Јов 5 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Казната е плод на нечист живот. Казнетиот треба да се обрне кон Бога. 1 »Ајде викај! Има ли кој да ти одговори? Кон кого од светиите мислиш да му се обрнеш? 2 Вистина, гневот го убива глупавиот, раздразнетоста го погубува безумниот. 3 Видов како глупавиот се закоренува, но веднаш проклетството на домот негов падна. 4 Децата негови се далеку од спасение, нив ќе ги бијат кај портите; зашто ќе нема кој да ги заштити. 5 Жетвата негова ќе ја изедат гладните, низ трњето ќе ја извлечат; жедните ќе го голтнат имотот негов. 6 Не, жалоста не излегува од земјата, нити злото изникнува од нивата; 7 човекот се раѓа, за да страда, како и искрите – за да летаат угоре. 8 Но јас би се обрнал кон Бога и делото свое пред Бога би го поставил. 9 Он создава дела големи и неиспитливи, чудни и без број, 10 и дава дожд на земјата и им испраќа вода на полињата; 11 понизените ги издигнува на високо, и натажените ги утешува и ги спасува. 12 Он го урива она што лукавите го градат, рацете нивни не го довршуват започнатото. 13 Он ги фаќа мудрите со нивното лукавство, и замислата на итрите се осуетува; 14 Среде бел ден запаѓаат во темнина; попладне одат со пипање, како ноќе. 15 Он го спасува сиромавиот од меч, од устата нивна и од раката на силниот. 16 И за сиромавиот има надеж, а неправдата сама ја затвора устата своја. 17 Блажен е оној човек кого Бог го вразумува. Затоа не ја отфрлувај казната од Вседржителот, 18 зашто Он нанесува рани и Самиот ги преврзува; Он поразува, и Неговите раце лекуваат. 19 Од шест беди ќе те избави и во седмата зло нема да те стигне. 20 Во време на глад ќе те спаси од смрт, и во војна – од силата на мечот. 21 Од камшикот на јазикот ќе се сокриеш, и нема да се уплашиш од опустошувањето – кога ќе дојде. 22 На опустошувањето и на гладот ќе им се потсмееш, од ѕверовите земни нема да се уплашиш, – 23 зашто си во сојуз со камењата полски, а полските ѕверови се во мир со тебе. 24 Ќе дознаеш дека шаторот ти е во безопасност, ќе си ја гледаш куќата и нема да згрешиш. 25 Ќе видиш, оти семето ти е многубројно, дека филизите твои се како трева на земјата. 26 Ќе легнеш во гроб кога ќе стигнеш до зрелост, како што се редат житните снопја. 27 Ете, тоа сме го испитале: вистината е жива; затоа чуј го сето ова и запомни го добро.« |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society