Левитска 10 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Оган ги изгорува Надава и Авиуда. 1 Двата сина Аронови, Надав и Авиуд, земајќи ја секој својата кадилница, ставија оган во нив, па ставија во нив и кадиво, и принесоа пред Господа туѓ оган, иако тоа не им беше заповедал Господ. 2 Тогаш излезе оган од Господа, и ги изгоре, и умреа пред Господа. 3 И му рече Мојсеј на Арона: »Тоа е она што го рече Господ, велејќи преку оние што ќе пристапуваат кон Мене, ќе се осветам и во цел собор ќе се прославувам.« И Арон се смири. 4 Потоа Мојсеј ги повика Мисаила и Елисафана, синовите на Озил, чичкото на Арона, и им рече: »Дојдете и извадете ги браќата ваши од светилиштево надвор од логоров.« 5 И тие пристапија и ги изнесоа заедно со хитоните нивни надвор од логорот, како што рече Мојсеј. 6 Па му рече Мојсеј на Арона и на Елеазара и на Итамара, другите негови синови: »Не откривајте ги вашите глави, а и одеждите ваши да не ги раскинувате, за да не умрете и Господ да не се разгневи на целиот народ, туку браќата ваши, целиот дом Израилев нека плаче поради огнот што се запали од Господа; 7 и не излегувајте од дверите на скинијата на сведоштвото, за да не загинете, зашто елејот за помазание на вас е од Господа.« И направија според зборовите на Мојсеја. 8 И Господ му рече на Арона, велејќи: 9 »Вино и сикер да не пиете, ти и синовите твои, кога ќе влегувате во скинијата на сведоштвото, а и кога ќе пристапувате кон жртвеникот, за да не загинете, тоа нека ви биде вечен закон во поколенијата ваши: 10 за да можете да распознавате што е свето, а што не е; и што е чисто, а што не; 11 учете ги синовите Израилеви на сите заповеди, што им ги кажа Господ преку Мојсеја.« 12 Потоа Мојсеј му рече на Арона, и на Елеазара и на Итамара, другите негови синови: »Земајте од жртвата што ќе преостане и од приносите пред Господа и јадете го тоа кај жртвеникот, зашто тоа е најголема светиња. 13 И јадете го тоа на свето место, бидејќи тоа е законски дел твој и законски дел на синовите твои од приносите пред Господа; зашто така ми заповеда Господ. 14 А градите од жртвата што се принесува и плешките да ги јадете на свето место, ти и синовите твои, и домот твој со тебе, зашто со закон ти се даде тебе и на синовите твои дел од жртвите за спасение, што ги принесуваат синовите Изралеви. 15 Плешките од жртвите што се принесуваат и градите од жртвите вознесувани да се донесуваат заедно со лојот што се вознесува пред Господа, и тоа да биде твое, и на синовите твои, и на ќерките твои со тебе, како дел со вечен закон, како што му заповеда Господ на Мојсеја.« 16 Потоа Мојсеј побара козел како жртва поради грев; но, ете, тој беше изгорел; затоа се разгневи Мојсеј на Елеазара и на Итамара, синовите Аронови и рече: 17 »Зошто не јадевте на свето место, бидејќи тоа е жртва поради грев што е најголема светиња; таа ви ја дава Господ вам да ја јадете, за да го ослободи целиот народ од грев и да се помолите за нив пред Господа; 18 и ете крвта негова не е внесена во светилиштето; зашто требаше да ја јадете на свето место, внатре, како што ми заповеда Господ.« 19 Тогаш му рече Арон на Мојсеја, велејќи: »Еве, тие денес принесоа жртва поради својот грев и жртва сепаленица пред Господа; и ми се случи ова. А да бев јал денес од жртвата за грев, ќе Му беше ли тоа угодно на Господа?« 20 Го чу тоа Мојсеј и му беше угодно. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society