Online Bible

- Reklamy -

Јован 9 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Исцелувањето на роден слеп човек во сабота. Фарисеите го испитуваат исцелениот.

1 Кога одеше, виде еден слеп човек од неговото раѓање.

2 Учениците Негови Го прашаа и рекоа: »Рави, кој згрешил? – тој или родителите негови, та се родил слеп?«

3 Исус им одговори: »Ни тој, ниту родителите негови згрешиле, туку за да се јават делата Божји врз него.

4 Јас треба да ги вршам делата на Оној што Ме прати додека е уште ден; оти настапува ноќ, кога не ќе може никој да работи.

5 Дури сум во светот, Јас сум Светлина на светот.«

6 Штом го рече тоа, плукна на земја, направи кал со плунката и ги намачка со неа очите на слепиот,

7 и му рече: »Отиди и измиј се во бањата Силоам, што значи: ‚пратен‘!« Тој отиде, се изми и дојде прогледал.

8 А соседите и оние, што порано го беа гледале како слеп, рекоа: »Зар не е овој што седеше и просеше?«

9 Едни велеа: »Тој е«, а други: »Личи на него.« Тој, пак, зборуваше: »Јас сум.«

10 Тогаш го прашаа: »Како ти се отворија очите?«

11 Тој одговори и рече: »Еден Човек, Кој се вика Исус, направи кал, ми ги намачка очите и ми рече: ‚Отиди во бањата Силоам и изми се!‘ Отидов, се измив и прогледав.«

12 Му рекоа пак: »Каде е Он?« Тој рече: »Не знам.«

13 Тогаш го одведоа кај фарисеите човекот, кој порано беше слеп.

14 А беше сабота, кога направи Исус кал и му ги отвори очите.

15 Го прашаа, пак, исто така и фарисеите: »Како прогледа?« Тој им одговори: »Ми кладе кал на очите и се измив, и гледам.«

16 Тогаш некои од фарисеите рекоа: »Не е од Бога Овој Човек, штом не ја уважува саботата.« Други рекоа: »Како може грешен човек да прави такви чудеса?« И настана расправија помеѓу нив.

17 Пак му рекоа на слепиот: »Ти што велиш за Него? Кој ти ги отвори очите?« А тој рече: »Пророк е.«

18 Но Јудејците не поверуваа за него дека бил слеп и прогледал, додека не ги повикаа родителите на прогледаниот,

19 и ги прашаа: »Дали е овој вашиот син, за кого велите дека се родил слеп?«

20 Родителите негови одговорија и им рекоа: »Знаеме дека е овој наш син, и дека се роди слеп;

21 но како сега гледа, не знаеме; или, кој му ги отвори очите, не знаеме. Тој е голем; прашајте го него, нека ви каже сам за себе!«

22 Ова го рекоа неговите родители, оти се боеја од Јудејците; зашто Јудејците се беа согласиле да биде исклучен од синагогата секој, што ќе Го признае за Христа.

23 Затоа и родителите негови рекоа: »Тој е возрасен, него прашајте го!«

24 Тогаш повторно го повикаа човекот што беше порано слеп и му рекоа: »Прослави Го Бога; ние знаеме дека Оној Човек е грешен.«

25 А тој одговори и рече: »Дали е грешен, не знам; но знам дека бев слеп, а сега гледам.«

26 Пак му рекоа: »Што ти направи? Како ти ги отвори очите?«

27 Тој им одговори: »Јас ви реков веќе и не чувте, што сакате пак да чуете? Да не сакате можеби и вие да Му станете ученици?«

28 А тие го укорија и му рекоа: »Ти си Негов ученик, а ние сме Мојсееви ученици.

29 Ние знаеме дека со Мојсеја говорел Бог; а Овој не знаеме од каде е.«

30 Одговори човекот и им рече: »Тоа е и за чудење, што вие не знаете од каде е, а мене, сепак, ми ги отвори очите.

31 Знаеме дека Бог не слуша грешници: но оној што Го почитува Бога и ја исполнува Неговата волја, него го слуша.

32 Откако е веков, не се чуло некој да отворил очи на слепороден.

33 И ако Он не беше од Бога, не можеше да направи ништо.«

34 Одговорија и му рекоа: »Сиот си во гревови роден, па зар ти нас ќе нѐ учиш?« И го испадија надвор.

35 Исус чу дека го истерале, па како го најде, му рече: »Веруваш ли ти во Синот Божји?«

36 Тој одговори и рече: »А кој е, Господи, па да поверувам во Него?«

37 Исус му рече: »И си Го видел, и Кој зборува со тебе, Он е.«

38 А тој рече: »Верувам, Господи!« И Му се поклони.

39 И рече Исус: »За суд дојдов Јас во овој свет, за да прогледаат слепите, а оние што гледаат, да станат слепи.«

40 Го чуја тоа некои од фарисеите, што беа со Него, и Му рекоа: »Зар сме и ние слепи?«

41 Исус им рече: »Да бевте слепи грев немаше да имате; а сега велите оти гледате, затоа и гревот ви останува.«

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy