Јоил 3 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Казна Божја над непријателот и радост. 1 Зашто, ете, во оние денови и во тоа исто време, кога ќе ги вратам плениците на Јуда и од Ерусалим, 2 тогаш ќе ги соберам сите народи и ќе ги доведам во долината Јосафатова, и таму над нив ќе изречам суд за Мојот народ и за Моето наследство – Израилот, кого го растурија меѓу народите и земјата Моја ја разделија. 3 За народот Мој фрлија жреб и даваа момче за блудница, и продаваа девојче за вино, па пиеја. 4 Па што барате од Мене вие, Тире и Сидоне и сите краеви филистејски? Сакате ли да Ми отплатите или рака да Ми вратите? Но наскоро ќе ја свртам отплатата ваша врз вашите глави, 5 бидејќи вие го зедовте среброто Мое и златото Мое и Моите највредни драгоцености и ги внесовте во безбожнички светилишта; 6 а синовите на Јуда и на Ерусалим ги продавате на синовите елински, за да ги отстраните од нивните предели. 7 Еве, Јас ќе ги кренам од она место, каде што ги продадовте, и ќе ја свртам вашата отплата врз главите ваши. 8 И ќе ги предадам синовите ваши и ќерките ваши во рацете на синовите Јудини, и тие ќе ги предадат на Савејците, народ далечен. Така вели Господ Саваот. 9 Кажете го ова меѓу народите, пригответе се за војна, кренете ги јунаците, нека дојдат и нека станат сите војници. 10 Прековајте ги плуговите свои во мечеви, а срповите во копја; и слабиот нека вели: силен сум. 11 Побрзајте, вие народи, сите наоколу и соберете се. Господи, поведи ги јунаците Свои! 12 Нека се кренат народите и нека слезат во долината Јосафатова; зашто таму ќе седнам Јас за да им судам на народите по ред. 13 Мавнете со срповите, зашто зрело е житото; одете, слезете, зашто полна е кацата и бочвите се преполнети, оти злобата им е голема. 14 Групи, групи во долината на судот! Оти близу е денот Господен во долината на судот. 15 Сонцето и месечината ќе потемнат, и ѕвездите ќе го изгубат својот сјај. 16 И ќе загрми Господ од Сион и ќе го испушти гласот Свој од Ерусалим: ќе затреперат небото и земјата; но Господ ќе му биде заштита на Својот народ и одбрана за синовите Израилеви. 17 Тогаш ќе познаете дека Јас сум Господ, вашиот Бог, Кој живее на Сион, на Мојата света гора; и ќе стане Ерусалим светиња, и нема повеќе туѓинци да минуваат низ него. 18 И, ете, во тој ден, во тој ден од горите ќе капе вино, а од ридовите ќе потече млеко, и сите долини јудејски ќе се преполнат со вода, а од домот Господен ќе се појави извор, и ќе ја напојува долината Ситим. 19 Египет ќе стане пустиња и Едом ќе стане пустиња, бидејќи тие ги измачуваа синовите Јудини и проливаа невина крв во земјата нивна. 20 А Јуда ќе живее вечно, и Ерусалим – од род во род. 21 Јас ќе ја измијам крвта нивна, која уште не сум ја измил, и Господ ќе живее на Сион. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society