Online Bible

- Reklamy -

Марко 12 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Парабола за лозарите. Прашање за давање на царскиот данок, за воскресението на мртвите и за најголемата заповед. Давидов син и Господ. Потребно е чување од книжниците. Вдовичината лента.

1 И почна да им говори во параболи: »Еден човек насади лозје, и го загради со плот, па ископа бунар и соѕида кула; и, откако им го предаде на лозарите, си отиде.

2 А кога дојде времето, испрати кај лозарите еден слуга, за да го прибере од нив плодот на лозјето.

3 Но тие го фатија слугата, го натепаа и го испратија празен.

4 И пак испрати при нив друг слуга; и нему, со камења, му ја расцепија главата, па го отпуштија посрамен.

5 Испрати и друг; него, пак го убија, и мнозина други, или натепаа, или пак ги убија.

6 Па, како имаше и еден син, кој му беше мил, го испрати најпосле и него при нив, велејќи: ‚Ќе се засрамат од сина ми.‘

7 Но лозарите си рекоа помеѓу себе: ‚Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и наследството ќе биде наше.‘

8 И како го фатија, го убија и го исфрлија надвор од лозјето.

9 Што ќе направи, пак, господарот на лозјето? Ќе дојде и ќе ги погуби лозарите, а лозјето ќе го даде на други.

10 Зар не сте читале во Писмото: ‚Каменот, што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот:

11 од Господа е тоа, и чудесно е во очите наши!‘«

12 И сакаа да Го фатат, но се уплашија од народот, оти разбраа дека за нив ја кажа параболата; и кога Го оставија, си отидоа.

13 А пратија кај Него од фарисеите и од Иродовците, за да го фатат на збор.

14 Тие дојдоа и Му рекоа: »Учителе, знаеме дека си правичен и дека не се боиш од никого, оти не гледаш кој е кој, туку вистински поучуваш за патот Божји. Треба ли да се дава данок на царот или не? Да даваме ли, или да не даваме?«

15 А Он, знаејќи ја нивната лицемерност, им рече: »Зошто Ме искушувате? Донесете Ми еден динариј да го видам!«

16 И тие донесоа. Па им рече: »Чиј е овој лик и натпис?« Му рекоа: »На царот.«

17 Тогаш Исус им одговори и рече: »Подајте го царевото на царот, а Божјото на Бога!« И тие Му се чудеа.

18 Дојдоа при Него и садукеите, кои велат дека нема воскресение, па Го прашаа, говорејќи:

19 »Учителе, Мојсеј ни напиша: ‚Ако некому умре братот и остави жена, а деца не остави, тогаш брат му нека ја земе жената негова и нека го воздигне потомството на брата си.‘

20 Беа седуммина браќа: првиот зеде жена и кога умре, не остави пород.

21 Неа ја зеде вториот брат, и умре, но и тој не остави пород; исто така и третиот.

22 Ја зедоа сите седуммина, и не оставија пород. По нив умре и жената.

23 При воскресението, кога ќе воскреснат, на кого од нив таа ќе биде жена? Оти седуммина ја имаа како жена.«

24 А Исус одговори и рече: »Зар не се лажете, бидејќи не ги познавате ни Писмата, ниту силата Божја?

25 Зашто, кога ќе воскреснат од мртвите ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, а се како ангели на небесата.

26 А за мртвите, дека ќе воскреснат, не сте ли читале во книгата на Мојсеја, како му рече Бог при капината: ‚Јас сум Бог Авраамов, и Бог Исаков, и Бог Јаковов‘?

27 Но Он не е Бог на мртвите, а Бог на живите. Вие, пак, многу се лажете.«

28 Тогаш пристапи еден од книжниците, кој ги слушаше како се препираат и увиде дека Исус им одговараше добро, па Го запраша: »Која е прва од сите заповеди?«

29 А Исус му одговори: »Прва од сите заповеди е: ‚Чуј, Израиле! Господ, Бог наш, е еден Господ.

30 Затоа возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила!‘ Тоа е првата заповед.

31 А втората е слична на неа: ‚Возљуби го својот ближен како себеси!‘ Друга заповед, поголема од овие, нема.«

32 Книжникот Му рече: »Добро, Учителе. Право кажа дека Бог е еден, и дека нема друг, освен Него;

33 и дека, да Го љубиш со сето срце, и со сиот разум, и со сета своја душа, и со сета сила, и да го љубиш ближниот свој како себеси е повеќе од сите прилози и жртви.«

34 Исус, пак кога виде дека умно одговори, му рече: »Не си далеку од царството Божјо.« Потоа никој веќе не смееше да Го праша.

35 И кога одговараше Исус, поучувајќи во храмот, рече: »Како зборуваат книжниците дека Христос е син Давидов?

36 Сам, пак, Давид кажа преку Светиот Дух: ‚Му рече Господ на мојот Господ: седи од Мојата десна страна, дури не ги положам Твоите непријатели во подножјето на нозете Твои!‘

37 И така, сам Давид Го нарече Господ; од каде тогаш да Му е Он син?« И многу народ Го слушаше со сладост.

38 И им рече потоа во Својата поука: »Чувајте се од книжниците, кои сакаат да одат променети и да ги поздравуваат по улиците,

39 и предни седишта во синагогите, и први места на гозбите.

40 Тие, што ги подјадуваат домовите на вдовиците и лицемерно долго се молат, ќе бидат потешко осудени.«

41 Па седна Исус спроти ковчежето, и гледаше како народот пушта пари во него. Мнозина богати пуштаа многу.

42 И кога дојде една бедна вдовица, пушти две лепти, што прават еден кодрант.

43 А Исус, кога ги повика учениците Свои, им рече: »Вистина, ви велам дека оваа сиромашна вдовица даде повеќе од сите, што пуштија во ковчежето;

44 зашто сите пуштија од својот вишок, а таа од својата сиромаштија даде сѐ што имаше, целата своја прехрана.«

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy