Online Bible

- Reklamy -

Јован 16 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Продолжение и крај. За враќањето при Отецот.

1 »Ова ви го кажав, за да не се соблазните.

2 Ќе ве истеруваат од синагогите. Но ќе настапи и време, кога секој, што ќе ве убие, ќе мисли дека на Бога Му принесува служба.

3 И тоа ќе го прават, оти не Го познаа Отецот, ниту Мене.

4 Но ви го кажав тоа, та кога ќе дојде времето, да се сетите дека Јас сум ви рекол; а од почетокот не ви го зборував ова, зашто бев со вас.

5 А сега одам кај Оној, Кој што Ме прати, и никој од вас не Ме праша: ‚Каде одиш?‘

6 Но затоа што ви го кажав ова, срцата ваши се исполнија со тага.

7 Но Јас вистината ви ја кажувам: подобро е за вас Јас да си отидам, оти, ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас; ако, пак, заминам, ќе ви Го пратам.

8 А Он, кога ќе дојде, ќе го изобличи светот за грев, и за правда, и за суд:

9 за грев – дека не веруваат во Мене;

10 за правда – оти Јас си одам при Својот Отец, и веќе нема да Ме видите;

11 а за суд – зашто кнезот на овој свет е осуден.

12 Имам уште многу да ви кажувам, но сега не можете да носите.

13 А кога ќе дојде Он, Духот на вистината, ќе ве упати во секоја вистина; но од Себе нема да зборува, а ќе говори што чуе, и ќе ви ја каже иднината;

14 Он Мене ќе Ме прослави, зашто од Моето ќе земе и ќе ви јави.

15 Сѐ што има Отецот, Мое е; затоа и ви реков дека од Моето ќе земе и ќе ви јави.

16 Уште малку, и нема да Ме гледате, и, по малку, пак ќе Ме видите, зашто си одам при Отецот.«

17 А некои од учениците Негови си рекоа помеѓу себе: »Што е тоа, што ни вели: ‚Уште малку, и нема да Ме видите‘ и дека ‚Јас си одам при Отецот‘?«

18 И си зборуваа: »Што е тоа, што вели: ‚Уште малку‘?«

19 Разбра Исус дека сакаат да Го прашаат, и им рече: »Затоа ли се прашувате помеѓу себе, што реков: ‚Уште малку, и нема да Ме гледате‘ и ‚По малку, пак ќе Ме видите‘?

20 Вистина, вистина ви велам дека вие ќе заплачете и ќе заридате, а светот ќе се зарадува; и вие ќе бидете нажалени, но жалоста ваша ќе се претвори во радост.

21 Жена, кога раѓа, има болки, оти ѝ дошло времето нејзино; но штом ќе го роди детето, од радост не ги помни веќе болките, зашто се родил човек на светот.

22 Па така и вие, сега сте нажалени; но Јас пак ќе ве видам, и ќе се зарадува срцето ваше, и радоста ваша никој нема да ви ја одземе;

23 и во тој ден нема да Ме прашате за ништо. Вистина, вистина ви велам: што и да посакате од Отецот, во Мое име, ќе ви даде.

24 Досега ништо не сте барале во Мое име; барајте и ќе добиете, за да биде радоста ваша полна.

25 Ова во параболи ви го кажував; но ќе дојде час, кога нема веќе во параболи да зборувам, туку откриено ќе ве известам за Отецот.

26 Во тој ден ќе побарате во Мое Име, и не ви велам, дека Отецот ќе Го помолам за вас;

27 оти Отецот Сам ве милува, зашто вие Ме засакавте и поверувавте дека Јас сум излегол од Бога.

28 Излегов од Отецот и дојдов во светот; сега пак го оставам светот и одам при Отецот.«

29 Му рекоа учениците Негови: »Еве, сега откриено зборуваш и никаква парабола не кажуваш.

30 Сега знаеме дека знаеш сѐ, и нема потреба никој да Те прашува. Заради тоа веруваме дека од Бога си излегол.«

31 Им одговори Исус: »Сега ли верувате?

32 Ете, иде часот, и настапува веќе, за да се разбегате секој при своите, а Мене Сам да Ме оставите; но Јас не сум Сам, бидејќи Отецот е со Мене.

33 Ова ви го реков, за да имате мир во Мене. Во светот ќе имате маки; само не бојте се, зашто Јас го победив светот.«

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy