Јов 7 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Јов Му се моли на Бога или да се смилува на него или да му го одземе животот. 1 »Не ли е испит земниот живот за човекот? Дните негови не се ли како дни на наемник? 2 Како што слугата копнее за сенка, и како што наемникот го чека крајот на работата своја, 3 така и јас добив наследство суетни месеци; тажните ноќи ми се избројани. 4 Легнувајќи, си мислам: кога ли ќе станам? А кога станувам се прашувам: како ќе ја дочекам вечерта? Се измачувам од вечерта до утрото. 5 Телото ми е покриено со црви и прашливи наслаги; кожата ми се распукнува и гнои; 6 дните ми летаа побрзо од совалка и исчезнуваат без надеж. 7 Спомни си, дека животот мој е ветар, дека окото мое нема веќе добро да види. 8 Нема да ме види окото на оној што ме видел; Твоите очи се на мене, – а мене ме нема, 9 како кога облак се проретчува и исчезнува, така слезениот во гроб нема да излезе; 10 нема повеќе да се врати во куќата своја; ни местото негово нема веќе да го познае. 11 Затоа нема да ја воздржувам устата своја; ќе говорам иако сум тажен во духот свој, ќе се поплакувам во горчината на душата своја. 12 Зар сум море или морско чудовиште, та си поставил стража над мене? 13 Кога ќе си помислам: ‚Моето легло ќе ме утеши; мојата постела ќе ја однесе тагата моја.‘ 14 Ти ме плашиш со соништата и со привиденија ме ужасуваш; 15 Затоа душата моја сака повеќе да се прекине дишењето, подобро смрт; смртта ми е помила од моите маки. 16 Ми омрзна животот: Нема вечно да живеам. Оддалечи се од мене, дните мои се само суета. 17 Што е човекот, та толку си го издигнал? И такво внимание му обрнуваш? 18 Зошто го посетуваш секое утро? Зошто го искушуваш секој миг? 19 Кога ќе ме оставиш? Кога ќе си одиш од мене? Кога ќе ми дозволиш плунката своја јас да ја голтнам? 20 Ако сум згрешил, што да правам, о Чуваре над луѓето? Зошто го стави Својот знак на мене, па да сум Ти на товар? 21 Зар престапот мој не можеш да го поднесеш? Зар не можеш да го презреш беззаконието мое? Зашто, ете, уште малку ќе мине и во прав ќе легнам; утре ќе ме побараш, а нема да ме има.« |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society