Левитска 1 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Закон за жртвите сепаленици. 1 И го повика Господ Мојсеја, и му рече од скинијата на сведоштвото, велејќи: 2 »Соопшти им на синовите Израилеви, и кажи им: кога некој од вас сака да Му принесе на Господа дарови, од добитокот, од говедата и од овците привесувајте ваш дар. 3 Ако принесува жртва сепаленица од крупен добиток, нека принесе машко, здраво; пред влезот од скинијата на сведоштвото нека ја доведе, за да придобие милост пред Господа. 4 И нека ја возложи раката своја врз главата на жртвета, и ќе придобие милост за очистување; 5 нака се заколе теле пред Господа, а синовите Аронови, свештениците, нека принесат крв, и со неа нека го попрскаат жртвеникот одозгора наоколу, што е пред влезот од скинијата на сведоштовото; 6 потоа жртвата сепаленица нека се одере и нека се исече на делови. 7 А синовите Аронови, свештениците, нека запалат оган на жртвеникот, и нека стават дрва на огнот. 8 Па потоа синовите Аронови, свештениците, нека ги наредат деловите, главата и лојта врз дрвата на огнот, што е на жртвеникот. 9 А внатрешнината и нозете нека се измијат со вода; свештеникот нека го стави сето тоа на жртвеникот; тоа е жртва сепаленица, жртва огнена, со благопријатен мирис пред Господа. 10 А ако принесува жртва сепаленица на Господа од ситен добиток, од овци или од кози, нека принесе јагне или јаре, чисто машко и здраво и да ја постави раката врз главата негова. 11 Да се заколе на северната страна од жртвеникот пред Господа, а синовите Аронови, свештениците, нека го прелијат жртвеникот со крвта одозгора наоколу. 12 И нека се расече на делови, а главата со лојот, свештеникот нека ги стави врз дрвата, што се на огнот врз жртвеникот; 13 а внатрешнината и нозете свештеникот нека ги измие со вода и сето тоа нека го донесе и нека го изгори на жртвеникот; тоа принос жртва, жртва огнена со благопријатен мирис пред Господа. 14 Ако Му принесува на Господа жртва птица како сепаленица, тогаш нека принесе на дар грлица или млад гулаб; 15 свештеникот нека ја принесе на жртвеникот, и извивајќи и ја главата, нека ја откине и нека ја изгори на жртвеникот, крвта да ја исцеди во подножјето на жртвеникот; 16 нека и ги извади гркланот и перјата и заедно со нечистотијата нека ги фрли до жртвеникот од источната страна, каде што е пепелта, 17 па нека ја прекрши меѓу крилјата, но да не ги разделува од неа; и свештеникот потоа нека ја постави на жртвеникот, врз дрвјата што се на огнот; тоа е принос жртва, жртва огненеа со благ пријатен мирис пред Господа.« |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society