Online Bible

- Reklamy -

Лука 4 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Искушувањето на Христа. Почнува да го учи народот и да проповеда во Назарет и Капернаум, каде што ја исцелува бабата на Петра и многу болни.

1 Исполнет со Дух Свети, Исус се врати од Јордан, и беше одведен од Духот во пустина.

2 Четириесет дена Го искушуваше ѓаволот, и ништо не јаде во тие дни; а кога изминаа тие, најпосле огладне.

3 И Му рече ѓаволот: »Ако си Син Божји, кажи му на овој камен да стане леб.«

4 А Исус му одговори и рече: »Напишано е дека не само со леб ќе живее човекот, туку и со секој збор Божји.«

5 И кога Го одведе на една висока планина, ѓаволот Му ги покажа наеднаш сите царства во светот.

6 И Му рече ѓаволот: »Тебе ќе Ти ја дадам сета оваа власт, и нивната слава, зашто мене ми е предадена, и ја давам кому што сакам.

7 Ако ми се поклониш, сето тоа ќе биде Твое.«

8 Но Исус му одговори и рече: »Бегај од Мене, сатано, оти е напишано: ‚На Господа, Твојот Бог, клањај Му се и само Нему служи Му!‘«

9 И Го одведе во Ерусалим, и Го постави на храмовиот покрив, па Му рече: »Ако си Син Божји, фрли се одовде долу!

10 Зашто е напишано: ‚На ангелите Свои ќе им заповеда за Тебе, да Те запазат;

11 и на раце ќе Те земат, да не би некако да ја сопнеш ногата Своја на камен‘.«

12 И Исус му одговори и рече: »Кажано е: ‚Не искушувај Го Господа, својот Бог!‘«

13 Па како заврши ѓаволот со сите искушенија, отиде од Него за некое време.

14 И се врати Исус во Галилеја во силата на Духот; и се разнесе глас за Него по целиот тој крај.

15 А Он поучуваше по синагогите нивни, прославуван од сите.

16 И дојде во Назарет, каде што беше одраснал, и по обичајот Свој влезе еден саботен ден во синагогата, па застана да чита.

17 Му ја подадоа книгата на пророкот Исаија; и Он, штом ја отвори, го најде местото каде што беше напишано:

18 Духот Господов е врз Мене; затоа Ме помаза да им соопштам радосна вест на бедните. Ме прати да ги исцелам сокрушените по срце, да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените;

19 да ја проповедам благопријатната година Господова!

20 И кога ја затвори книгата и му ја даде на слугата, седна; а очите на сите во синагогата беа вперени во Него.

21 И почна да им говори: »Денес се исполни ова Писмо, што го чувте.«

22 И сите Му посведочија, и се восхитуваа на Неговите благодатни зборови, што излегуваа од устата Негова, и велеа: »Не е ли Овој синот на Јосифа?«

23 А Он им рече: »Секој од вас сигурно ќе Ми приговори: ‚Лекаре, излекувај се Сам! Направи го и овде, во Твојот роден крај, она, што чувме дека се случило во Капернаум.‘«

24 Па им рече: »Вистина ви велам: ниеден пророк не е мил во земјата своја.

25 Навистина ви кажувам: имаше многу вдовици во Израилот, во деновите на Илија, кога се затвори небото три години и шест месеци и настана голем глад по целата земја;

26 и при ниедна од нив не беше пратен Илија, но само кај вдовицата во Сарепта Сидонска;

27 и мнозина беа лепрозни во Израилот, при пророкот Елисеј, и ниеден од нив не се очисти, освен Сириецот Нееман.«

28 А кога го чуја тоа, сите во синагогата се исполнија со гнев;

29 па како станаа, Го истераа надвор од градот и Го одведоа на врвот од еден рид, каде што беше соѕидан нивниот град, за да Го турнат одозгора.

30 Но Он си помина меѓу нив и си отиде.

31 И слезе во Капернаум, во градот Галилејски, и ги поучуваше во саботните денови.

32 И се чудеа на Неговата наука, зашто словото Му беше со власт.

33 Во синагогата се наоѓаше еден човек, во кого имаше нечист бесовски дух, и тој извика гласно:

34 О, што имаш со нас, Ти, Исусе Назарејче? Си дошол ли да нѐ погубиш? Те знам кој си, Ти си Светец Божји.

35 А Исус му забрани, говорејќи: »Молкни и излези од него!« Па откако го кутна насреде, бесот излезе од него и ништо лошо не му направи.

36 И сите се уплашија, и расудуваа, говорејќи меѓу себе: »Какви се овие зборови, со власт и сила им заповеда на нечистите духови и тие излегуваат?«

37 Па се разнесе глас за Него по сите околни места.

38 Штом излезе од синагогата, влезе во куќата Симонова; а бабата на Симона имаше силна треска, и Го помолија за неа.

39 И како застана над неа, Он ја отстрани треската, и таа ја остави; и жената веднаш стана и им служеше.

40 И на зајдисонце, сите, што имаа болни од разни болести, ги доведуваа при Него; а Он, возлагајќи раце над секого од нив, ги исцелуваше.

41 Од мнозина излегуваа бесови со викање, и велеа: »Ти си Христос, Син Божји!« А Он забрануваше и не им позволуваше да кажуваат, оти знаат дека е Он Христос.

42 Кога се раздени, Он излезе и отиде на осамено место, а луѓето Го бараа па, кога дојдоа при Него, Го задржуваа да не си оди од нив.

43 А Он им рече: »И на другите градови треба да им соопштам радосна вест за царството Божјо, оти за тоа сум пратен.«

44 И проповедаше по синагогите галилејски.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy