Online Bible

- Reklamy -

Јов 2 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Сатаната пак го обвинува Јова пред Господа. Него го напаѓа болест и жената го навредува; го посетуваат тројца пријатели.

1 Еден ден дојдоа синовите Божји да застанат пред Господа; меѓу нив дојде и сатаната да застане пред Господа.

2 И му рече Господ на сатаната: »Од каде дојде?« Му одговори сатаната на Господа и рече: »Одев по земјата и ја обиколив.«

3 Тогаш му рече Господ на сатаната: »Обрна ли внимание на Мојот слуга Јов? Зашто на земјата нема таков како него: човек непорочен, праведен, богобојазлив и кој го одбегнува злото, и уште цврсто се држи во својата непорочност, иако ти Ме поттикнуваше, да го погубам без вина.«

4 Му одговори сатаната на Господа и рече: »Кожа за кожа, а за животот свој човек ќе даде и сѐ што има;

5 но ајде пружи рака и допри се до коските негови и плотта негова, – ќе Те благословува ли и тогаш?«

6 И му рече Господ на сатаната: »Ете, тој е во твоја рака; само душата не земај му ја.«

7 Си отиде сатаната од лицето Господово и го порази Јова со лута рана – од стапалките на нозете негови до самото теме негово.

8 И си зеде Јов тогаш цреп за да се чеша со него, и седеше на буништето надвор од градот.

9 И му рече неговата жена: »Зар си уште цврст во добротата своја. Навреди Го Бога и умри!«

10 Но тој ѝ рече: »Говориш како безумна. Зар доброто го примаме од Бога, а злото да не го поднесуваме?« – Во сето тоа Јов не згреши со устата своја.

11 Слушнаат тројцата пријатели Јовови за сите тие зла што го беа снашле, па тргнаа секој од своето место: Елифаз од Темна и Вилдад од Сува и Софар од Нам; се состанаа, за да одат да тагуваат заедно со него и да го утешуваат.

12 И кога кренаа очите од далеку, тие не го познаа; па викаа со силен глас, та заплакаа; секој ја раскина својата горна облека и се посипаа со земја врз главите свои.

13 И седеа со него на земјата седум дена и седум ноќи: никој ни збор не му проговори, бидејќи гледаа оти страдањето му беше многу големо.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy