Online Bible

- Reklamy -

Лука 20 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Христос одговара за Својата власт. Парабола за лошите лозари. За данокот и за воскресението на мртвите. Чиј Син е Исус? Потребно е чување од книжниците.

1 Кога Он, во еден од оние денови, го поучуваше народот во храмот и го проповедаше Евангелието, пристапија првосвештениците и книжниците со старешините

2 и Му рекоа, велејќи: »Кажи ни, со каква власт го вршиш тоа, или кој ти ја дал таа власт?«

3 А Он им одговори и рече: »Ќе ве прашам и Јас еден збор, и кажете Ми:

4 крштавањето Јованово од небото ли беше, или од луѓето?«

5 А тие, размислувајќи помеѓу себе, си велеа: »Ако кажеме, ‚Од небото‘, ќе рече: ‚Зошто не му поверувавте?‘

6 Ако, пак, речеме – ‚Од луѓето‘, тогаш сиот народ ќе не затрупа со камења, бидејќи е уверен дека Јован беше пророк.«

7 Па одговорија: »Не знаеме од каде е.«

8 Исус им рече: »Ни Јас нема да ви кажам, со каква власт го вршам тоа.«

9 И почна да му ја раскажува на народот оваа парабола: »Еден човек насади лозје и го предаде на лозари, па си отиде на подолго време.

10 А подоцна испрати кај лозарите еден слуга, за да му дадат од плодовите на лозјето; но лозарите го натепаа и го пуштија празен.

11 И прати одново друг слуга: но тие и него го натепаа и го понизија, па го испратија празен.

12 Испрати и трет, а тие и него го ранија и го испадија.

13 Тогаш господарот на лозјето рече: ‚Што да направам? Ќе го испратам својот сакан син; можеби, кога ќе го видат, ќе се засрамат.‘

14 Но лозарите, штом го видоа, си размислуваа меѓу себе, велејќи: ‚Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и наследството ќе биде наше!‘

15 И кога го изведоа надвор од лозјето, го убија. Што ќе им направи, пак, господарот на лозјето?

16 Ќе дојде и ќе ги погуби овие лозари, а лозјето ќе го предаде на други.« А оние, што слушаа, рекоа: »Да не даде Бог!«

17 Но Он, кога ги погледна, им рече: »Што значи тогаш напишаното: ‚Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот?‘

18 Секој што падне врз тој камен, ќе се разбие; а врз кого тој падне, ќе го здроби.«

19 И во тој час првосвештениците и книжниците сакаа да стават рака на Него, но се плашеа од народот; оти разбраа дека за нив ја кажа оваа парабола.

20 И следејќи Го, испратија и лукави луѓе, кои се претставуваа за праведни, за да Го фатат во некој збор и да Го предадат на поглаварите и на власта управникова.

21 И Го прашаа, велејќи: »Учителе, знаеме дека право говориш и учиш, и не гледаш кој што е, туку вистински поучуваш за патот Божји;

22 позволено ли е да даваме данок на ќесарот или не?«

23 А Он го разбра нивното лукавство и им рече: »Што Ме искушувате?

24 Покажете Ми еден динариј: Чиј образ и натпис има?« Тие одговорија: »Ќесарев.«

25 Па им рече: »Дајте го ќесаровото на ќесарот, а Божјото на Бога!«

26 И не можеа да ги покудат зборовите Негови пред народот, но се почудија на одговорот Негов и замолкнаа.

27 Тогаш пристапија некои од садукеите, што тврдат дека нема воскресение, па Го прашаа, велејќи:

28 Учителе, Мојсеј ни напиша: ако некој оженет умре без деца, брат му да ја земе неговата жена, и да го подигне потомството на брата си.

29 Имаше седум браќа и првиот, откако се ожени, умре без деца;

30 жена му ја зеде вториот, но и тој умре без деца;

31 ја зеде и третиот, а така исто и сите седуммина и умреа без деца;

32 по сите нив, умре и жената.

33 При воскресението, пак, на кого од нив таа ќе му биде жена, бидејќи со седуммината живеела?

34 Им одговори Исус и рече: »Синовите од овој век се женат и мажат;

35 но оние, што ќе се удостојат да го добијат оној свет и воскресението од мртвите, ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат,

36 и да умрат веќе не можат, оти се еднакви со ангелите и, бидејќи се синови на воскресението, тие се синови Божји.

37 А дека мртвите ќе воскреснат, тоа го посведочи и Мојсеј при капината, кога Го нарече Господа – Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.

38 А Бог не е Бог на мртвите, туку на живите, оти во Него се сите живи.«

39 На тоа, некои од книжниците, рекоа: »Учителе, добро рече!«

40 И не смееја повеќе за ништо да Го прашаат. А Он им рече:

41 »Како, пак, велат дека Христос е син Давидов?

42 Та и сам Давид вели во книгата на псалмите: ‚Му рече Господ на Мојот Господ: седи од Мојата десна страна,

43 дури не ги положам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои!‘

44 И така, Давид, значи, Го нарече Господ. Како тогаш да му е Он син?«

45 И кога сиот народ слушаше, Он им рече на учениците Свои:

46 Чувајте се од книжниците, што милуваат да одат променети и сакаат поздрави по пазариштата, предни места по синагогите и да се први на гозбите;

47 што ги подјадуваат домовите на вдовиците и лицемерно долго се молат; тие ќе добијат потешка пресуда.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy