Марко 11 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Исус влегува во Ерусалим и ја проколнува смоквата, го чисти храмот, препорачува вера, молитва и проштавање. Ја брани Својата власт. 1 И кога се приближија до Ерусалим, во Витфагија и Витанија, при Елеонската Гора, испрати Исус двајца од учениците, 2 и им рече: »Одете во селоно, што е наспроти вас, па штом влезете во него, ќе најдете врзано осле, што ниеден човек не го јавал; одврзете го и доведете го! 3 И, ако ви рече некој: ‚Зошто го правите тоа?‘ Кажете дека Му е потребно на Господа; и тој веднаш ќе го прати тука.« 4 Тие отидоа и го најдоа ослето, врзано за портата од надвор, на раскрсницата, и го одврзаа. 5 И некои од оние, што стоеја таму, им рекоа: »Што правите? Зошто го одврзувате?« 6 А овие им одговорија, како што им беше заповедал Исус, и тие ги оставија. 7 И го одведоа ослето при Исуса, ги кладоа врз него алиштата свои, и Он седна на него. 8 И мнозина ги постилаа своите облеки по патот. 9 А оние, што одеа пред Него и по Него, викаа и велеа: »Осана! Благословен е, Кој иде во името Господово! 10 Благословено е царството на нашиот татко Давида, кое иде во името Господово! Осана во висините!« 11 И влезе Исус во Ерусалим, и во храмот; разгледа сѐ; па, како веќе беше доцна, излезе и отиде со дванаесетте во Витанија. 12 А утредента, кога излегоа од Витанија, Он огладне; 13 и кога оддалеку виде една смоква, покриена со лисја, се приближи, не би ли нашол нешто на неа; но, кога се доближи до неа, не најде ништо освен лисја, оти уште не беше времето за смокви. 14 И кога одговори Исус, ѝ рече: »Отсега никој довека да не вкуси плод од тебе!« И го чуја тоа учениците Негови. 15 И пак дојдоа во Ерусалим. Кога влезе Исус во храмот, почна да ги пади оние, што продаваа и купуваа во храмот, и им ги преврти масите на менувачите и столовите на оние, што продаваа гулаби; 16 и не позволуваше никој преку храмот да пренесе каков и да било сад. 17 И ги поучуваше, велејќи: »Не е ли напишано: ‚Домот Мој, дом за молитва на сите народи ќе се нарече‘; а вие го направивте како разбојничко гнездо.« 18 И кога го чуја тоа книжниците и првосвештениците, гледаа како да Го погубат, зашто се боеја од Него, оти сиот народ се восхитуваше на Неговото учење. 19 А кога се стемни, Он излезе надвор од градот. 20 Утредента, минувајќи, ја видоа смоквата исушена откорен. 21 И кога се сети, Петар Му рече: »Рави, погледај! Смоквата, што ја проколна, се исушила.« 22 А Исус им одговори и рече: 23 »Имајте вера во Бога. Оти, вистина, ви велам, ако некој ѝ рече на оваа планина: ‚Дигни се и фрли се в море!‘ и не се посомни во срцето свое, а поверува дека ќе биде како што рекол, ќе му се исполни, што и да каже. 24 Затоа ви велам: сѐ што ќе побарате во молитва, верувајте дека ќе го добиете: и ќе ви биде. 25 И кога стоите на молитва, проштавајте, ако имате нешто против некого, па и вашиот небесен Отец да ви ги прости вашите гревови. 26 Ако ли, пак, вие не проштавате, и вашиот небесен Отец нема да ви ги прости гревовите ваши.« 27 И пак дојдоа во Ерусалим; а кога одеше низ храмот, се приближија до Него првосвештениците и книжниците, и старешините, 28 па Му рекоа: »Со каква власт го правиш тоа, и кој Ти ја дал таа власт, да го правиш тоа?« 29 Исус им одговори и рече: »Ќе ве прашам и јас за нешто и одговорете Ми; тогаш и Јас ќе ви кажам, со каква власт го вршам тоа. 30 Крштавањето Јованово од небото ли беше, или од луѓето? Одговорете Ми!« 31 А тие се мислеа во себе и велеа: »Ако кажеме ‚Од небото‘ – ќе рече: ‚Па зошто не му поверувавте?‘ 32 Но, ако кажеме, ‚Од луѓето‘« – се плашеа од народот; зашто сите го сметаа Јована за вистински пророк. 33 И кога Му одговорија на Исуса, рекоа: »Не знаеме.« А Исус им одговори и рече: »Ни Јас не ви кажувам со каква власт го вршам тоа.« |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society