Online Bible

- Reklamy -

Јаков 4 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Противење на желбите. Потребно е понизување пред Господа. Не треба човек да се надева во световните работи.

1 Од каде се војните и расправиите меѓу вас? Не оттаму ли – од вашите похоти, кои се борат во органите ваши?

2 Пожелувате и немате; убивате и завидувате, и не можете да добиете; се препирате и војувате, а немате, бидејќи не молите.

3 Просите, а не добивате, оти зло барате, за да го трошите во вашите похоти.

4 Прељубодејци и прељубодејки, не знаете ли, дека пријателството од овој свет е непријателство на Бога? Оти, кој сака да му е пријател на светот, му станува непријател на Бога.

5 Или, пак, мислите дека Писмото напразно зборува: »Со ревност го љуби духот, што го вселил во нас.«

6 А дава поголема благодат; затоа е речено: »Бог се противи на горделивете, а на смирените им дава благодат«.

7 Па затоа, покорете Му се на Бога; а противете се на ѓаволот, и тој ќе побегне од вас!

8 Приближете се кон Бога, и Он ќе се приближи кон вас; исчистете ги рацете, грешници, поправете ги срцата свои, непостојани!

9 Бидете нажалени и плачете и ридајте: смевот ваш нека се претвори во плач, а радоста во тага!

10 Понизете се пред Господа, и ќе ве подигне!

11 Не напаѓајте се еден со друг, браќа: оти, кој го напаѓа братот свој или го суди, тој го напаѓа Законот и го суди Законот. А ако, пак, го судиш Законот, тогаш ти не си извршител на Законот, туку судија.

12 Еден е Законодавецот и Судијата, Кој може да спаси и погуби: а ти, кој си, што осудуваш друг?

13 Слушајте сега вие, кои велите: »Денес или утре ќе тргнеме во оној град и таму ќе останеме една година, ќе тргуваме и ќе спечалиме«,

14 вие, кои не знаете што ќе стане утре: оти, што е вашиот живот? Тој е пара, која се појавува за кратко време, па исчезнува.

15 Место да велите: »Ако сака Господ да бидеме живи, ќе направиме тоа и тоа«.

16 А сега се фалите со својата гордост. Секоја таква фалба е лукава.

17 И така, грев е за оној, кој знае да прави добро, а не го прави.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy