден, пак, од оние, што стоеја таму, извади нож, го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече увото.

48 Исус им одговори и рече: »Како на разбојник сте излегле со ножеви и колови, за да Ме фатите?

49 Секој ден бев во храмот и поучував и не Ме фативте. Но нека се исполнат Писмата.«

50 И тогаш, кога Го оставија, сите се разбегаа.

51 А по Него врвеше еден млад човек, наметнат со платниште на голо тело; и војниците го фатија.

52 Но тој, кога го остави платништето, побегна од нив необлечен.

53 И Го доведоа Исуса при првосвештеникот, и се собраа таму сите првосвештеници, старешини и книжници.

54 А Петар врвеше по Него оддалеку и влезе внатре, во дворот на првосвештеникот; па седна со слугите и се грееше на огнот.

55 Првосвештениците и целиот Синедрион бараа сведоштва против Исуса, за да Го убијат, и не наоѓаа.

56 Зашто мнозина лажно сведочеа против Него, и тие сведоштва не беа еднакви.

57 И станаа некои, па сведочеа лажно против Него, велејќи:

58 »Чувме дека Он говореше: ‚Ќе го урнам овој ракотворен храм и по три дни ќе соѕидам друг, неракотворен‘«.

59 Но ни тоа нивно сведочење не беше еднакво.

60 И првосвештеникот, откако застана на средина, Го праша Исуса, говорејќи: »Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?«

61 Но Он молчеше и ништо не одговараше. Првосвештеникот пак Го праша и Му рече: »Ти ли си Христос, Синот на Благословениот?«

62 Исус рече: »Јас сум; и ќе Го видите Синот Човечки како седи од десната страна на силата и како иде на облаците небески.«

63 А првосвештеникот, пак, штом ја раскина облеката своја, рече: »Зошто ни се повеќе сведоци?

64 Чувте како хули на Бога; како ви се чини?« И сите се согласија дека заслужува смрт.

65 А некои почнаа да плукаат на Него, да му го покриваат лицето, да Го бијат и да Му велат: »Проречи!« И Слугите Го удираа по образите.

66 Кога Петар беше долу во дворот, дојде една од слугинките на првосвештеникот,

67 па, штом го виде Петра како се грее, погледна во него и рече: »И ти беше со Исуса Назареецот.«

68 Но тој одрече, велејќи: »Не знам, ниту разбирам што говориш.« И излезе надвор пред дворот; и запеа петел.

69 Слугинката, кога го виде повторно, почна да им зборува на оние што стоеја таму: »И овој е од нив.«

70 Тој пак одрече. Подоцна, оние, што стоеја таму, му рекоа на Петра: »Навистина, и ти си еден од нив; бидејќи си Галилеец, а и говорот ти е таков.«

71 А тој почна да се колне и се заколна: »Не Го познавам Овој Човек, за Кого говорите.«

72 И по вторпат петел запеа. Петар се сети на зборовите, што му ги кажа Исус: »Уште пред двапати петел да запее трипати ќе се одречеш од Мене.« И почна да плаче.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy