Лука 15 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Парабола за загубената овца, за парите и за синот. 1 Се приближуваа кон Него сите митници и грешници за да Го слушаат. 2 А фарисеите и книжниците негодуваа, велејќи: »Овој прима грешници и јаде со нив.« 3 Но Исус им ја кажа оваа парабола и рече: 4 »Кој од вас, имајќи сто овци, кога загуби една од нив, не ќе ги остави деведесет и деветте во пустината и не ќе тргне по загубената, додека не ја најде? 5 А откако ќе ја најде, ќе ја крене на рамо радосен; 6 и кога ќе дојде дома, ќе повика пријатели и соседи, и ќе им рече: ‚Радувајте се со мене, оти ја најдов мојата загубена овца!‘ 7 Ви велам, дека така и на небото ќе биде поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници, што немаат потреба од каење. 8 Или која жена, имајќи десет драхми, кога загуби една, нема да запали светило и да ја помете куќата, за да побара внимателно, дури не ја најде? 9 А штом ја најде, ќе повика пријателки и сосетки, велејќи: ‚Радувајте се со мене, оти ја најдов загубената драхма!‘ 10 Таква радост, ви велам, станува и пред ангелите Божји за еден грешник, што се кае.« 11 И рече: »Еден човек имаше два сина. 12 Помладиот од нив му рече на татка си: ‚Татко, дај ми го делот што ми припаѓа од имотот!‘ И таткото им го раздели имотот. 13 По неколку дена, помладиот син, кога собра сѐ, отиде во далечна земја и таму го потроши својот дел, живеејќи блудно. 14 И откако потроши сѐ, настана голем глад во таа земја и тој се најде во мака; 15 па отиде при еден човек во таа земја и се погоди, и тој го прати во своето поле да пасе свињи. 16 И страден беше да го наполни својот стомак со рокчиња што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше. 17 А кога дојде на себеси, рече: ‚Колку наемници при татка ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, умирам од глад. 18 Ќе станам и ќе отидам при татка си и ќе му речам: »Татко, згрешив против небото и пред тебе, 19 и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници«‘. 20 Па стана и отиде при татка си. И кога беше уште далеку, го виде таткото негов и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива. 21 И синот му рече: ‚Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син!‘ 22 А таткото им рече на слугите свои: ‚Изнесете најубава промена и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете; 23 Па дотерајте и заколете угоено теле: да јадеме и да се веселиме, 24 оти овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде‘. И почнаа да се веселат. 25 А постариот негов син беше в поле; и на враќање, кога се приближи до куќата, чу песни и извици. 26 Па, како повика еден од слугите, го праша: ‚Што е ова?‘ 27 А тој му рече: ‚Брат ти си дојде и татко ти закла угоено теле, оти го виде здрав.‘ 28 Тој се налути и нејќеше да влезе. Тогаш излезе татко му и го молеше. 29 А тој му одговори на татка си и му рече: ‚Еве, те служам толку години и никогаш не ја прекршив твојата заповед; и мене не си ми дал ни едно јаре, за да се провеселам со моите пријатели; 30 а кога дојде овој твој син, што го упропасти својот имот со блудници, за него ти закла угоено теле.‘ 31 А он му рече: ‚Синко, ти си секогаш со мене и сѐ мое е твое; 32 но требаше да се зарадуваме и развеселиме, оти овој твој брат беше мртов и оживе, изгубен беше и се најде.‘« |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society