Online Bible

- Reklamy -

Јаков 5 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


За лажливото богатство. Трпеливост спрема браќата. За лесномисленото колнење, за моќта на молитвата и љубовта спрема грешникот.

1 Елате сега вие, богатите: плачете и ридајте за страшните маки, што идат на вас.

2 Богатството ваше изгни, а алиштата ваши молци ги изгризаа.

3 Златото ваше и среброто ви за'рѓа и 'рѓата нивна ќе биде сведоштво против вас и ќе го изеде телото ваше како оган: сте собрале богатство за последните дни.

4 Ете, платата, што сте ја задржале од работниците, кои работеа на вашите ниви, и извиците на жетварите дојдоа до ушите на Господа Саваот.

5 Се веселевте на земјата и се насладувавте, ги потхранивте срцата ваши како за ден на клање.

6 Осудивте, убивте праведник; и тој не се бранеше.

7 Бидете трпеливи, браќа мои, до доаѓањето на Господа! Ете, земјоделецот чека драгоцен плод од земјата и долго трпи за него, додека не добие дожд, ран или доцен.

8 Па трпете и вие, укрепете ги срцата свои, оти доаѓањето на Господа се приближи.

9 Не оплакувајте се, браќа, еден на друг, та да не бидете осудени: ете, Судијата стои пред вратата.

10 Браќа, како пример на страдања и долготрпенија земете ги пророците, што зборуваа во името Господово.

11 Ете, блажени се оние што претрпеа. Сте чуле за трпението на Јов и узнавте каков крај му даде Господ, затоа што Господ е многумилостив и се смилува на него.

12 А пред сѐ, браќа мои, не колнете се ни во небото, ни во земјата, ниту пак со некоја друга клетва, и зборот нека ви биде да – да и не – не, за да не паднете на суд!

13 А ако некој од вас страда, нека Му се моли на Бога; весел ли е, нека го фали Господа!

14 Болен ли е некој меѓу вас, нека ги повика свештениците црковни, та да се помолат над него, и нека го помажат со елеј во името Господово.

15 И молитвата со вера ќе го исцели болниот, и Господ ќе го крене; и гревови, ако направил, ќе му се простат.

16 Исповедајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг, за да се исцелите: голема сила има усрдната молитва на праведникот.

17 Илија беше човек смртен, како и ние, и со молитва Му се помоли на Бога да нема дожд: и не падна дожд на земјата три години и шест месеци.

18 И пак се помоли: и небото даде дожд, и земјата го даде својот плод.

19 Ако, браќа, некој од вас се отклони од вистината, и друг го поврати,

20 тој, нека знае, дека оној што обрати грешник од лажливиот пат, спасува една душа од смрт и ќе покрие многу гревови.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy