Лука 24 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Воскресението Христово. Исус им се јавува на учениците што одат во Емаус, а потоа и на апостолите. Вознесението Христово. 1 Во првиот ден на седмицата, многу рано, тие дојдоа на гробот, носејќи ги приготвените мириси, а заедно со нив беа и некои други; 2 но плочата на гробот ја најдоа превртена. 3 И како влегоа, не го најдоа телото на Господа Исуса. 4 И додека се чудеа на тоа, одеднаш пред нив застанаа двајца мажи во светли облеки; 5 тие се уплашија и ги наведнаа лицата кон земјата, а овие им рекоа: »Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите? 6 Он не е овде, а воскресна; сетете се како ви рече, кога беше уште во Галилеја, 7 говорејќи, дека Синот Човечки треба да биде предаден на луѓе грешници и да биде распнат, и на третиот ден да воскресне.« 8 И се сетија на Неговите зборови. 9 Па штом се вратија од гробот, им го соопштија сето тоа на единаесетте и на сите други. 10 А тие беа Марија Магдалина, и Јоана, и Марија Јаковова и други со нив, што им го кажаа тоа на апостолите. 11 И нивните зборови им изгледаа како лага, и не им поверуваа. 12 Но Петар стана и отиде бргу до гробот, и кога се наведна, го виде внатре само покровот и се врати, чудејќи се сам во себе за она што станало. 13 Во истиот ден двајца од нив одеа во едно село, по име Емаус, кое беше оддалечено од Ерусалим шеесет стадии; 14 и зборуваа помеѓу себе за сите овие настани. 15 И кога разговараа и се запрашуваа еден со друг, Сам Исус се приближи и одеше со нив; 16 но очите им се замрежија за да не Го познаат. 17 А Он им рече: »Какви се тие зборови што ги разменувате помеѓу себе одејќи и зошто сте нажалени?« 18 Едниот од нив, по име Клеопа, Му одговори и рече: »Единствен туѓинец ли си ти во Ерусалим, та не си разбрал, што стана во него овие дни?« 19 И ги праша: »Што?« Тие Му одговорија: »Она што стана со Исуса Назареецот, Кој беше пророк, силен на дело и на слово, пред Бога и пред сиот народ; 20 дека нашите првосвештеници и управници Го предадоа да биде осуден на смрт и Го распнаа; 21 а ние се надевавме оти е Он Оној што треба да го избави Израилот; но и покрај сето тоа, денес е веќе трет ден, откако стана ова. 22 А и некои жени од нашите нѐ исплашија; тие биле рано на гробот, 23 и не го нашле телото Негово; и кога се вратија, рекоа дека им се јавиле ангели и дека им кажале оти е Он жив. 24 Отидоа на гробот и некои од нашите и најдоа исто така, како што рекоа жените; но Него не Го виделе.« 25 Тогаш им рече: »О, безумни и тврди по срце, да верувате во сѐ што рекле пророците! 26 Не требаше ли така да пострада Христос и да влезе во Својата слава?« 27 Па, како почна од Мојсеја и од сите пророци, им зборуваше што е кажано за Него во целото Писмо. 28 И тие се приближија до селото, во кое одеа; а Он се направи како да сака да продолжи. 29 Но тие Го задржаа, велејќи: »Остани со нас, оти денот превали и наскоро ќе се стемни!« Он влезе и остана со нив. 30 А кога седеше со нив на трпеза, зеде леб, го благослови, го прекрши и им подаде; 31 тогаш им се отворија очите и тие Го познаа; но Он стана невидлив за нив. 32 И си рекоа еден на друг: »Зар не гореа срцата наши, кога ни зборуваше по патот и кога ни го објаснуваше Писмото?« 33 Па во истиот час станаа, се вратија во Ерусалим и ги најдоа собрани единаесетте и оние што беа со нив, 34 каде што говореа дека Господ навистина воскреснал и му се јавил на Симона. 35 И тие кажаа за она, што им се случи по патот и како Го познаа, кога го прекршувал лебот. 36 Додека тие уште зборуваа за тоа, Сам Исус застана среде нив и им рече: »Мир вам!« 37 А тие, така збунети и уплашени, помислија оти гледаат дух. 38 Но Он им рече: »Што се плашите и зошто такви мисли влегуваат во срцата ваши? 39 Видете ги рацете Мои и нозете Мои: Јас сум Истиот; допрете се до Мене и гледајте; зашто духот нема тело и коски, а, како што гледате, Јас имам.« 40 А кога го рече тоа, им ги покажа рацете и нозете. 41 Но, додека тие од радост уште не веруваа и се чудеа, Он им рече: »Имате ли овде нешто за јадење?« 42 Тие Му дадоа парче риба печена и мед со саќе. 43 И кога зеде, јадеше пред нив. 44 Па им рече: »Ете, тоа е она за што ви зборував уште додека бев со вас, оти треба да се исполни сѐ што е напишано за Мене во Законот Мојсеев и кај Пророците, и во Псалмите.« 45 Тогаш им го отвори умот за да ги разбираат Писмата, 46 и им рече: »Така е напишано и така требаше да пострада Христос и да воскресне од мртвите на третиот ден, 47 и да биде проповедано во Неговото име и покајание и проштавање на гревовите кај сите народи, почнувајќи од Ерусалим; 48 а вие сте сведоци за ова. 49 И ете, Јас ќе го испратам врз вас ветувањето од Мојот Отец; а вие останете во градот Ерусалим, дури не се облечете во сила одозгора.« 50 И ги изведе надвор во Витанија, па кога ги подигна рацете, ги благослови. 51 И кога ги благословуваше, се оддели од нив и се вознесе на небото; 52 тие Му се поклонија и се вратија во Ерусалим со голема радост. 53 И беа постојано во храмот, каде што Го прославуваа и благословуваа Бога. Амин! |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society