Лука 22 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Предавство. Пасхалното јагне и вечерата. Суетата кај учениците. Страдањето на Исуса во Елеонската Гора. Фаќањето. Петровото одречување. Страдањето на Исуса пред Кајафа. 1 Се приближуваше празникот Бесквасници, наречен Пасха; 2 а првосвештениците и книжниците гледаа како да Го погубат, оти се плашеа од народот. 3 И влезе сатаната во Јуда, наречен Искариот, еден од бројот на дванаесетте. 4 И кога отиде, се договори со првосвештениците и началниците, како да им Го предаде. 5 Тие се зарадуваа и се согласија да му дадат сребреници. 6 И тој вети, и бараше погодно време, да им Го предаде тајно од народот. 7 И дојде денот Бесквасници, кога требаше да се заколе пасхалното јагне; 8 па ги испрати Исус Петра и Јована и им рече: »Отидете и пригответе ни пасха, за да јадеме!« 9 А тие Му рекоа: »Каде сакаш да приготвивме?« 10 Он им рече: »Ете, влегувајќи в град, ќе ве сретне човек со стомна вода; одете по него во куќата, каде што ќе влезе, 11 и кажете му на домаќинот од куќата: ‚Учителот ти вели: каде е собата, во која треба да јадам пасха со учениците Свои?‘ 12 И тој ќе ви покаже голема одаја, послана; таму пригответе.« 13 Кога отидоа, најдоа како што им беше рекол и ја приготвија пасхата. 14 А кога дојде времето, Он седна на трпезата и дванаесетте апостоли со Него. 15 И им рече: »Од сѐ срце сакав да ја јадам оваа пасха со вас, пред да пострадам; 16 оти, ви велам: нема веќе да јадам од неа, дури таа не се доврши во царството Божјо.« 17 Па како ја зеде чашата, заблагодари и рече: »Земете и разделете ја помеѓу себе, 18 зашто нема да пијам од лозовиот плод, додека не дојде царството Божјо.« 19 Потоа зеде леб и заблагодари, го прекрши и им даде, велејќи: »Ова е Моето тело, што се дава за вас; правете го ова за Мој спомен!« 20 Исто така и со чашата, по вечерата, велејќи: »Оваа чаша е Новиот завет со Мојата крв, која се пролива за вас. 21 Но, ете, раката на оној што Ме предава е со Мене на трпезава. 22 Синот Човечки, пак, оди, според она како што е определено, но тешко му на оној човек, што ќе Го предаде.« 23 И почнаа да се прашуваат помеѓу себе, кој ли ќе е од нив што ќе го направи тоа? 24 А се појави помеѓу нив и препирка, кој од нив да се смета за поголем. 25 Но Он им рече: »Царевите владеат над народите, а оние што управуваат над нив се викаат добротвори. 26 Вие, пак, немојте така; но поголемиот меѓу вас да биде како најмалиот, и тој, што е старешина, да биде како слуга. 27 Зашто кој е поголем: тој што седи на трпеза, или оној што слугува? Зар не е оној што седи? А Јас сум меѓу вас како слуга. 28 Но вие сте, кои издржавте со Мене во Моите напасти, 29 и Јас ви ветувам, како што Ми вети Мојот Отец, царство, 30 за да јадете и да пиете на трпезата Моја во царството Мое, и да седнете на престоли и да им судите на дванаесетте Израилеви колена.« 31 И рече Господ: »Симоне, Симоне, ете, сатаната посака да ве сее како пченица; 32 но Јас се молев за тебе, за да не намали твојата вера; а ти некогаш, кога ќе се обратиш, укрепи ги браќата свои!« 33 А тој Му одговори: »Господи, готов сум да одам со Тебе и в затвор, и на смрт.« 34 Но Он му рече: »Ти велам, Петре, нема денес да пропее петел, дури трипати не откажеш оти Ме познаваш.« 35 Па им рече: »Кога ве пратив без ќесе, и без торба, и без обувки, останавте ли лишени од нешто?« Тие одговорија: »Од ништо.« 36 И им рече: »Но сега, кој има ќесе, нека си го земе, исто така и торба; а кој нема, нека си го продаде облеклото и да купи нож; 37 зашто, ви велам, на Мене треба да се изврши и ова од Писмото: ‚И меѓу злочинци Го кладоа.‘ Оти она што се однесува на Мене, се исполнува.« 38 А тие рекоа: »Господи, еве овде има два ножа.« Он им одговори: »Доволни се.« 39 И кога излезе, тргна, како обично кон Елеонската Гора; по Него одеа и учениците Негови. 40 А штом дојде на тоа место, им рече: »Молете се за да не паднете во искушение!« 41 И Он се одвои од нив, колку камен што може да се фрли, па преклони колена и се молеше, 42 велејќи: »Оче, кога би сакал да Ме одмине оваа чаша! Но нека не биде Мојата волја, туку Твојата!« 43 И Му се јави ангел од небото и Го поткрепуваше. 44 Па, бидејќи се наоѓаше во внатрешна борба, поусрдно се молеше, а потта Му беше како капки крв, што паѓаа на земјата. 45 Штом стана од молитвата, дојде при учениците Свои и ги најде заспани од тага. 46 И им рече: »Зошто спиете? Станете и молете Му се на Бога, за да не паднете во искушение!« 47 И додека Он уште зборуваше, ете, се појави многу народ и пред сите одеше еден од дванаесетте, наречен Јуда, кој се приближи до Исуса да Го целива. Зашто таков знак им беше дал: »Кого ќе Го целивам, Он е.« 48 А Исус му рече: »Јудо, со целив ли Го предаваш Синот Човечки?« 49 Оние, пак, што беа со Него, кога видоа што ќе стане, Му рекоа: »Господи, да удриме ли со нож?« 50 И еден од нив го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво. 51 А Исус одговори и рече: »Оставете го тоа, запрете!« Па, кога се допре до увото негово, го излекува. 52 А на првосвештениците и црковните управници и на старешините, што беа дошле против Него, Исус им рече: »Како на разбојник сте излегле со ножеви и колови, за да Ме фатите? 53 Секој ден бев со вас во храмот и не кренавте рака на Мене, но сега е вашето време и власта на мракот.« 54 И кога Го фатија, Го поведоа и одведоа во домот на првосвештеникот. А Петар оддалеку одеше по Него. 55 Кога запалија оган во дворот и седнаа наоколу, седна и Петар меѓу нив. 56 А една слугинка, штом го виде како седи покрај огнот, погледна на него и рече: »И овој беше со Него!« 57 Но тој се одрече од Него, велејќи: »Жено, не го познавам!« 58 Малку потоа, кога го виде еден друг, рече: »И ти си од нив!« Но Петар му рече: »Човеку, не сум!« 59 А кога мина време околу еден час, друг еден почна да тврди, зборувајќи: »Навистина, и овој беше со Него, оти е Галилеец!« 60 Но Петар рече: »Човеку, не знам што зборуваш!« И одеднаш, уште дури говореше, петел запеа. 61 Тогаш Господ се заврти и го погледна Петра, а Петар се сети на Господовите зборови што му ги беше рекол: »Уште додека петел не пропее, трипати ќе се одречеш од Мене.« 62 И штом излезе надвор, заплака горко. 63 А луѓето, што го држеа Исуса, Му се потсмеваа и Го биеја. 64 Па, кога Го покрија, Го удираа по образите и Го прашуваа, велејќи: »Проречи кој Те удри?« 65 И многу други хули рекоа против Него. 66 А кога се раздени, се собраа старешините народни, првосвештениците и книжниците и Го воведоа во Синедрионот, 67 и рекоа: »Ако си Ти Христос, кажи ни!« Но Он им одговори: »И да ви кажам, нема да поверувате. 68 И да ве запрашам, нема да Ми одговорите, ниту ќе Ме пуштите. 69 Отсега Синот Човечки ќе седи оддесно на силата Божја.« 70 И сите рекоа: »Ти ли си, значи, Син Божји?« А Он им рече: »Вие велите дека сум Јас.« 71 А тие рекоа: »Какво сведоштво ни треба уште? Ние сами чувме од Неговата уста.« |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society