Online Bible

- Reklamy -

Левитска 21 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Светоста на свештениците.

1 И пак му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи им на свештениците, синовите Аронови, и рече им да не се допираат до мртовец од народот свој.

2 Само до близок роднина свој, до мајка, до татко, до син и до ќерка, до брат,

3 до сестра, која е мома што живее кај него, а немажена, може да се допира, и со тоа да не се осквернува;

4 инаку, не смее да се оскверни со допир до кого и да било од народот свој, за да не стане нечист.

5 Не смеат да ја бричат главата своја, ниту да го расипуваат обликот на брадата своја, ни да прават зарези по телото свое.

6 Тие треба да бидат свети пред својот Бог и да не го осквернуваат името на својот Бог, бидејќи тие сами Му принесуваат дарови на својот Бог, и ќе бидат свети.

7 Тие не смеат да земаат жени блудници и порочни, не смеат да се женат ни со жена, отерана од својот маж, затоа што се тие свети пред Господа, својот Бог.

8 И свет нека ти биде, бидејќи тој Му принесува дар на Господа, вашиот Бог; тој треба да ти биде свет, затоа што сум свет Јас, Господ Бог ваш, Кој ги осветува.

9 Ако свештеничка ќерка се оскверни со блудство, таа го осквернила таткото свој: со оган да биде изгорена.

10 А големиот свештеник меѓу браќата свои, врз чија глава е излеан елеј за помазание, и е совршен за да се облекува во одежди, да не ја открива главата своја и облеката своја да не ја кине;

11 и до никаков мртовец да не приоѓа; да не се осквернува со допир ни до умрениот татко свој и ни до мајката своја.

12 Чад од светилиштето да не излегува за да не го оскверни осветеното од својот Бог, зашто светиот елеј на Божјото помазание е врз него. Јас сум Господ.

13 За жена тој треба да зема девица од родот свој;

14 не смее да зема вдовица или оставена или осквернета или блудница, туку само девица од родот свој тој треба да зема за жена.

15 И да не го осквернува своето потомство во народот свој: затоа што сум Јас Господ Бог, Кој го осветува.«

16 И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:

17 »Кажи му на Арона: никој од твоето семе во сите родови, кој има телесен недостаток, да не пристапува да Му принесува дар на својот Бог.

18 Никој, кој има телесен недостаток, да не пристапува; ни слеп човек, ниту хром, ниту, пак, со крив нос, или со рецкано уво,

19 ниту таков кому му е раката скршена или ногата скршена,

20 ниту грбав, ниту гурелав, ниту со перде на очите, а ни крастав или со лишај, ниту килав.

21 Никој човек од родот на свештеникот Арон, кој е со телесен недостаток, не смее да пристапува за да Му принесува жртва на твојот Бог; бидејќи има недостаток, нека не пристапува да принесува дарови Божји,

22 но од даровите на својот Бог, од осветените жртви, тој може да јаде;

23 само до завесата да не се доближува и до жртвеникот да не пристапува, затоа што има недостаток: да не го оскверни светилиштето на својот Бог, оти Јас сум Господ, Кој ги осветува.«

24 И Мојсеј им го соопшти тоа на Арона и на синовите негови и на сите синови Израилеви.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy