Јоил 2 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Позив на покајание. Светиот Дух. 1 Трубете со труби на Сион и викајте на Мојата света гора; нека треперат сите жители земни, оти настапува денот Господен, бидејќи е близу, 2 денот на темнина и мрак денот облачен и маглив: како зората ќе се шири по горите многуброен народ и силен каков што немало од векот и каков што не ќе има потоа од род во род. 3 Пред него оган ќе голта, а зад него пламен ќе пали; пред него е земјата како Едемска градина, а зад него земјата ќе биде опустошена како пустиња, и за никого од него нема да има спас. 4 Изгледаат како коњи, потскокнуваат како коњаници, 5 скокаат преку горските врвови како со тропот од коли, како праскот од огнен пламен, кој гори слама – како силен народ построен за борба. 6 Штом ќе се појави, ќе затреперат народите; лицата на сите ќе им пребледат. 7 Како борци ќе трчаат и како храбри борци ќе се искачуваат по карпите, и секој ќе си оди по својот пат и нема да се отстранува од патот свој. 8 И нема да се притискаат еден со друг, а ќе паѓаат врз копја, но ќе остануваат неповредени. 9 Ќе трчаат по градот, ќе се искачуваат по ѕидовите, ќе влегуваат во куќите, ќе влегуваат и низ прозорците како крадачи. 10 Пред нив ќе се потресе земјата, ќе се расклати небото, сонцето и месечината ќе потемнат, а и ѕвездите ќе ја изгубат светлината своја. 11 И Господ ќе го пушти гласот Свој пред Својата војска, зашто силата воинствена Негова е многу голема, и силен е оној што ќе ја извршува волјата Негова; оти голем е денот Господен и многу е страшен, и кој ќе истрпи? 12 Но и уште сега вели Господ: обрнете се кон Мене од сѐ срце со пост, плач и ридание. 13 Раскинете ги срцата свои, а не облеката и обрнете се кон Господа вашиот Бог: зашто Он е благ и милосрден, долготрпелив и многумилостив и сожалува за злото. 14 кој знае дали нема да се смили и дали ќе остави благослов: лебен принос и прелив за Господа, вашиот Бог? 15 Затрубете со труба на Сион, наредете пост и објавете свечен собир. 16 Соберете го народот, свикајте собир, поканете ги и старците, соберете ги децата и цицалчињата; нека излезе младоженецот од својата одаја и невестата од својата горна одаја. 17 Меѓу тремот и жртвеникот нека плачат свештениците, служителите на Господа и нека велат: »Смилувај се, Господи, над народот Свој, не предавај го наследството Свое на срам, та да не се подигруваат со него народите! Зошто меѓу нив да се зборува – каде е нивниот Бог?« 18 Тогаш Господ ќе поревнува за земјата Своја, па ќе се смили и на народот Свој. 19 Тогаш ќе одговори Господ и ќе му рече на народот Свој: »Еве, Јас ќе ви пратам леб, вино и елеј, и ќе се наситите со тоа, и нема повеќе да ве предавам на поруга пред народите. 20 И непријателот од север ќе го мавнам и ќе го протерам во безводна и пуста земја – предната сила – во источното море, а задната – во западното море, и ќе се крене омразата од него, и ќе се почувствува смрдеа, зашто тој беше направил големо зло. 21 Не бој се, земјо; радувај се и весели се, зашто голем е Господ и може да го направи тоа. 22 Не бојте се ѕверови полски, зашто пасиштата на пустињата ќе се наполнат со трева, дрвјата ќе го дадат својот плод, смоквата и лозјата ќе ја покажат својата сила. 23 А и вие, чеда Сионови, радувајте се и веселете се во Господа, вашиот Бог; оти Он ќе ви дава умерен дожд, па ќе ви праќа дожд – дожд ран и дожд доцен, како и порано. 24 И ќе се наполнат гумната со жито и ќе се преполнат бочвите со гроздов сок и со елеј. 25 И ќе ви надоместат за оние години, кога испојадоа сѐ скакулците, црвите, бумбарите и гасениците – Мојата голема војска што ја пратив против вас. 26 И до наситка ќе јадете и ќе се наситувате и ќе го славите името на Господа, вашиот Бог, Кој пред вас изврши големи чудеса, така што Мојот народ нема да се посрами довека. 27 И ќе познаете дека Јас сум меѓу Израилот и дека Јас сум Господ, вашиот Бог, и дека нема друг, и Мојот народ нема да се посрами довека. 28 И, ете, потоа ќе излеам од Мојот Дух врз секоја плот, и синовите ваши и ќерките ваши ќе пророкуваат; старците ваши ќе сонуваат соништа и младите ваши ќе гледаат виденија. 29 А и врз слугите и слугинките во оние денови ќе излеам од Мојот Дух. 30 И ќе покажам знаци на небото и на земјата: крв, оган и столбови од дим. 31 Сонцето ќе се преобрати во темнина, а месечината – во крв, пред да настапи денот Господен, великиот и страшниот. 32 Тогаш секој, што ќе го призовува името Господово, ќе се спаси; бидејќи на гората Сион и во Ерусалим ќе има спасение, како што вели Господ, а и по другите места, што ќе ги повика Господ.« |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society