Online Bible

- Reklamy -

Левитска 24 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Закони за лебовите. Каменување на богохулник. Казни за повреди и убиства.

1 И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:

2 »Заповедај им на синовите Израилеви да земат чист маслинов елеј, исцеден за осветување, та светлото да гори секогаш

3 зад завесата во скинијата на сведоштвото, а ќе го палат Арон и синовите постојано пред Господа од вечерта дури до утрината; и тоа нека ви биде вечна наредба во родовите ваши.

4 На чистиот свеќник палете ги светилата постојано пред Господа дури до утредента;

5 и земете пченично брашно и измесете од него дванаесет лебови – секој леб да тежи по две десетини ефа;

6 поставете ги во два реда, по шест во ред, на чистата трпеза пред Господа.

7 И во секој ред ставете и ливан, како и сол; и тоа нека биде крај лебовите како спомен на приносот за Господа.

8 Секој саботен ден постојано да се предлагаат лебови пред Господа од синовите Израилеви: тоа е вечен завет.

9 Тие да му припаѓаат на Арона и на синовите негови за да ги јадат на свето место; тоа е голема светиња, дел од жртвите за Господа, овековечена со закон.«

10 Тогаш излезе синот на една жена Израилка, што го беше родила со Египтјанин, меѓу синовите Израилеви и се скара со еден Израилец во населбата;

11 и синот на Израилката похули на Господовото име. И го доведоа кај Мојсеја; името на мајката негова беше Саломит, Давринова ќерка од племето Даново;

12 па го ставија в затвор додека не се донесе за него пресуда според заповедта Господова.

13 И му рече Господа на Мојсеја велејќи:

14 »Изведи го оној што хулеше надвор од живеалиштето, а и сите што чуја, нека ги стават рацете свои врз главата негова и целиот народ нека го убие со камења,

15 и кажи им на синовите Израилеви: секој што ќе похули на својот Бог, ќе го прими својот грев;

16 и оној што ќе го навреди името Господово, треба да умре, со камења да го убие сиот народ; било да е тој придојден или тукашен, ако похули на името Господово, да умре.

17 Кој ќе убие човек, да биде умртвен.

18 Кој ќе удри добиток и тој умре, да го плати – добиток за добиток.

19 На оној, што ќе му нанесе повреда на ближен, да му се направи и нему она што го направил тој;

20 прелом за прелом, око за око, заб за заб; како што му нанел повреда на човек, така и нему да му се направи.

21 И кој удри човек и умре, да биде умртвен.

22 Една правда да има како за придојден така и за тукашен, затоа што Јас сум Господ, вашиот Бог.«

23 Тогаш Мојсеј им кажа си на синовите Израилеви; и го изведоа оној што беше похулил надвор од населбата и сиот народ го уби со камења; синовите Израилеви направија така, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy