Јован 21 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Исус се јавува кај Тиверијадското Море. Му поставува три прашања на Петра. Пророкувањето за Петра и за Јована. Крајот на книгата. 1 Потоа пак им се јави Исус на учениците Свои кај Тиверијадското Море. А тоа се случи вака: 2 Беа заедно Симон Петар и Тома, кого го викаа Близнак, и Натанаил од Кана Галилејска, и Заведеевите синови, и двајца други од учениците Негови. 3 Симон Петар им рече: »Ќе одам да ловам риба.« Му рекоа: »И ние ќе дојдеме со тебе.« Тогаш излегоа и веднаш влегоа во кораб, но таа ноќ ништо не уловија. 4 А кога се раздени, застана Исус на брегот, само учениците не Го познаа дека е Исус. 5 Исус им рече: »Деца, имате ли нешто за јадење?« Му одговорија: »Не.« 6 А Он им рече: »Фрлете ја мрежата од десната страна на коработ и ќе најдете!« Ја фрлија, и не можеа веќе да ја извлечат од многу риби. 7 Тогаш ученикот, што го сакаше Исус, му рече на Петра: »Господ е.« А Симон Петар, штом чу дека е Господ, си ја препаша облеката – оти беше необлечен, и се фрли во морето. 8 А другите ученици, влечејќи ја мрежата со риби, дојдоа со кораб, оти не беа далеку од брегот, но само околу двесте лакти. 9 Кога пак излегоа на земјата, видоа накладен оган, и на него ставена риба и леб. 10 Исус им рече: »Донесете од рибите што ги уловивте сега!« 11 А Симон Петар влезе и ја извлече мрежата на земја, полна со крупни риби, на број сто педесет и три; и макар што беа толку многу, мрежата не се скина. 12 Исус им рече: »Дојдете, јадете!« И никој не смееше да Го праша: »Кој си Ти?«, оти гледаа дека е Господ. 13 Се приближи Исус, зеде леб и им даде, исто така и риба. 14 Ова беше веќе третпат како им се јави Исус на учениците Свои, откако воскресна од мртвите. 15 А кога завршија со јадењето, Исус му рече на Симона Петра: »Симоне Јонин, Ме љубиш ли повеќе отколку овие?« Петар Му рече: »Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам.« Исус му рече: »Паси ги јаганцата Мои!« 16 Го праша пак, повторно: »Симоне Јонин, љубиш ли Ме?« Петар Му кажа: »Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам.« Исус му рече: »Паси ги овците Мои!« 17 И по третпат му рече: »Симоне Јонин, Ме сакаш ли?« Петар се нажали дека по третпат го праша: »Ме сакаш ли?« И Му рече: »Господи, Ти сѐ знаеш; Ти знаеш дека Те сакам.« Исус му рече: »Паси ги овците Мои! 18 Вистина, вистина ти велам: кога беше помлад, сам се опашуваше и одеше каде што сакаше; кога ќе остариш, ќе ги рашириш рацете свои, и друг ќе те опаше и поведе на каде што нејќеш.« 19 А ова го рече, за да покаже со каква смрт ќе Го прослави Петар Бога. И штом го кажа тоа, му рече: »Оди по Мене!« 20 А Петар, кога се заврти, виде дека по него оди оној, кого го милуваше Исус, и кој на вечерата се беше навалил на градите Негови и рекол: »Господи, кој ќе Те предаде?« 21 Штом го виде Петар него, Му рече на Исуса: »Господи, а овој, пак, зошто?« 22 Исус му рече: »Ако сакам тој да остане, дури дојдам, тебе што ти е? Ти врви по Мене!« 23 И се пренесе овој збор меѓу браќата, дека тој ученик нема да умре. Но Исус не му рече дека нема да умре, туку: »Ако сакам тој да остане, додека дојдам, тебе што ти е?« 24 Тој е ученикот, кој сведочи за овие настани и ги напиша; и знаеме дека сведоштвото негово е вистинско. 25 А има многу други работи што ги изврши Исус, и кои, ако би се напишале по ред, ми се чини, не би можеле да се сместат во целиот свет напишаните книги. Амин! |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society