Online Bible

- Reklamy -

Левитска 3 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Закон на жртвите за спасение.

1 »Но, кога некој принесува жртва за спасение, како свој дар на Господа, а ја принесува од говедо, било машко или женско, нека ја принесе пред Господа без недостаток;

2 и нека ги положи рацете свои врз главата на дарот, и нека ја заколе пред Господа при влезот во скинијата на сведоштвото, а свештениците, синовите Аронови, нека ја измијат крвта на жртвеникот одозгора наоколу.

3 Од жртвата за спасение нека Му принесат на Господа принос – лојта што ја обвива внатрешнината и сиот лој по внатрешнината.

4 И обата бубрега и лојот што е на нив и на слабините, и кошулката што е на црниот дроб: нека ја извади со бубрезите;

5 синовите Аронови нека го изгорат тоа на жртвеникот заедно со жртвата сепаленица, што е врз дрвата, на огнот кој е на жртвеникот. Тоа е жртва со благопријатен мирис пред Годспода.

6 Ако, пак, Му се принесува на Господа жртва за спасение од овците, машко или женско, нека принесе таква што е без недостаток.

7 Ако јагне принесува како дар свој, нека го приведе пред Господа;

8 и нека ја положи раката своја врз главата на дарот свој, и нека го заколе пред вратата од скинијата на сведоштвото, а синовите Аронови нека го попрскаат жртвеникот со крвта нејзина наоколу.

9 Потоа од жртвата за спасение нека ја принесат како жртва на Господа и лојта, целата опашка до грбот, сиот лој што ја обвива внатрешнината и сета маст во внатрешнината,

10 и обата бубрега и лојот што е на нив и што е на бедрата, и кошулката околу црниот дроб: сето тоа заедно со бубрезите нека го одделат;

11 свештеникот нека го изгори тоа на жртвеникот; мирис пријатен, принос на Господа.

12 Ако, пак, принесува како дар свој на Господа од козите, нека ја претстави пред Господа,

13 и нека ги положи рацете свои врз главата негова, па нека ја заколе пред Господа пред вратата од скинијата на сведоштвото, а синовите Аронови нека ја излијат крвта врз жртвеникот одозгора наоколу.

14 Потоа свештеникот од неа нека Му го принесе на Господа како принос и лојот, што ја обвива утробата и сиот лој во неа,

15 и обата бубрега, и сиот лој што е околу нив, што е по бедрата, и кошулката на црниот дроб: сето тоа заедно со бубрезите нека го оддели.

16 А свештеникот нека го изгори на жртвеконот; тоа е принос, благопријатен мирис на Господа; сиот лој е за Господа.

17 Тоа нека е вечен закон за сите ваши поколенија, во сите ваши живеалишта: никаков лој и никаква крв да не јадете.«

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy