Online Bible

- Reklamy -

Марко 1 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Јован го објавува доаѓањето на Исуса Христа. Крштавањето на Исуса и Неговото искушување. Исус го проповеда Евангелието, ги повикува учениците и исцелува болни.

1 Почеток од Евангелието на Исуса Христа, Син Божји,

2 како што е напишано кај пророците: »Еве, Јас го испраќам пред лицето Твое Мојот ангел, кој што ќе го приготви Твојот пат пред Тебе.«

3 Гласот на оној, што вика во пустината: пригответе го патот на Господа, израмнете ги патеките Негови.

4 Се јави Јован, крштавајќи во пустината, и проповедаше покајно крштавање за проштавање на гревовите.

5 И излегуваа при него од целата Јудејска страна и од Ерусалим, и сите се крштаваа од него во реката Јордан, исповедувајќи ги своите гревови.

6 А Јован носеше облека од камилски влакна и појас од кожа околу половината своја, и јадеше скакулци и див мед.

7 И проповедаше, велејќи: »По мене иде Посилниот од мене, на Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови.

8 Јас ве крстив со вода, а Он ќе ве крсти со Дух Свети.«

9 А во оние дни дојде Исус од Назарет Галилејски и се крсти од Јована во Јордан.

10 И кога излегуваше од водата, веднаш виде како се отвораат небесата, и Духот, во вид на гулаб, како слегува на Него.

11 И се чу глас од небесата: »Ти си Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја.«

12 Веднаш потоа Духот Го изведе во пустина.

13 И беше таму, во пустината, четириесет дни искушуван од сатаната; беше со ѕверови и ангелите Му служеја.

14 А потоа, кога Јован беше предаден, дојде Исус во Галилеја и ја проповедаше радосната вест за царството Божјо,

15 и велеше: »Времето се исполни и царството Божјо наближи, покајте се и верувајте во Евангелието.«

16 И, одејќи покрај Галилејското Море, го виде Симона и брата му Андреја, како фрлаат мрежа во морето, зашто беа рибари.

17 Исус им рече: »Врвете по Мене, и Јас ќе ве направам ловци на луѓе!«

18 И тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него.

19 Па, штом одмина малку, го виде Јакова Зеведеев и брата му Јована, исто така во кораб, како ги крпат мрежите свои;

20 веднаш ги повика и нив. И тие, оставајќи го татка си Зеведеја во коработ со наемниците, тргнаа по Него.

21 И дојдоа во Капернаум; и веднаш во саботата влезе Он во синагогата и поучуваше.

22 И се чудеа на Неговата наука, оти Он ги учеше како Оној што има власт, а не како книжниците.

23 Имаше во синагогата нивна човек со нечист дух, и извика, говорејќи:

24 О, што имаш Ти со нас, Исусе Назарејче! Си дошол ли да нѐ погубиш? Те знам Кој си Ти, Светец Божји!

25 Но Исус му забрани, велејќи: »Молкни и излези од него!«

26 Тогаш го стресе нечистиот дух, па извика со висок глас и излезе од него.

27 И сите се стресоа од ужас, така што еден со друг се прашуваа и велеа: »Што е ова?! И какво е ова ново учење, што со власт и на нечистите духови им заповеда, и тие Му се покоруваат?«

28 И одеднаш се разнесе глас за него по целиот крај Галилејски.

29 Па, како излегоа од синагогата, дојдоа со Јакова и Јована во куќата на Симона и Андреја.

30 А баба му на Симона лежеше од треска; и веднаш Му јавија за неа.

31 И кога пристапи, ја фати за рака и ја подигна; и треската веднаш ја остави; и таа стана; и почна да ги послужува.

32 А приквечер, кога заоѓаше сонцето, носеа при Него секакви болни и бесни.

33 И целиот град се беше собрал пред портата.

34 И излекува мнозина што страдаа од разни болести; истера многу бесови и не им позволуваше на бесовите да кажуваат, дека знаат оти е Он Христос.

35 А утредента, во темни зори, стана, излезе и отиде во пусто место, и таму се молеше.

36 А Симон, и оние што беа со Него, поитаа по Него;

37 па, кога Го најдоа, Му рекоа: »Сите Те бараат.«

38 А Он им рече: »Да појдеме до блиските села и градови, и таму да проповедам, зашто затоа сум излегол.«

39 И проповедаше во нивните синагоги по цела Галилеја и изгонуваше бесови.

40 И дојде при Него еден лепрозен, па, молејќи Го, падна пред Него и Му рече: »Ако сакаш, можеш да ме очистиш.«

41 А Исус, кога се смилува, протегна рака, се допре до него и му рече: »Сакам! Очисти се!«

42 И штом го рече тоа, се изгуби лепрата од него, и тој стана чист;

43 па, како го отпушти, му заповеда

44 и му рече: »Гледај, никому ништо да не кажуваш; но оди, покажи му се на свештеникот и принеси дар за очистување, како што заповедал Мојсеј – ним за сведоштво.«

45 А тој, штом излезе, почна да раскажува многу и да разгласува, така што Исус не можеше јавно да влезе во градот, а се задржуваше надвор, во осамотени места. И приоѓаа кај Него отсекаде.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy